Лого на YouVersion
Икона за пребарување

БРОЕВИ 34

34
Граници на Ханаанска Земја
1Господ му рече на Мојсеја: 2„Дај им повелба на Израелевите синови и речи им: ‘Кога ќе влезете во Ханаанската Земја, таа земја ќе ви припадне во наследство; Ханаанската Земја со нејзините граници: 3Јужната страна ќе се тегне од пустината Син покрај Едом. Јужната граница ќе ви почнува од крајот на Соленото Море на источната страна. 4Тогаш границата ќе ви заврти кон југ, кон Акравимската Стрмнина, и ќе продолжи преку Син. Ќе допре на југ до Кадис-Варни; потоа ќе излезе кон Хасар-Адар и ќе продолжи до Асмон. 5Од Асмон границата ќе сврти кон Египетскиот Поток и ќе излезе на море.’ 6‘Големото Море ќе ви биде западна граница; тоа нека ви е меѓа кон запад.’ 7‘А ова ќе ви биде северна граница: од Големото Море повлечете линија на гората Ор; 8тогаш повлечете линија од Ор до влезот во Емат; завршеток на границата ќе биде Седад. 9Тогаш границата ќе се продолжи до Зифрон и ќе заврши во Хасар-Енан. Тоа ќе ви биде северна граница.’
10‘За своја источна граница повлечете линија од селото Хасар-Енан до Сефам. 11Границата ќе се спушта од Сефам до Ривла, источно од Аин. Оттаму границата ќе се спушти и ќе допре до источниот брег на Хинеротското Езеро. 12Потоа границата ќе се спушти, низ Јордан, за да заврши при Соленото Море. Тоа ќе биде ваша земја со нејзините граници наоколу.’“
13Тогаш Мојсеј им нареди на Израелевите синови: „Тоа е земјата што со жрепка ќе ја добиете во наследство, а за која Господ нареди да ја добијат девет племиња и половината од едно племе. 14Зашто племето на Рувимовите синови според нивните семејства; потоа племето на Гадовите синови според нивните семејства, веќе го добија нивното наследство, како што го прими своето наследство и половината од Манасиевото племе. 15Тие две ипол племиња го примија своето наследство отаде Јордан, спроти Ерихон, на источната страна.“
16Господ му рече на Мојсеја: 17„Ова се имињата на луѓето, кои ќе ви ја поделат земјата: свештеникот Елеазар и Навиновиот син Исус; 18и земи од секое племе по еден главатар за делба на земјата. 19Ова се имињата на тие луѓе: Халев, син Ефониев, од Јудиното племе; 20Самоил, син Амиудов, од Симеоновото племе; 21Елидад, син Хислонов, од Венијаминовото племе; 22кнезот Вакхир, Еглиевиот син, од Дановото племе; 23Од Јосифовите синови: кнезот Анил, син Суфидов, од племето на Манасиевците; 24кнезот Камуил, син Сафтанов, од племето на Ефремовците; 25кнезот Елисафан, син Фарнаков, од племето на Завулоновците; 26кнезот Фалтиил, син Азанов, од племето на Исахаровците; 27кнезот Ахиуд, син Селомиев, од племето на Асировците; 28кнезот Федаил, син Амиудов, од племето на Нефталимовците.“ 29Тоа се оние на кои Господ им наложи да им го поделат наследството на Израелевите синови во Ханаанската Земја.

Селектирано:

БРОЕВИ 34: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се