БРОЕВИ 10
10
1Господ му рече на Мојсеја: 2„Направи си две труби; направи ги од ковано сребро. Нека ти служат за свикување на заедницата и за раздвижување на логорот. 3Кога ќе се затруби со нив, сета заедница нека се собере кон тебе при влезот во Шаторот на средбата. 4Ако се затруби во една, нека се соберат кон тебе Израелевите главатари, илјадниците. 5Кога ќе го придружувате свирењето со бојни извици, нека тргнат логорите поставени на источната страна. 6Кога ќе го придружувате свирењето со бојни извици по вторпат, нека тргнат логорите поставени на јужната страна: свирењето со труби нека биде придружено со бојни извици за да тргнат тие. 7Трубете за да го соберете општеството, но без бојни извици. 8Свештениците, синовите Аронови, нека трубат во трубите. Тоа нека ви биде вечен закон за вашите поколенија. 9Кога во вашата земја ќе тргнете во војна против непријателот, што ќе ве притисне, затрубите во трубите со боен извик, и Господ, вашиот Бог, ќе се сети за вас, и ќе бидете избавени од вашите непријатели. 10Трубите во труби во денот на вашите свечености, на вашите празници или на вашите млади месечини, додека ги принесувате вашите паленици и помирителни жртви. Тоа нека биде спомнување за вас пред вашиот Бог. Јас Сум Господ, ваш Бог.“
11Во втората година, во вториот месец, во дваесеттиот ден на месецот, облакот се дигна над Шаторот на сведоштвото. 12Тогаш Израелевите синови се запатија од Синајската Пустина на своите патувања. Облакот застана во пустината Фаран. 13Така тргнаа за првпат според Господовата заповед дадена на Мојсеја. 14Знамето на логорот на Јудините синови, по нивните чети, тргна прво. Насон, синот Аминадавов, беше над нивната војска; 15Натанаил, синот Суаров, беше над војската на племето на Исахаровците; 16а Елијав, синот Хелонов, беше над војската на племето на Завулоновите синови.
17Потоа, откако беше разглобен Шаторот, Гирсоновците и Мерариевците тргнаа, носејќи го Шаторот. 18Потоа тргна знамето на Рувимовиот логор, по нивните чети. Елисур, синот Седиуров, беше над нивната војска; 19Селумил, синот Сурисадаев беше над војската на племето на Симеоновците; 20Елисаф, синот Рагуилов беше над војската на племето на Гадовите синови.
21Потоа тргнаа Каатовите синови носејќи го Светилиштето. Шаторот беше поставуван пред нивното доаѓање. 22Тогаш тргна знамето на логорот на Ефремовите синови, по нивните чети. Елисам, синот Емиудов, беше над нивната војска; 23Гамалил, синот Фадасуров, беше над војската на племето на Манасиевците; 24Авидан, синот Гедеониев, беше над војската на племето на Венијаминовите синови.
25Последно, како задна стража на сите логори, тргна знамето на логорот на Дановите синови, по нивните чети. Ахиезер, синот Амисадаев, беше над нивната војска; 26Фагеил, синот Ехранов, беше над војската на племето на Асировите синови; 27а Ахиреј, синот Енанов, беше над војската на племето на Нефталимовите синови. 28Таков беше редот на патувањето на Израелците, подредени во нивните чети. Така патуваа.
Повикување на Јовав
29Мојсеј му рече на Јовав, син на Мадијамецот Рагуил, Мојсеевиот дедо: „Се запативме во крај за кој Господ рече: ‘Ќе ви го дадам!’ Тргни со нас, и ќе ти направиме добро, зашто Господ му вети среќа на Израел.“ 30„Не идам - му одговори - туку се враќам во својата земја, се враќам при своите.“ 31„Те молам, не нѐ оставај! - му рече. Бидејќи знаеш каде треба да се настаниме во пустината, ќе ни бидеш како очи. 32Ако тргнеш со нас ќе ги делиме, со тебе, добрините што Господ ќе ни ги додели.“
33Од Господовата Гора патуваа три дни одење. Ковчегот на Господовиот Завет одеше пред нив во текот на трите дни на одењето за да им побара место за починка. 34Дење пак Господовиот облак беше над нив кога тргнуваа од логорот. 35Кога тргнуваше Ковчегот, Мојсеј велеше: „Стани, Господи, и ќе се распрснат Твоите непријатели! Ќе избегаат пред Тебе, кои Те мразат!“ 36А кога застануваше, велеше: „Врати се, о, Господи, кон Израелевите илјади и десетиците илјади!“
Селектирано:
БРОЕВИ 10: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.