Лого на YouVersion
Икона за пребарување

НЕЕМИЈА 3

3
Б. Градење на ѕидот
1. Учесници во ѕидањето
1Тогаш стана велесвештеникот Елијасив со своите браќа свештеници та ја изградија Овчата Врата. Ја осветија, ѝ ги ставија крилата, и продолжија да градат сѐ до стражарницата Меја и до Ананеиловата Стражарница. 2Покрај нив ѕидаа Ерихонците, а до нив ѕидаше Захур, Имриевиот син.
3Асенаиновите синови ја ѕидаа Рибната Врата, ги ставија довратниците, ги зацврстија крилата, клучалките и лостовите. 4Покрај нив поправаше Меримот, синот Уриев, син Акосов; а до него поправаше Месулам, синот Варахиев, син Месизавеилов; а до него поправаше Садок, Ваниниот син. 5Покрај нив поправаа Текојците, ама нивните племенски главатари одбија да го спрегнат вратот во служба на својот Господ.
6Старата Врата ја поправаа Јодај, синот Фесеев, и Месулам, Весодиевиот син. Тие ги ставија довратниците, ги зацврстија крилата, клучалките и лостовите. 7А покрај нив обновуваа Гаваонецот Мелатиј и Меронотецот Јадон, и луѓето од Гаваон и Миспа, подложници на управителот од онаа страна на Реката. 8А до нив поправаше Узил, Арахевиот син, златар, а до него поправаше Ананиј, еден од билјарите; тие го утврдија Ерусалим сѐ до Широкиот Ѕид. 9До нив поправаше Рефај, Оровиот син, главатар на половина ерусалимски округ. 10А до него поправаше Едај, Арумафовиот син, пред својата куќа; а до него поправаше Хатус, Асаниевиот син. 11Малхиј, синот Харимов, и Асув, синот Фат-Моавов, поправаа сѐ до Пекќината Стражарница. 12А до нив поправаше Салум, синот Лоисов, главатар на половина ерусалимски округ, тој и неговите ќерки.
13Долинската Врата ја поправаа Анун и жителите на Заноја: ги изградија, ги зацврстија крилата, клучалките и лостовите, и поставија илјада лакти ѕид до Вратата на Буништето. 14Вратата на Буништето ја поправаше Малхиј, синот Рихавов, главатар на веткеримскиот округ, со своите синови: ги зацврстија крилата, клучалките и лостовите.
15Изворската Врата ја поправаше Салум, синот Хол-Озин, главатар на миспанскиот округ: ја изгради, ја покри, ги зацврсти вратните крила, клучалките и лостовите. Тој го поправаше и ѕидот кај рибникот Силоам, кој се тегне од Царската Градина до скалилата, што слегуваат од Давидовиот Град. 16По него поправаше Неемиј, синот Азвуков, главатар на половина ветсурски округ, сѐ до спроти Давидовата Гробница, и до вештачкиот Рибник и до Војницата. 17По него поправаа левитите: Реум, синот Ваниев; а до него поправаше Асавиј, главатар на половина кеилски округ, за своето подрачје. 18До нив поправаа нивните браќа: Вавај, синот Инададов, главатар на половина кеилски округ; 19а до него Есер, Исусовиот син, главатар на Миспа, го поправаше вториот дел, спроти нагорницата кон Оружницата на аголот. 20По него поправаше Варух, синот Заваев, и го поправи вториот дел, од аголот до куќната врата на големиот свештеник Елијасив. 21По него поправаше Меримот, синот Уриев, син Акосов, вториот дел: од Елијасивовиот куќен влез до крајот на Елијасивовата куќа. 22По нив работеа на поправките свештениците кои што живееја во околината. 23По нив пак поправаа Венијамин и Асув, спроти своите куќи. По нив поправаше Азариј, синот Аманиев, син Масиев, спроти својата куќа. 24По него поправаше Винуј, Инададовиот син, вториот дел - од Азариевата куќа до аголот, до ѕидниот венец. 25Фалал, Узаевиот син, поправаше спроти аголот и спроти стражарницата, што се издига над Горниот Царски Дворец, а се наоѓа спроти дворот на темницата. По него Федај, Фаросовиот син, поправаше 26сѐ до Водната Врата, во насока кон исток, и сѐ до пред Воздигнатата Стражарница. 27По нив поправаа Текојците - вториот дел спроти Воздигнатата Стражарница, сѐ до Офилскиот Ѕид.
28Од Коњската Врата поправаа свештениците, секој спроти својата куќа. 29По нив Садок, Имировиот син, поправаше спроти својата куќа. По него поправаше Семај, синот Сеханиев, чувар на Источната Врата. 30По него Ананиј, синот Селемиин, и Анун, шестиот син Салафов, го поправаа вториот дел. По нив поправаше Месулам, синот Варахиев, спроти својата куќа. 31По него Малхиј, златарот, поправаше сѐ до Нетинците и до трговците, спроти Надгледувачката Врата до Горната Дворница на ѕидниот венец, 32а златарите и трговците поправаа меѓу Горната Дворница на ѕидниот венец до Овчата Врата.

Селектирано:

НЕЕМИЈА 3: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се