И откако влезе во коработ, премина и дојде во Својот град. И ете, Му донесоа фатен, кој лежеше на постела. А кога Исус ја виде нивната вера, му рече на фатениот: „Охрабри се, синко. Ти се простуваат твоите гревови.“ И ете, некои од книжниците си рекоа во себеси: „Овој богохулствува.“ А Исус, знаејќи ги нивните мисли, рече: „Зошто мислите зло во вашите срца? Па што е полесно да се рече: ‘Ти се проштаваат гревовите’, или да се рече: ‘Стани и оди?’ Но, за да знаете дека Синот Човечки има власт на земјата да проштава гревови, тогаш му рече на фатениот: „Стани, подигни си ја постелата и оди си дома.“ И стана и си отиде дома. А народот, кога го виде тоа, се исплаши и Го прослави Бога, Кој им даде таква власт на луѓето.
А кога Исус си одеше оттаму виде еден човек, по име Матеј, како седи при митницата, и му рече: „Следи Ме!“ Тој стана и Го следеше. И се случи, откако седна Тој на трпезата во куќата, ете, многу цариници и грешници дојдоа и седнаа со Исуса, и со Неговите ученици. Штом фарисеите го видоа тоа, им рекоа на Неговите ученици: „Зошто вашиот Учител јаде со цариниците и грешниците?“ А Тој, кога го чу тоа, рече: „На здравите не им треба лекар, туку на болните! Но, одете и научете што значи: ‘Милост сакам, а не жртви’; зашто не дојдов да ги повикам праведниците, туку грешниците на покајание.“
Тогаш Јовановите ученици дојдоа при Него и рекоа: „Зошто ние и фарисеите постиме многу, а Твоите ученици не постат?“ А Исус им рече: „Можат ли сватовите да жалат, додека е младоженецот со нив? Но, ќе дојдат дни кога ќе им се одземе младо-женецот; и тогаш ќе постат. Никој не става крпа од ново сукно на стара облека, зашто крпежот ќе кине од облеката и скинатото станува полошо. Ниту ново вино се налева во стари мевови; инаку мевовите се кинат, виното истечува и мевовите пропаѓаат. Туку ново вино се налева во нови мевови, па се запазуваат и двете заедно.“