Лого на YouVersion
Икона за пребарување

МАТЕЈ 5:1-26

МАТЕЈ 5:1-26 MKB

Кога виде многу народ, се искачи на гората; и, откако седна, Му пристапија Неговите ученици, и кога ја отвори Својата уста ги поучуваше, велејќи: “Блажени се бедните во дух, зашто е нивно царството небесно! Блажени се оние кои тагуваат, зашто тие ќе бидат утешени! Блажени се кротките, зашто тие ќе ја наследат земјата! Блажени се кои гладуваат и жедуваат за правда, зашто тие ќе се наситат! Блажени се милостивите, зашто тие ќе бидат помилувани! Бла-жени се чистите во срце, зашто тие ќе Го видат Бога! Блажени се миротворците, зашто тие ќе бидат наречени синови Божји! Бла-жени се оние кои се гонети заради правда, зашто е нивно царството небесно! Блажени сте кога ќе ве навредуваат и гонат и говорат лажно против вас, секакви лоши зборови, заради Мене. Радувајте се и веселете се, зашто голема е вашата награда на небесата, зашто така ги гонеа пророците, кои беа пред вас. Вие сте солта на земјата, но ако солта стане блуткава, со што ќе се осоли? Веќе нема сила за ништо, освен да биде фрлена надвор и луѓето да ја изгазат. Вие сте светлината на светот. Град кој лежи на рид, не може да се скрие; ниту се пали светило, за да се стави под житно мерило, туку на светилник, и им свети на сите кои се во куќата. Така нека свети вашата светлина пред луѓето, за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Татко, Кој е во небесата.“ “Не мислете дека дојдов да ги поништам Законот и Пророците! Не дојдов да ги поништам, туку да ги исполнам. Зашто вистина ви велам, додека не поминат небото и земјата, ниту најмалата буква, ни цртичка, не ќе ја снема од Законот, додека не се збидне сѐ. И така, кој ќе наруши една од овие најмали заповеди и така ги научи луѓето, ќе биде наречен најмал во царството небесно; а кој ги држи и поучува, ќе биде наречен голем во царството небесно; Зашто ви велам, ако вашата праведност не ја надмине праведноста на книжниците и фарисеите, нема да влезете во царството небесно.“ “Сте чуле дека им беше речено на старите: ‘Не убивај! А кој ќе убие, ќе биде виновен пред судот.’ А Јас ви велам, дека секој, кој се гневи на брата си без причина, ќе биде виновен пред судот. А кој ќе му рече на брата си „празноглавец“, ќе биде виновен пред синедрионот. А кој ќе го нарече „безумник“, ќе биде виновен за во огнениот пекол. И така, ако принесуваш свој дар на олтарот и си спомниш таму дека брат ти има нешто против тебе, остави го таму својот дар пред олтарот, и оди првин помири се со брата си, па тогаш дојди и принеси го својот дар. Покажи бргу добра волја кон твојот противник, додека си уште со него на пат, за да не те предаде противникот на судијата, а судијата на служителот, па да те фрлат во темница. Вистина ти велам: нема да излезеш оттаму, додека не го исплатиш и последниот кодрант.“