Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Матеј 5:1-26

Матеј 5:1-26 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Кога Исус виде толку народ, се искачи на ридот, па откако седна, Му пристапија Неговите ученици и Тој започна да ги поучува вака: „Благословени се оние кои се чувствуваат духовно сиромашни, зашто на таквите им припаѓа небесното царство! Благословени се оние што тагуваат, зашто ќе бидат утешени! Благословени се кротките луѓе, зашто тие ќе бидат наследниците на Земјата! Благословени се луѓето кои се гладни и жедни за правда, зашто тие ќе бидат задоволени! Благословени се милостивите луѓе, зашто тие ќе бидат помилувани! Благословени се луѓето со чисто срце, зашто тие ќе Го видат Бога! Благословени се миротворците, зашто тие ќе бидат прогласени за Божји деца! Благословени се прогонуваните поради тоа што се справедливи, зашто ним им припаѓа небесното царство! Благословени сте и вие ако ве навредуваат и прогонуваат поради тоа што сте Мои следбеници и ако изнесуваат злобни лаги против вас. Радувајте се и ликувајте, зашто на небото ве чека голема награда; така беа прогонувани и Божјите пророци кои живееја пред вас.“ „Вие сте во улога на сол на Земјата; ако солта стане блуткава, како ќе ђ се врати солениот вкус? Таа ќе стане безвредна ќе биде фрлена да ја газат луѓето. Вие сте во улога на светлина на светот, како осветлен град изграден на врв планина, за сите да го гледаат. Никој не пали свеќа за да ја покрие со капак, туку ја става на свеќник, за да им свети на сите во куќата. Така и вие бидете светлина пред луѓето, нека видат добри дела во вас, па ќе Го слават вашиот небесен Татко.“ „Немојте да мислите дека сум дошол да ги укинам Божјиот Закон и учењата на пророците. Не дојдов да ги укинам, туку да ги исполнам. Зашто, ве уверувам дека, си додека постојат небото и Земјата, ниту најмал детаљ од Божјиот Закон нема да се укине си додека целосно не се исполни! Затоа, секој што ја прекршува макар и најмалата меѓу овие заповеди, па и другите луѓе ги учи така да прават ќе биде најмал во небесното царство; додека, пак, секој што живее според Божјиот Закон, па и другите луѓе ги учи да прават така ќе биде прогласен за голем во небесното царство. Зашто, ви велам, доколку вашата праведност не ја надмине праведноста на сегашните вероучители и на фарисеите вие никогаш нема да влезете во небесното царство!“ „Познато ви е дека во Мојсеевиот Закон на вашите предци им било заповедано: ,Не убивај! Кој ќе изврши убиство, ќе му биде судено!‘ Јас, пак, ви велам: ,Секој што истура гнев против својот ближен, заслужува осуда! Знаете дека секој што ќе навреди ближен, бива изведен пред вашиот Врховен суд, а доколку го проколнуваш својот ближен, можеш да завршиш и во огнениот пекол!‘ Така, кога ќе носиш жртвен прилог на Божјиот олтар, ако се сетиш дека твојот ближен ти е лут за нешто, остави го твојот прилог таму пред олтарот и појди прво помири се со својот ближен, а потоа врати се и принеси го својот жртвен прилог. Со секој што сака да те тужи пред законот, потруди се брзо да се спогодиш, уште додека сте заедно на патот, за да не те тужи на суд, а судот да те предаде на стражарите кои ќе те фрлат в затвор. Те уверувам дека нема да излезеш оттаму додека до грош не си го исплатиш долгот!“

Матеј 5:1-26 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Кога го виде народот, Тој се искачи на гората. И штом седна, уче­ни­ци­те Негови се приближија до Него. И откако ја отвори устата Своја, ги поу­чуваше и говореше: „Блажени се бедните по дух, зашто нивно е царството небесно! Блажени се оние што плачат, зашто тие ќе се утешат! Блажени се кротките, зашто тие ќе ја наследат земјата! Блажени се гладните и жедните за правда, зашто тие ќе се наситат! Блажени се милостивите, зашто тие ќе бидат помилувани! Блажени се чистите по срце, зашто тие ќе Го видат Бога! Блажени се миротворците, зашто тие ќе се наречат синови Божји! Блажени се гонетите заради правда, бидејќи нивно е царството небесно! Блажени сте вие, кога ќе ве срамат и прогонуваат и кога лажно ќе говорат против вас секакви лоши зборови – за­ради Мене! Радувајте се и веселете се, зашто го­лема е вашата награда на небесата! Та­ка ги гонеа и пророците што беа пред вас.“ „Вие сте солта на земјата. Но, ако солта го изгуби вкусот, со што ќе се со­ли? Таа веќе не е за ништо, освен да се фрли надвор и изгази од луѓето. Вие сте светлината на светот. Не може да се сокрие град, што се наоѓа на врв планина. Ниту, пак, светило се пали и става под поклопец, туку на свеќник, и им свети на сите в куќи. Така треба да свети пред луѓето и вашата светлина, за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Отец небесен!“ „Немојте да мислите дека сум до­шол да го поништам Законот или Про­роците; не сум дошол да ги поништам, туку да ги исполнам. Зашто, вистина, ви велам: дури постојат небото и земјата, ниту една бук­вичка или црта од Законот нема да се измени, додека не се исполни сѐ! И така, оној што ќе наруши една од тие најмали заповеди и така ги научи луѓето, ќе се нарече најмал во царството небесно, а оној што ќе ги исполни и поучи, тој ќе се нарече голем во цар­ството небесно. Зашто ви велам, ако вашата праведност не ја надмине праведноста на книж­ниците и фарисеите, вие нема да влезете во царството небесно!“ „Сте слушале дека им било речено на старите: ‚Не убивај! А кој ќе убие, ќе биде осуден пред судот.‘ Јас, пак, ви велам дека секој, што се гневи на брата си (без причина), ќе биде осуден пред судот; а оној што ќе го на­рече брата си ‚празноглав‘, ќе биде осуден пред врховниот суд; оној, пак, што ќе рече ‚будала‘, ќе биде осуден за во пеколот. И така, ако принесуваш дар на жртвеникот и таму се сетиш дека брат ти има нешто против тебе, тогаш остави го дарот таму, пред жртвеникот, па оди и најнапред помири се со брата си, а потоа дојди и принеси го дарот. Измири се со противникот твој на­време, уште додека си на пат со него, за да не те предаде на судијата, а судијата – на служителот и да бидеш фрлен в затвор; вистина ти велам: нема да излезеш оттаму, сѐ додека не ја дадеш и последната пара.“

Матеј 5:1-26 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Кога виде многу народ, се искачи на гората; и, откако седна, Му пристапија Неговите ученици, и кога ја отвори Својата уста ги поучуваше, велејќи: “Блажени се бедните во дух, зашто е нивно царството небесно! Блажени се оние кои тагуваат, зашто тие ќе бидат утешени! Блажени се кротките, зашто тие ќе ја наследат земјата! Блажени се кои гладуваат и жедуваат за правда, зашто тие ќе се наситат! Блажени се милостивите, зашто тие ќе бидат помилувани! Бла-жени се чистите во срце, зашто тие ќе Го видат Бога! Блажени се миротворците, зашто тие ќе бидат наречени синови Божји! Бла-жени се оние кои се гонети заради правда, зашто е нивно царството небесно! Блажени сте кога ќе ве навредуваат и гонат и говорат лажно против вас, секакви лоши зборови, заради Мене. Радувајте се и веселете се, зашто голема е вашата награда на небесата, зашто така ги гонеа пророците, кои беа пред вас. Вие сте солта на земјата, но ако солта стане блуткава, со што ќе се осоли? Веќе нема сила за ништо, освен да биде фрлена надвор и луѓето да ја изгазат. Вие сте светлината на светот. Град кој лежи на рид, не може да се скрие; ниту се пали светило, за да се стави под житно мерило, туку на светилник, и им свети на сите кои се во куќата. Така нека свети вашата светлина пред луѓето, за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Татко, Кој е во небесата.“ “Не мислете дека дојдов да ги поништам Законот и Пророците! Не дојдов да ги поништам, туку да ги исполнам. Зашто вистина ви велам, додека не поминат небото и земјата, ниту најмалата буква, ни цртичка, не ќе ја снема од Законот, додека не се збидне сѐ. И така, кој ќе наруши една од овие најмали заповеди и така ги научи луѓето, ќе биде наречен најмал во царството небесно; а кој ги држи и поучува, ќе биде наречен голем во царството небесно; Зашто ви велам, ако вашата праведност не ја надмине праведноста на книжниците и фарисеите, нема да влезете во царството небесно.“ “Сте чуле дека им беше речено на старите: ‘Не убивај! А кој ќе убие, ќе биде виновен пред судот.’ А Јас ви велам, дека секој, кој се гневи на брата си без причина, ќе биде виновен пред судот. А кој ќе му рече на брата си „празноглавец“, ќе биде виновен пред синедрионот. А кој ќе го нарече „безумник“, ќе биде виновен за во огнениот пекол. И така, ако принесуваш свој дар на олтарот и си спомниш таму дека брат ти има нешто против тебе, остави го таму својот дар пред олтарот, и оди првин помири се со брата си, па тогаш дојди и принеси го својот дар. Покажи бргу добра волја кон твојот противник, додека си уште со него на пат, за да не те предаде противникот на судијата, а судијата на служителот, па да те фрлат во темница. Вистина ти велам: нема да излезеш оттаму, додека не го исплатиш и последниот кодрант.“