ЛЕВИТ 26
26
Благослови за послушност
1‘Не правете си идоли; не издигајте си ни кипови ни спомен-столбови; не ставајте во вашата земја камења со ликови, за да се клањате пред нив; зашто Јас Сум Господ, ваш Бог. 2Пазете ги моите саботи, и Светилиштето Мое да го почитувате. Јас Сум Господ.’ 3‘Ако живеете според Моите закони, ако ги пазите Моите заповеди и ако ги спроведувате во дело, 4ќе ви дадам дожд во право време, па земјата ќе раѓа род, а стеблата по полето ќе донесуваат плодови. 5Вршењето ќе ви го достигнува гроздоберот, а бербата ќе го достигнува сеењето. Ќе јадете свој леб до наситка, и ќе живеете безопасно во вашата земја. 6Ќе ѝ дадам мир на земјата; така ќе почивате и никој не ќе ве плаши. Ќе ги отстранам штетните животни од земјата; меч нема да помине низ вашата земја. 7Ќе ги терате во бегство вашите непријатели, а тие ќе паѓаат пред вас од меч. 8Петмина од вас ќе тераат во бегство стотина од нив, стотина од вас ќе тераат во бегство десет илјади од нив. Да, вашите непријатели ќе паѓаат од меч пред вас. 9Ќе погледам кон вас и ќе направам да сте плодоносни и многубројни, утврдувајќи го Мојот Завет со вас. 10Ќе се храните со стари минатогодишни жита; и ќе ги исфрлите старите заради новите жита. 11Ќе го поставам Моето живеалиште меѓу вас, и нема да ве отфрлам; 12ќе одам меѓу вас и ќе ви бидам Бог, а вие ќе бидете Мој народ. 13Јас, Господ, вашиот Бог, ве изведов од Египетската Земја за да не бидете повеќе робови; ги скршив врските на вашиот јарем и направив да одите исправени.’
Казни за непослушност
14‘Но ако не Ме послушате, и ако не ги исполните сите овие Мои заповеди; 15ако ги отфрлите Моите закони, ако ги изгазите Моите наредби и ако го нарушите Мојот Завет, не исполнувајќи ги сите Мои заповеди, 16еве, како ќе постапам со вас: ќе ви испратам ужас, изнемоштеност и треска што ги расипуваат очите и што ја измачуваат душата. Напразно ќе ги сеете вашите посеви - вашите непријатели ќе се хранат од нив. 17Јас ќе го свртам Моето лице од вас, и вашите непријатели ќе ве убиваат. Оние што ве мразат ќе господарат над вас. Ќе бегате и тогаш кога никој не ќе ве гони. 18Па ако не Ме послушате и покрај тоа, Јас ќе ве казнувам седумкратно за вашите гревови. 19Јас ќе ја скршам гордоста на вашата сила. Небото ќе го направам како железо, а вашата земја како бакар. 20Напразно ќе се троши вашата сила. Земјата не ќе ви го дава повеќе својот род, ниту дрвата на земјата ќе ги донесуваат своите плодови.’
21‘Ако се противите уште и натаму, ако не сакате да Ме послушате седумкратно ќе ги зголемам врз вас раните за вашите гревови. 22Ќе ги пуштам горските ѕверови на вас за да ве лишат од децата, за да ви го издават добитокот и ќе ве намалат, така што патиштата ќе ви запустат.’
23‘Ако и тоа не ве поправи, па ако продолжите со живеењето што Ми се противи, 24тогаш и Јас ќе ви се спротивам вам и Самиот ќе ве удрам седумкратно за вашите гревови. 25Ќе доведам меч на вас, нека се искали со одмазда за Заветот. А кога ќе се соберете во вашите градови, ќе испратам помор на вас, и ќе бидете предадени во рацете на непријателот. 26А кога ќе ви го прекратам снабдувањето со леб; десет жени ќе ви печат леб во една печка; ќе ви дадам леб со мерка. Ќе јадете, но нема да бидете сити.’ 27‘Ако и после тоа не Ме послушате, туку Ми се спротивставувате и натаму, 28и Јас ќе ви се спротивставувам - ќе ве казнам седумкратно за вашите гревови. 29Ќе јадете месо од вашите синови, ќе јадете месо од вашите ќерки. 30Ќе ги разурнам вашите возвишени места; ќе ги разрушам вашите столбови и ќе ги фрлам вашите трупови врз вашите искршени гнасни идоли, и ќе се згнаси душата Моја од вас. 31Ќе ги претворам вашите градови во урнатини; ќе ги запустам вашите светилишта; и не ќе го мирисам повеќе вашиот благопријатен мирис. 32Јас ќе ја претворам земјата во пепелиште, така што вашите непријатели кои ќе се населат во неа, ќе се вчудоневидат над неа. 33Вас ќе ве распрснам по народите; ќе извлечам меч од зад вас, така што вашата земја ќе биде претворена во пустина, а градовите во урнатини.’
34‘Тогаш земјата ќе ги задоволи своите саботи за целото време, додека биде пуста и додека вие ќе бидете во земјата на вашите непријатели. Земјата ќе се одмори тогаш и ќе може да ги задоволи своите саботи. 35Сѐ додека биде пуста, ќе има починка, што не ја имаше во времето на вашите саботи додека вие живеевте во неа. 36А на оние од вас што ќе останат во живот по земјите на нивните непријатели, ним ќе им натерам страв во срцето. Шумот на листот што трепери ќе ги гони во бегство. Ќе бегаат како што се бега од меч; ќе паѓаат иако никој не ќе ги гони. 37Ќе се сопнуваат еден од друг како кога се бега пред меч, иако никој нема да ги гони. Не ќе се одржите пред вашите душмани; 38ќе изгинете меѓу народите - ќе ве голтне земјата на вашите непријатели. 39А кој ќе преживее од вас, ќе венее во земјата на вашите непријатели заради своите беззаконија; ќе венеат и заради беззаконијата на своите татковци.’
40‘Тогаш ќе ги признаат своите беззаконија и беззаконијата на своите татковци што ги направија против Мене со престапите, зашто Ми се противеа. 41И Јас требаше да им се спротивставам ним и да ги воведам во земјата на нивните непријатели. Тогаш, најпосле, ќе се понизи нивното закоравено срце и тогаш тие ќе трпат мака за своите беззаконија. 42Тогаш Јас ќе се сетам за Мојот Завет со Јакова и за Мојот Завет со Исака, ќе си спомнам за Мојот Завет со Авраама - ќе си спомнам за земјата. 43Земјата, оставена од нив, ќе ги задоволи своите саботи, кога ќе остане пуста заради нив. А тие ќе трпат заради своето беззаконие, зашто ги отфрлија Моите заповеди, зашто ги презреа Моите закони. 44Но ни тогаш, додека бидат во земјата на нивните душмани, не ќе ги отфрлам ниту ќе ги презрам, така за да ги уништам сосем и за да го прекршам Мојот Завет со нив. Зашто Јас Сум Господ, нивниот Бог. 45Заради нив ќе си спомнам за Заветот со нивните предци, кои ги изведов од Египетската Земја пред очите на народите, за да бидам нивен Бог, Јас Сум Господ.’“
46Тоа се повелбите, судовите и законите, кои Господ ги постави меѓу Себе и Израелците - преку Мојсеја - на Синајската Гора.
Селектирано:
ЛЕВИТ 26: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.