ИСУС НАВИН 6
6
Д. Преземање на Ерихон
1. Шестдневно носење на Ковчегот околу Ерихон
1А Ерихон стоеше силно утврден и затворен пред Израелевите синови. Никој не излегуваше ниту некој влегуваше. 2Тогаш Господ му рече на Исуса: „Еве, ти ги предавам во рацете Ерихон и неговиот цар со војниците. 3Сите вие воини обиколете околу градот еднаш на ден. Така правете шест денови. 4А седум свештеници нека носат седум труби од овновски рогови пред Ковчегот. На седмиот ден обиколете седумпати околу градот, а свештениците нека трубат во трубите. 5Па кога ќе затрубат продолжително во овновскиот рог, сиот народ, штом ќе го чуе гласот на трубата, нека крене силна воена викотница. И градските ѕидишта ќе се разурнат, а народот нека влегува тогаш секој оттаму каде што ќе се најде.“ 6Исус, синот Навинов, ги повика при себе свештениците и им рече: „Земете го Ковчегот на Заветот, а седум свештеници нека носат седум труби од овновски рогови пред Господовиот Ковчег.“
7А на народот му рече: „Појдете и обиколете околу градот, а војниците нека одат пред Господовиот Ковчег.“ 8И беше како што Исус му нареди на народот. Тргнаа седум свештеници носејќи труби од овновски рогови: трубеа во роговите, а Господовиот Ковчег одеше по нив. 9Војниците тргнаа пред свештениците кои свиреа во трубите, а заштитницата тргна по Ковчегот. Чекореа така додека се разлеваше гласот на трубите. 10А Исус му имаше заповедано на народот: „Не викајте и не давајте глас од себе, и ниеден збор да не се чуе од вашата уста додека не ви речам: ‘Викајте!’ Тогаш нека екне воената викотница!“
11И нареди Господовиот Ковчег да обиколи еднаш околу градот, па да се вратат во логорот и да преноќеваат таму. 12Исус подрани утреден, и свештениците го понесоа Ковчегот на Заветот. 13А седумте свештеници кои носеа седум труби од овновски рогови тргнаа пред Господовиот Ковчег. Одејќи трубеа во трубите, војниците одеа пред нив, а заштитницата пак зад Господовиот Ковчег, додека трубите одекнуваа.
2. Паѓање на ѕидовите на Ерихон
14Така и на другиот ден обиколија еднаш околу градот, па се вратија назад во логорот. 15А на седмиот ден станаа во зората и обиколија околу градот, по истиот онаков ред, седумпати. Само во тој ден обиколија седумпати околу градот. 16За време на седмото обиколување свештениците затрубија силно во роговите, а Исус му рече на народот: „Извикувајте воени викотници, зашто Господ ви го предаде градот!“ 17Градот нека биде „херем“ за Господа - проклет и предаден на уништување со сѐ што е во него. Само блудницата Рава да остане жива и сите кои ќе бидат со неа во куќата, зашто таа ги скри согледувачите што ги испративме. 18А чувајте се од проколнато во градот за да не станете и самите проклети затоа што сте зеле проклето, зашто со тоа би сте навлекле проклетство врз логорот и би сте го направиле несреќен. 19Затоа сето сребро и злато, сите бронзени и железни садови нека му бидат посветени на Господа и нека бидат чувани во Господовото сокровиште.“ 20Тогаш народот извика и трубите одекнаа. Кога екнаа гласот на трубите и воените извикувања на народот, ѕидовите паднаа и народот навлезе во градот, секој оттаму каде што се најде, и го освоија.
3. Спасување на Рава
21И тогаш ја извршија заклетвата ништејќи со острилото на мечот сѐ што беше во градот: машко и женско, старо и младо, волови, овци и ослиња. 22А тогаш Исус им рече на двајцата што ја согледуваа земјата: „Отидете во куќата на онаа блудница па изведете ја жената со сите нејзини, како што ѝ се заколнавте.“ 23И младите луѓе, согледувачите, отидоа та ги извадија Рава, нејзиниот татко, нејзината мајка, браќата и сите роднини. Ги изведоа сите нејзини и ги сместија надвор од израелскиот логор. 24Го изгореа градот и сѐ што беше во него: зедоа само сребро, злато, бронзени и железни садови, и ги ставија во ризницата на Господовиот Дом.
4. Проколнување на Ерихон („херем“)
25Ама Исус ги поштеди: блудницата Рава, и сето нејзино семејство и сѐ нивно. Таа остана меѓу Израелците до денес, зашто ги скри гласниците кои ги испрати Исус за да го извидат Ерихон. 26Тогаш Исус ја изрече оваа клетва: „Проклет да биде пред Господовото лице човекот, кој ќе се обиде да го изгради наново Ерихон: да ги гради неговите основи врз својот првенец, да ги крева неговите врати врз својот љубимец!“ 27Господ беше со Исуса, па се пронесе глас за него по целата земја.
Селектирано:
ИСУС НАВИН 6: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.