Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ИСУС НАВИН 13

13
ДЕЛБА НА ВЕТЕНАТА ЗЕМЈА
13:1-21:45
А. Заповед за делба на земјата
1Кога Исус остаре и напредна во своите години, Господ му рече: „Веќе си стар и времен, а остана многу земја за да се освои. 2Еве ги подрачјата што уште остануваат: сите филистејски покраини и сета гесурска земја; 3од Сиор, што е пред Египет, сѐ до границата на Акарон на север, а се смета како подрачје на Ханаанците; пет филистејски кнежевства: Газа, Азот, Аскалон, Гет и Акарон; потоа Авејците 4на југ. Сета ханаанска земја од Меар што им припаѓа на Сидонците, па до Афек и до аморејската меѓа; 5тогаш земјата на Гивлејците и сиот Ливан кон исток, од Вал-Гад во подножјето на гората Ермон до преминот Емат. 6Ќе ги истерам пред Израелевите синови сите жители на подгорјето, од Ливан до Мисрефот на запад - ќе ги истерам сите Сидонци пред Израелевите синови, само раздели му ја на Израел во наследство земјата, како што ти заповедав. 7И така раздели ја таа земја во наследство меѓу деветте племиња и половината од Манасиевото племе.“
Б. Делба на Источен Ханаан
8Другата половина од Манасиевото племе, а со неа и племето Рувимово и Гадово, го примија своето наследство, што им ја даде Мојсеј преку Јордан, на исток. Мојсеј, Господовиот слуга, им додели вака: 9од Ароир, што се наоѓа на брегот на потокот Арнон, и од градот во средината на долината, сета висорамнина од Медев до Девон; 10сите градови на Сион, царот аморејски, кој владееше во Есевон, сѐ до меѓата на Амоновите синови; 11и Галад, и гесурската и махатската краина со сета гора Ермон, и сиот Васан до Салха; 12а во Васан сето царство на Ог, кој владееше во Астарот и Едраин и беше последен потомок на Рафајците. Мојсеј ги победи и ги протера. 13Ама Израелевите синови не ги истераа Гесурците и Махатците од средината на Израелците сѐ до денешниот ден.
14Само на Левиевото племе не му даде наследство: Господ, Израелевиот Бог, е негово наследство, како што му рече.
2. Дел на Рувимовото колено
15Мојсеј му даде на племето на Рувимовите синови делови според нивните семејства. 16Ја примија земјата од Ароир, што лежи на брегот на потокот Арнон, и од градот што е во средината на долината, и сета висорамнина кај Медева; 17Есевон со сите негови градови кои лежат на висорамнината: Девон, Вамот-Вал, Вет-Вал-Меон; 18Јаса, Кадим, Мифат; 19Киријатаим, Сивма, Зарет-Сар на гората над долината; 20Вет Фегот, Аздот Фазга, Вет Есимот; 21сите градови на висорамнината и целото царство на Сион, аморејскиот цар, кој владееше во Есевон. Мојсеј го победи како и мадијамските кнезови: Евија, Рекема, Сур, Ур, Рева, Сионови првенци кои живееја во таа земја; 22и вражалецот Валаам, Веоровиот син, го убија Израелевите синови со острилото на мечот со другите жртви. 23Меѓник на Рувимовите синови им беше Јордан. Тоа беше наследството на Рувимовите синови според нивните семејства: нивните градови и села.
3. Дел на Гадовото племе
24Тогаш му даде Мојсеј на Гадовото племе, на Гадовите синови, делови според нивните семејства. 25Ги примија во сопственост: Јазир и сите галадски градови, половината од земјата на Амоновите синови сѐ до Ароир, спроти Рава, 26и од Есевон до Рамот Миспа и Ветоним, и од Маханаим до покраината Ло-Девир; 27а во долината: Вет Арам, Вет Нимра, Сокот и Сафон, односно остатокот на царството на Сион, есевонскиот цар; Јордан со брегот сѐ до крајот на Хинеротското Море, на источната страна на Јордан. 28Тоа е наследството на Гадовите синови, според нивните семејства, нивните градови и села.
4. Дел на половина на Манасиевото племе
29Мојсеј ѝ даде дел на половината на Манасиевото племе според неговите семејства. 30Ги добија во сопственост: земјата од Махан, сиот Васан, сето царство на Ог, васанскиот цар, и сите Јаирови села, што се во Васан - шеесет градови. 31А половината на Галад, Астарот и Едраин, градовите на Оговото царство во Васан, им припаднаа на синовите на Махир, Манасиевиот син, и тоа половина на Махировите синови според нивните семејства. 32Така Мојсеј ги подели наследствата во Моавските Полиња, од другата страна на Јордан, источно од Ерихон. 33Мојсеј не му даде наследство на Левиевото племе: Господ, Израелевиот Бог, е нивното наследство, како што им рече Сам.

Селектирано:

ИСУС НАВИН 13: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се