ЈОВ 38
38
БОГ И ЈОВ
38:1-42:6
А. Божјиот глас кон Јова
1Тогаш Господ му одговори на Јова од бура и рече: 2Кој е тој кој со безумни зборови ја замрачува божествената промисла? 3Препаши си го крстот како јунак Јас ќе те прашам, а ти поучи Ме.
Б. Бог - Творец на вселената
4Каде беше кога ја основав земјата, кажувај, ако знаеш! 5Знаеш ли кој ѝ ги одреди мерките и кој го оптегна измерувачкото јаже над неа? 6На што и почиваат основите? Кој ѝ постави крајаголен камен, 7додека воскликнуваа утринските ѕвезди и извикуваа Божјите дворјани? 8Кој го затвори морето со врати, кога заизвори од мајчиното крило, 9кога го облеков со облак како со облека и кога го завиткав со густа магла како со пелени; 10кога ја одредив неговата меѓа, ставив врати со лостови? 11Дотаму, не подалеку, му реков нему, тука нека се крши гордоста на твоите бранови!“ 12Зар некогаш си му заповедал на утрото? Зар си ѝ го покажал на зората нејзиното место, 13да ја потфати земјата за рабовите и да ги истресе од неа сите безбожници, 14да ја претвори во печатна глина и да ја обои како некаква облека? 15Таа им ја одзема светлината на злосторниците и им ја крши кренатата тупаница.
В. Човекова неспособност да ја истражи тајната на Божјите творби
16Зар си проникнал до морските извори? Зар си одел некогаш по дното на бездната? 17Зар ти ја покажаа вратата на смртта? Ги виде ли вратите на крајот на мртвите сенки? 18Ги согледа ли пространствата на земјата? Зборувај, доколку го знаеш сѐ тоа. 19Кои патишта водат во домот на светлината, на кое место престојуваат темнините, 20за да ги одведеш во нивните краишта, за да им го покажеш патот кон нивниот стан? 21Ти го знаеш тоа, па ти се роди одамна, бројот на твоите денови е многу голем! 22Дали си стигнал до ризниците на снегот и зар ги виде засолништата на градот, 23што ги запазив за деновите на неволјата, за време на крвав бој и војна? 24По кој пат се дели молњата, кога распрснува искри по целата земја? 25Кој го ископа подводниот ров, кој му го исчисти патот на грмежот 26за да врне дожд врз ненаселено подрачје, врз пустината каде нема жива душа, 27за да ја напои неплодната пустина, за да никне трева во степата? 28Има ли дождот свој родител? Кој е тој што ги раѓа капките на росата? 29Од чие крило излегува мразот, кој ја создава сланата, што паѓа од небото? 30Како се сцврстуваат водите како камен и како замрзнува површината на бездната? 31Можеш ли да ја врзеш Плејадата со вериги и да ги разврзеш врските на Орион, 32да ја изведеш Деницата во вистинско време, да ја водиш Мечката со нејзините млади? 33Зар ги познаваш ти небесните закони, па да им доделиш ним сила на земјата? 34Можеш ли да им извикаш на облаците, па да те послушаат поројните дождови? 35Зар по твоја заповед летаат секавиците и зар ти се одѕиваат тебе: „Еве нѐ?“ 36Кој ја положи мудроста во човекот, кој му даде разум на срцето? 37Кој ги пребројува мудро облаците и кој ги излева небесните мевови, 38додека земјата не се згусти во тесто и додека не се залепат нејзините грутки?
Г. Човекова неспособност
39Зар ти ќе ѝ уловиш лов на лавицата или ќе го задоволиш гладот на лавчињата,
40додека чекаат гладно на своето легло
и дебнат на жртвата од засолништето?
41Кој им набавува храна на гавраните
кога неговите пилци пиштат кон Бога
и летаат наоколу без храна?
Селектирано:
ЈОВ 38: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.