Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ЈОВ 33

33
Б. Бог употребува страдање за казнување луѓе
1„И така, чуј, Јове, што ќе ти кажам, наведни го увото кон моите беседи. 2Ете, ја отворив својата уста, а јазикот ми создава зборови под непцето. 3Моето срце ќе ти зборува искрено, усните ќе изречат чиста вистина. 4Па и мене Божјиот Дух ме создаде, здивот на Сѐдржителот ме оживе: 5ако можеш, противстави ми се ти; подготви се да ми се спротивиш! 6Ете, како и ти, и јас сум пред Бога, како и ти, бев создаден од глина; 7затоа јас нема да те ужасувам со страв, мојата рака нема да те притисне. 8И така, на мои уши рече - сосем јасно ги чув твоите зборови: 9„Невин сум и без никаков грев; прав сум и нема вина врз мене, 10но Тој нашол обвинување против мене и ме смета за Свој непријател. 11Ги стави моите нозе во клади, Тој внимава на секој мој чекор.“ 12Тука, ти велам, не си во право, зашто човек не може да се мери со Бога. 13Па зошто се препираш со Него? Тој не дава отчет ниту за едно од Своите дела. 14Господ ни зборува нам еднаш и двапати, но човекот не обрнува внимание на тоа. 15Во соништата, во ноќните виденија, кога длабок сон ги совладува луѓето и додека сонуваат цврсто на леглата, 16тогаш Тој му зборува на увото на човекот, и го плаши со морничави привиди, 17за да го одврати од неговите дела, да ја обори гордоста во човекот, 18да ја спаси неговата душа од јамата и неговиот живот да не падне од меч. 19Тој го кара, на леглото, со болест, кога коските му се тресат непрекратно. 20Кога лебот му се гади на неговиот живот и најдоброто јадење на неговата душа. 21Кога неговото тело гине очигледно и му се гледаат оголените коски. 22Кога душата му се приближува до гробот, а неговиот живот кон гласниците на смртта. 23Тогаш, ако не се најде ангел покрај него, еден посредник меѓу илјада, за да го спомени човекот на должноста, 24па се сожали над него и рече: „Избави го, за да не слезе во јамата; најдов откупнина за неговиот живот! 25Нека му процвета телото со младост, нека се врати во младечки денови!“ 26Му се помолува на Бога и Бог го послушува: Тој го погледнува радосно во лицето; му ја враќа на човекот неговата праведност. 27Тогаш човекот ќе погледне на луѓето, велејќи: „Грешев и го изопачував правото, но Бог не ме казни. 28Тој ми ја спаси душата од гроб и мојот живот се радува на светлината.“ 29Ете, Бог го прави сѐ тоа двапати и до трипати за човекот, 30за да ја спаси неговата душа од гробот и да му го осветли животот со светлина. 31Внимавај, Јове, послушај ме добро; молчи, зашто уште не доискажав сѐ. 32Ако имаш уште зборови, одговори ми, говори - со задоволство би те оправдал тебе, 33ако немаш, послушај ме само, внимавај, и ќе те научам на мудрост.

Селектирано:

ЈОВ 33: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се