Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ЈОВ 31

31
3. Јовова заштита
1Склучив завет со своите очи, дека нема да погледнат на ниедна девица. 2А што ми досуди Господ одозгора, какво ми е наследството од Сѐдржителот? 3Па, не е ли несреќата за нечесниот, а неволјата за оние што прават зло? 4Не ги гледа ли Тој сите мои патишта, не ги брои ли Тој сите мои чекори? 5Зар одев, кога и да било, во друштво со лагата? Зар мојата нога брзаше кон измама? 6Нека ме измери Бог врз права мерка, па ќе ја види мојата непорочност! 7Ако мојот чекор се отстрани некогаш од патот, ако моето срце го следеше окото, и ако срамно дело ми ги извалка рацете, 8друг нека го јаде тоа што сум го посеал, нека ги искорени сите мои подници. 9Ако моето срце се завело по некоја жена, ако дебнев некогаш зад вратата на својот ближен, 10тогаш мојата жена нека меле на друг, нека ја подели својата постела со друг! 11Со тоа би направил бесрамно дело, злостор на кој правдата треба да му пресуди. 12Би запалил оган што жеже до пропаст и што би ја изгорел сета моја едногодишна жетва. 13Ако некогаш го презрев правото на својот слуга или слугинка, кога спореа со мене, 14што ќе направам кога Бог ќе стане? Што ќе одговорам кога ќе побара сметка? 15Зар Тој не нѐ создаде двајцата во утробата и нѐ создаде еднакво во мајчиното крило? 16Дали се правев дека не ги слушам молбите на сиромашните или ги расплакав вдовичините очи? 17Дали го јадев некогаш сам својот залак, а да не го делев со сирачето? 18Па, од младоста му бев како татко, го водев од мајчиното крило! 19Зар го гледав безкуќникот без облека или некој беден без покривка, 20а неговите бедра да не ме благословија мене, кога се стопли со руното на моите овци? 21Ако кренав рака против невин, знаејќи дека мојот бранител е при вратата, 22моето рамо нека се откорне од плеќката и нека ми отпадне раката од лактот! 23Зашто Божјите ужаси би паднале врз мене и не би можел да устојам пред Неговото величество. 24Зар надежта ја ставив во златото или му реков на златото: „Сигурност моја!“ 25Зар се радував на големо богатство, на богатствата што ги спечалија моите раце? 26Зар - гледајќи го сонцето како блеска и како месечината патува по сјајното небо, 27моето срце се зазеде потајно да им испратам бакнеж со раката? 28Тоа ќе беше грев што вика по суд, бидејќи би се одрекол од Сѐвишниот Бог. 29Зар се зарадував на неволјите на непријателите и ликував кога го снајде зло, 30јас, кој не го остави јазикот да греши, проколнувајќи го и сакајќи да умре? 31Не зборуваа ли луѓето на мојот шатор: „Па кого тој не го засити со месо?“ 32Никогаш странец не ноќеваше надвор, ја отварав својата врата на патникот. 33Не ги криев своите гревови како Адам, не ја криев вината во своите гради. 34Зашто се плашев од озборувањата на мноштвото и стравував од племенското презрение, па молчев не преминувајќи преку својот праг. 35О, да имаше некој да ме сослуша! Јас го кажав својот последен збор: Сѐдржителот нека ми одговори сега! Противникот нека ми напише оптужница, 36и јас ќе ја носам на своето рамо, ќе го украсам челото со неа како со круна. 37Ќе Му дадам сметка за своите чекори и ќе стапам пред Него како кнез.“ 38Ако мојата земја викаше против мене, ако со неа, плачеа нејзините бразди; 39ако јадев плодови, без да платам, и ако ги јадосав нејзините орачи, 40нека расте троскот на неа, место жито, и место јачмен нека расте какол насекаде! - Крај на Јововите зборови.

Селектирано:

ЈОВ 31: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се