ЈОВАН 7
7
Празник на Сениците. Исус во Ерусалим
1Потоа Исус одеше по Гали-леја; бидејќи не сакаше да оди по Јудеја, зашто Јудејците Го бараа да Го убијат. 2А наближу-ваше јудејскиот празник на Сениците. 3Тогаш Неговите браќа Му рекоа: „Замини оттука и оди во Јудеја, та и Твоите ученици да ги видат делата, што ги вршиш; 4зашто никој не прави нешто тајно, кога самиот сака да биде познат. Штом ги вршиш тие дела, јави му се на светот.“ 5Зашто ни Неговите браќа не веруваа во Него. 6Затоа Исус им рече: „Моето време уште не дошло, а вашето време секогаш е подготвено. 7Светот не може да ве мрази вас; а Мене Ме мрази, зашто сведочам за него дека неговите дела се зли. 8Вие отидете горе на празникот; Јас не одам на празников, зашто Моето време уште не се исполнило.“ 9Тоа им го рече и остана во Галилеја.
10А кога Неговите браќа отидоа на празникот, тогаш отиде и Самиот, не јавно, туку тајно. 11Но Јудејците Го бараа на празникот и зборуваа: „Каде е Оној?“ 12И мно-гу се зборуваше за Него во народот; едни зборуваа: „Добар е!“ а други велеа: „Не, туку го заблудува народот.“ 13Меѓутоа, никој не зборуваше слободно за Него, заради стравот од Јудејците.
14А кога празникот веќе се преполови, Исус отиде во Храмот и поучуваше. 15Затоа Јудејците се чудеа и велеа: „Како ги познава Овој Писмата - кога не учел?“ 16Тогаш Исус им одговори и рече: „Мојата наука не е Моја, туку на Оној Кој Ме пратил. 17Ако некој сака да ја исполнува Неговата волја, ќе знае дали е наукава од Бога, или зборувам Сам од Себе. 18Кој говори сам од себе - ја бара својата слава; а кој ја бара славата на Оној Кој Го пратил - Тој е вистински; во Него нема неправда. 19Зар Мојсеј не ви даде Закон? Но, никој од вас не го исполнува Законот. Зошто сакате да Ме убиете?“ 20Народот одговори: „Бес е во Тебе; кој сака да Те убие?“ 21Исус во одговор им рече: „Направив едно дело и сите се чудите. 22Затоа Мојсеј ви го даде обрезанието - не како тоа да е од Мојсеја, туку од татковците, па вие во сабота обрезувате човек. 23Ако човек се обрезува во сабота - за да не се наруши Мојсеевиот Закон - зошто се лутите на Мене дека исцелив цел човек во сабота? 24Не судете по надворешниот изглед, туку судете праведно!“
Дали е Тој Месија?
25Тогаш некои од ерусалимците рекоа: „Не е ли Овој Човекот, Кого Го бараат да Го убијат? 26А ете, зборува слободно и ништо не Му велат. Да не се увериле старешините, дека Тој е навистина Христос? 27Но, Овој Го знаеме од каде е, а кога ќе дојде Христос, никој не ќе знае од каде е.“ 28Исус пак, поучувајќи во Храмот, извика и рече: „И Мене Ме познавате, а знаете и од каде Сум; не дојдов Сам од Себе, туку е вистински Оној, Кој Ме пратил, Кого вие не Го познавате. 29Јас Го знам, зашто Сум од Него и Тој Ме прати.“ 30Тогаш сакаа да Го фатат, но никој не стави рака врз Него, зашто уште не беше дошол Неговиот час. 31А мнозина од на-родот поверуваа во Него и велеа: „Кога ќе дојде Христос, дали ќе направи повеќе чуда, отколку што направи Овој?“ 32Фарисеите чуја дека народот зборува така за Него, па првосвештениците и фарисеите испратија служители да Го фатат. 33Тогаш Исус рече: „Уште малку време Сум со вас, потоа заминувам кај Оној, Кој Ме пратил. 34Ќе Ме барате и нема да Ме најдете, и каде Сум Јас, вие не можете да дојдете.“ 35Тогаш Јудејците си рекоа меѓу себе: „Каде ќе оди Овој, па да не можеме да Го најдеме? Да не сака да оди при расеаните меѓу Грците и да ги поучува Грците? 36Што значи зборот, што го рече: ‘Ќе Ме барате и нема да Ме најдете;’ и: ‘каде Сум Јас, вие не можете да дојдете?’
37А во последниот, големиот ден на празникот Исус застана и извика, велејќи: „Ако е некој жеден, нека дојде при Мене и нека пие. 38Кој верува во Мене - како што е кажано во Писмото - „од неговата внатрешност ќе потечат реки на жива вода.“ 39Тоа го рече пак за Духот, Кого ќе Го примат оние, кои веруваат во Него; зашто Духот уште не беше слезен, зашто Исус уште не беше прославен.
Раздор меѓу народот
40А некои од народот, кои ги чуја тие зборови, рекоа: „Овој е навистина Пророкот. 41Други велеа: „Овој е Христос.“ Трети пак пра-шуваа: „Зар Христос ќе дојде од Галилеја? 42Зар Писмото не рече дека Христос ќе дојде од Давидовото семе, и од гратчето Витлеем, каде беше Давид?“ 43Така настана раздор во народот заради Него. 44А некои од нив сакаа да Го фатат, но никој не стави рака врз Него.
Непријателство на старешините и фарисеите
45Кога слугите дојдоа при првосвештениците и фарисеите, тие им рекоа: „Зошто не Го доведовте?“ 46Служителите одговорија: „Никој никогаш не зборувал така, како што говори Овој Човек.“ 47А фарисеите им одго-ворија: „Зар сте и вие заблудени? 48Дали некој од првенците или од фарисеите поверувал во Него? 49Туку, проклет е овој народ, што не го знае Законот.“ 50Никодим, кој порано отиде при Исуса, а кој беше од нив, им рече: 51“Осудува ли нашиот Закон некого, ако најнапред не го сослуша и не разбере што прави?“ 52Тие во одговор му рекоа: „Да не си и ти од Галилеја? Испитај и види дека пророк не доаѓа од Галилеја.“ 53И секој си отиде во својот дом.
Селектирано:
ЈОВАН 7: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.