Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ЈОВАН 5:24-40

ЈОВАН 5:24-40 MKB

Вистина, вистина ви велам: кој го слуша Моето слово и верува во Оној, Кој Ме прати, има вечен живот и не доаѓа на суд, туку преминал од смртта во живот. Вистина, вистина ви велам дека доаѓа час - и веќе е тука - кога мртвите ќе го чујат гласот на Божјиот Син, и кои ќе го чујат, ќе живеат. Зашто како што Таткото има живот во Себе, така Му даде и на Синот да има живот во Себе. Му ја даде и власта да суди, зашто е Човечки Син. Не чудете се на тоа, зашто доаѓа час во кој сите, кои се во гробовите, ќе го чујат Неговиот глас и ќе излезат од нив, кои правеле добро, ќе воскреснат за живот; а кои правеле зло, ќе воскреснат за осудување. Јас ништо не можам да правам Сам од Себе; како што слушам, така судам, и Мојот суд е праведен, зашто не ја барам Мојата волја, туку волјата на Оној, Кој Ме прати. Ако Јас сведочам Сам за Себе, Моето сведоштво нема да биде вистинско. Има Друг Кој сведочи за Мене и знам дека е вистинско сведоштвото што го дава за Мене. Вие пративте при Јована, и тој посведочи за вистината; но јас не примам сведоштво од човек, туку го кажувам ова, за да се спасите вие. Тој беше светило, што гореше и светеше, но вие сакавте да се радувате малку време на неговата светлина. Јас пак имам сведоштво поголемо од Јовано-вото: делата што Таткото Ми ги даде да ги завршам, токму тие дела, што ги правам, сведочат за Мене - дека Таткото Ме пратил. И Таткото, Кој Ме прати, Сами-от сведочи за Мене. Вие ни го чувте некогаш Неговиот глас, ниту го видовте Неговото лице, и Неговите зборови ги немате постојано во вас, зашто не Му верувате на Оној, Кого Тој Го пратил. Вие ги проучувате Писмата, зашто мислите дека имате вечен живот во нив; и тие сведочат за Мене. Но вие не сакате да дојдете при Мене, за да имате живот.

Бесплатни планови за читање и побожни текстови поврзани со ЈОВАН 5:24-40