Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ЕРЕМИЈА 9

9
3. Продолжение: Гревови на Јудеја и казна што наближува
1О, кој би ја претворил мојата глава во воден извор, а моите очи во вруток солзи, дење и ноќе да плачам над загинатите свои ќерки, на својот народ!
2Ако имав престојувалиште во пустината, ќе го оставев својот народ и ќе отидев далеку од него. Зашто сите тие се прељубници, собир на вероломство. 3„Јазикот го напнуваат како лак, лагата, а не вистината, преовладува на земјата. Од зло кон зло се втурнуваат, Мене не Ме познаваат - зборува Господ. 4Секој нека се чува од пријателот, а брат на братот нека не му верува, зашто секој брат постапува како Јакова, а секој пријател разнесува клевети. 5Се измамуваат еден другиот, не ја зборуваат вистината, го свикнаа јазикот да зборува лаги; изопачени се, не можат веќе 6да се вратат. Насилство врз насилство! Измама по измама! Не сакаат да Ме сознаат Мене,“ зборува Господ. 7Затоа вака зборува Господ над Воинствата: „Еве, ќе ги претопам и ќе ги испитам, та како и да постапуваат кон ќерките на мојот народ? 8Јазикот им е убиствена стрела, на устата измамлив збор. ‘Мир со тебе,’ го поздравуваат ближниот, ама во срцето му подготвуваат стапица. 9Па да не ги казнам заради тоа - говори Господ - да не му се одмаздам на таквиот народ?“
10Заплачете, тажете над ридовите, ридајте над пустинските пасишта! Зашто изгореа, никој не минува, гласот на стадото веќе не се слуша. Од небесната птица до добитокот, сѐ избега, сѐ снема.
11„Од Ерусалим ќе направам куп камчишта, шакалско живеалиште, јудејските градови ќе ги претворам во пустина каде што никој не живее.“
12Кој е мудар, за да го разбере тоа, кому му зборуваше Господовата уста за да извести зошто изгоре земјата како пустина, и никој веќе не минува низ неа? 13И Господ рече: „Зашто го оставија Мојот Закон што им го дадов и зашто не го слушаа Мојот глас, ниту го следеа, 14туку ги следеа своето закоравено срце и Ваалите на кои нивните татковци ги научија.“ 15Вака зборува Господ над Војските, Израелевиот Бог: „Еве, ќе го наранам овој народ со пелин и ќе го напојам со горчлива вода. 16И ќе ги распрснам меѓу народите кои не ги познаваа тие ни нивните татковци. А по нив ќе испратам меч, за да ги сотре.“
17Господ над Воинствата зборува вака: „Внимавајте! Повикајте ги тажачките! Нека дојдат! Испратете по највештите! Нека дојдат! 18Нека поитаат за да го запеат тажењето над нас! За да потечат солзи од нашите очи, за да потече вода од нашите клепки!
19Од Сион достига тажењето: ‘О, како сме упропастени, многу засрамени! Зашто треба да ја оставиме земјата и да ги оставиме своите живеалишта.’“ 20И затоа, о жени, чујте го Господовото слово, и нека вашето уво го прими зборот од Неговата уста. Учете ги своите ќерки да тажат, да ридаат една за друга: 21Смртта влезе скришум низ нашите прозорци, влезе во нашите дворови, ги покоси децата среде улицата, младите среде раскрсниците.
4. Продолжение: вистинска мудрост - познавање на Господа
22Зборувај, вака вели Господ: „И мртвите тела ќе лежат како гној по ораниците, како снопје зад жетварите, а ќе нема никој да ги собере.“
23Господ зборува вака: „Мудрите нека не се фалат со мудроста, ни јунакот нека не се фали со смелоста, ни богатиот нека не се фали со богатството. 24А кој сака да се фали, нека се фали со тоа што има мудрост за да Ме сознае Мене. Зашто Јас Сум Господ Кој ги твори милостта, судот и правдата на земјата, зашто тоа Ми е мило,“ зборува Господ.
25„Еве, наближуваат денови - зборува Господ - ќе ги казнам сите кои се обрежани заедно со необрежаните: 26Египет, Јудеја, Едом, Амоновите синови и Моав, и сите оние што ги бричат крајните коси и кои престојуваат во пустината. Зашто сите тие народи се необрежани, и сиот Израелев дом е со необрежано срце.“

Селектирано:

ЕРЕМИЈА 9: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се