Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ЕРЕМИЈА 7

7
Б. Во денови на Јоаким
1. Пророчко слово за вратата на Храмот. Ерусалим и Храмот ќе бидат разурнати
1Ова е словото што му дојде на Еремија од Господа: 2„Застани пред вратата на Господовиот Дом, разгласи го таму оваа слово. Речи: ‘Чујте го Господовиот збор, сите Јудејци, кои влегувате низ оваа врата за да Му се поклоните на Господа.’“ 3Вака зборува Господ над Војските, Израелевиот Бог: „Поправете ги своите патишта и своите дела, па Јас ќе престојувам со вас на ова место. 4Не надевајте се на лажните зборови: ‘Господово светилиште! Господово светилиште! Господово светилиште!’ 5Но ако навистина ги поправите своите патишта и своите дела, и ако навистина ќе правите што е право, секој кон својот ближен, 6ако не ги угнетувате странецот, сирачињата и вдовиците и ако не пролевате невина крв на ова место, ако не трчате по туѓи богови за своја несреќа - 7ќе престојувам со вас на ова место, во земјата што им ја дадов на вашите татковци засекогаш.
8Ама вие се надевате во лажни и неполезни зборови! 9Зар да крадете, да убивате, да правите прељуба, да се заколнувате криво, да му палите темјан на Ваал и да трчате по туѓи богови што не ги познавате, 10а тогаш да доаѓате и да стоите пред Мене во овој Дом, што го носи Моето Име и да зборувате: ‘Спасени сме!’ и потоа пак да правите зло и нечесности? 11Зар овој Дом, што се вика со Моето Име, е во вашите очи разбојничка пештера? Но Јас гледам добро - говори Господ.
12И така, појдете во Моето место, што е во Сило, каде што некогаш го настанив Своето Име, и погледајте што направив од него заради беззаконијата на Својот Израелски народ. 13Бидејќи ги правите сите оние исти недела - слово е Господово - и ако ве опоменувам неуморно, вие не слушате, а кога ве повикувам, вие не се одѕвивате: 14од овој Дом, што се вика со Моето Име, во кое се надевате вие, и од ова место што ви го дадов вам и на вашите татковци, ќе направам исто што направив и од Сило. 15Ќе ве отфрлам од Своето лице, како што ги отфрлив сите ваши браќа, сето Ефремово потомство.
16А ти не моли милост за овој народ, не кревај глас за нив и не моли, ниту се застапувај пред Мене, зашто нема да те послушам. 17Не гледаш ли што прават по јудејските градови и по ерусалимските улици? 18Децата собираат дрва, татковците запалуваат оган, жените месат тесто за да ѝ испечат колачиња на ‘царицата на небото’ и им леат налевници на други богови за да Ме похулат. 19Зар Мене Ме хулат со тоа - Господов збор е - а не себеси за свој срам?“ 20И затоа Господ Бог зборува вака: „Еве, Својот гнев и Својата јарост ќе ги излеам врз ова место, на луѓето и на добитокот, на полските дрва и на плодовите на земјата, ќе се распламени и нема да угасне.“
21Вака зборува Господ над Војските, Израелевиот Бог: „На палениците додајте им и жртви, и јадете месо. 22Јас ништо не им реков на вашите татковци за палениците и закланиците, ниту им заповедав нешто за тоа кога ги изведов од Египетската Земја. 23Ова им го заповедав: ‘Слушајте го Мојот глас, па Јас ќе бидам ваш Бог, а вие ќе бидете Мој народ. Одете по патот по кој што ви заповедав, за да ви биде добро.’ 24А тие не послушаа, не го приклонија своето уво, туку тргнаа по советот и закоравеноста на своето лошо срце; Ми ги свртија плеќите, а не лицето. 25Од денот кога вашите татковци излегоа од Египетската Земја па до денешниот ден ви испраќав толку свои слуги, пророци, од ден на ден, неуморно. 26Но тие не Ме слушаа, не го приклонија своето уво, туку го закоравеа вратот, полошо од своите татковци. 27Можеш да им го речеш сѐ тоа, но нема да те послушаат; викни ги, не ќе ти одговорат.
28Затоа речи им: ‘Ова е народ кој не го слуша гласот на Господа, својот Бог, и не прима опомени. Ја снема вистината, ја снема од нивната уста. 29Истрижи ја својата долга коса, фрли ја. По голините затажи со тажачка, зашто Господ го отфрли и го остави родот на кого се разгневи.
30Да, Јудините синови, прават што е зло во Моите очи - зборува Господ. Поставија грозотии во Домот што се вика со Моето Име, за да го осквернат; 31издигнаа тофетски високи места во Долината Бен Еном (Еномови Синови) и ги горат во оган своите синови и ќерки - што Јас никогаш не им заповедав, ниту пак тоа некогаш Ми падна на ум. 32Затоа, еве, доаѓаат денови - зборува Господ - кога веќе не ќе се рече Тофет ни Долина Бен Еном, туку Долина на Колежи. Во Тофет ќе бидат погребувани мртви, зашто не ќе има друго место. 33А мртвите тела на овој народ ќе им бидат храна на небесните птици и на земните ѕверови, и не ќе се најде никој за да ги исплаши и да ги изгони. 34Ќе ги отстранам од јудејските градови и од ерусалимските улици: радоста и веселбата: зашто таа земја ќе се претвори во пустина.

Селектирано:

ЕРЕМИЈА 7: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се