Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ЕРЕМИЈА 46

46
ПРОРОШТВА ЗА МНОГУБОЖЕЧКИ НАРОДИ
46:1-51:64
А. Пророштво за Египет
1. Прво пророштво: пораз на египетскиот фараон Нехаон
1Словото што Господ му го упати на пророкот Еремија против народите.
2Уште за Египет. Против војската на фараонот Нехаон, египетски цар, кој беше покрај реката Еуфрат, во Харкемис, и кого царот Навуходоносор го порази, во четвртата година на Јоаким, синот Јосиин, јудејскиот цар.
3„Подгответе штитови и оклопи! Напред, во бој! 4Впрегнете ги коњите! На коли, возачи! Поставете се под кацигите! Насочете ги копјата! Навлечете ги оклопите! 5Што гледам? Вчудоневидени, се повлекуваат? Нивните јунаци, поразени, се дадоа во бегство, со главата без обѕир! ужас отсекаде - говори Господ. 6Ни најбрзиот не избега, ни најхрабриот не се извлече! На север, покрај брегот на Еуфрат, се сопинаат и паѓаат.
7Кој се дига како Нил, чии води шумат, како потоци? 8Египет се дига како Нил, водите му шумат како потоци. И вели: ‘Ќе се дигнам, ќе ја преплавам земјата, ќе ги запустам градовите и населението!’ 9Коњи, напред! Летнете, бојни коли! Навалете, воини! Хуси, Фуди, заштитени со штитови, и Лудејци, што стрелаат со лак!
10Ова е ден на Господа над Војските - ден на одмазда за да им се одмазди на Своите непријатели: мечот ќе се изнајаде, ќе се насити, ќе го смири гладот со нивната крв! Зашто Господ, Господ над Војските, има жртвен колеж во Северната Земја покрај брегот на Еуфрат. 11Искачи се на Галад, побарај балзам, девице, египетска ќерко! Напразно многу лекови: нема оздравување за тебе! 12Народите чуја за твојот срам, твоите викотници ја наполнија земјата. Зашто јунак се сопнува од јунак и двајцата паѓаат.“
2. Второ пророштво: Навуходоносорово навлегување во Египет
13Слово што Господ му го упати на пророкот Еремија кога Навуходоносор, вавилонскиот цар, дојде за да удри на Египетската Земја.
14„Навестете му на Египет, објавете во Мигдол, разгласете во Мемфис: ‘Подреди се! Приготви се! Зашто мечот веќе голта сѐ околу тебе!’ 15Што? Зар Апис избега? Твојот бик не устои? Да, Господ го обори! 16Тој направи та мнозина се сопнаа, испаѓаа еден на друг. И ете, зборуваат: ‘На нозе! Да се вратиме при својот народ, во својата родна грутка, пред погубувачкиот меч!’ 17На фараонот, египетскиот цар, дајте му име: ‘Врева што го погоди вистинскиот час.’
18Жив Сум Јас - зборува Царот, Кому Му е Името Господ над Воинствата - тоа ќе дојде како Тавор среде планините, како Кармил над морето. 19Подготви го заточеничкиот врзулец, задомена египетска ќерко, зашто Мемфис ќе биде претворен во пустина, ограбен и ненаселен.
20Египет беше убава јуничка, но доаѓа, доаѓа против неа гибел од Север. 21А и египетските наемници што како згоени телиња живееја и тие се свртија, се дадоа во бегство, не можат да устојат, зашто ги достасува Денот на пропаста, дојде време да бидат казнети.
22Слушај! Како змија да с’ска, доаѓаат со сета сила, со секири се нафрлаат врз неа, токму како дрварите. 23Ќе ја исечат гората - говори Господ - иако е непроодна. Ги има повеќе од скакулците, им нема број. 24Засрамена е Египетската Земја, му е предадена на народот од Север.“
25Зборува Господ над Војските, Израелевиот Бог: „Еве ќе ги казнам: Тебискиот Амон, фараонот и Египет, и сите негови богови, цареви, фараонот и сите кои што се надеваат на него. 26Ќе ги предадам во рацете на оние што им работат спроти глава, во рацете на Навуходоносор, вавилонскиот цар, и во рацете на неговите слуги. А после Египет пак ќе биде населен, како во старите времиња - говори Господ.
27Не бој се Јакове, Мој слуго, не плаши се, Израелу! Зашто, еве, ќе те спасам од далеку, и твоето потомство од земјата на заточението. Јаков пак ќе се смири, ќе живее спокојно, и никој не ќе го плаши. 28Не бој се Јакове, Мој слуго, - говори Господ - зашто Јас Сум со тебе. Ќе ги сотрам народите меѓу кои те заточив, а тебе нема да те уништам сосем: но ќе те казнам според правдата, нема да те оставам неказнет.“

Селектирано:

ЕРЕМИЈА 46: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се