Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ЕРЕМИЈА 4

4
1„Ако, сакаш Израелу да се вратиш - говори Господ - врати се кај Мене; ако ги отстраниш твоите грозотии, веќе не треба да бегаш од Мене. 2Ако се заколнеш: ‘Живиот ми Господ!’ вистински, право и праведно, народите ќе бидат благословувани во тебе и ќе се гордеат со тебе.“
3Зашто Господ им зборува вака на Јудејците и на Ерусалимците: „Изорајте си нови ниви, не сејте меѓу трње. 4Обрежете Му се на Господа, симнете го обрезокот од своето срце, Јудејци и Ерусалимци, зашто Мојот бес ќе избувне како оган, и ќе гори, а никој да го угасне, заради лошите дела и нечесностите што ги направивте.“
7. Навестување на туѓинско навлегување
5Објавете во Јудеја, разгласете во Ерусалим: „Трубете во рог ширум земјата, викајте со полн глас и речете: ‘Сите на собир! Да се вовлечеме во своите утврдени градови!’ 6Издигнете знак кон Сион! Бегајте! Не застанувајте! Зашто доведувам несреќа од Север, голема пропаст.“
7Лавот се крева од својата густа шума, погибелникот на народите излезе од своето место, тргна за да ја запусти твојата земја: ќе ги разурне твоите градови, ќе им ги снема жителите. 8Затоа наметнете се со вреќишта, ридајте, тажете, зашто пламнатата јарост на Господа не нѐ одмина.
9„Во оној ден - говори Господ - ќе им изнемошти срцето на царот и на кнезовите. Свештениците ќе бидат вчудоневидени, пророците молкнати.“ 10И ќе речат: „Ах, Господи, Боже, навистина нѐ измами тешко кога рече: ‘Ќе уживате мир’ а сега мечот ни е под грлото.“ 11Во тоа време ќе им биде речено на овој народ и на Ерусалим: „Врел ветер од пустинските височини дува кон ќерките на Мојот народ; но не за да ги лади и за да ги очисти! 12Ќе ми дојде ветер полн со закана, и Јас тогаш ќе им изречам пресуда!“
13„Ете, се дига како облачишта, колата му е слична на виор, коњите се побрзи од орлите. Тешко ни! Пропаднавме!“
14Измиј го злото од своето срце, Ерусалиме, за да се спасиш. До кога во твоите гради ќе се гнездат злосторнички мисли? 15Зашто гласот навестува од Дан, од Ефремовата Гора најавува несреќа. 16„Опоменете, разгласете по Јудеја, соопштете му на Ерусалим: непријателите доаѓаат од далечна земја и извикуваат извици против јудејските градови; 17како полјаците го опкружуваат Ерусалим, зашто се одметнаа од Мене - говори Господ. 18Твојот пат и твоите дела ти го направија тоа. Тоа е твојата несреќа! Како е горчлива, како ли удира во срцето!“
19Моја утробо! Моја утробо, боледувам, срцето ми се раскинува! Душата ми трепери! Не можам да молчам, зашто го слушам гласот на рогот, бојните извици. 20Соопштуваат гибел врз гибел, сета земја е ограбена, моите шатори се запустени одненадеж, во миг на окото сите мои засолништа се уништени. 21До кога ќе ги гледам бојните знакови, ќе ги слушам повиците на роговите?
22„Да, Мојот народ е безумен, не Ме познава, тие се неразумни деца, не сфаќаат ништо, мудри се за зли дела, но да прават добро не умеат.“
23Ја гледам земјата: пуста е, еве, и празна, небесата: светлината им исчезна. 24Ги гледам горите: ете, се тресат, а сите ридови се растресени. 25Гледам: еве нема човек, сите небесни птици одлетале. 26Гледам: еве, плодното поле запусте, Господ ги разурна сите градови со жестокоста на Својот гнев. 27Да, Господ зборува вака: „Сета земја ќе биде запустена, Јас ќе ѝ го зададам последниот удар. 28На тоа, земјата ќе се завитка во црно, а небесата, горе, ќе потемнат. Јас реков, и не ќе се раскајам, одлучив и не ќе се откажам.
29Пред извикот: ‘Коњаници и стрелци!’ сета земја почна да бега: бегаат во грмушките, се искачуваат на ридовите: сите градови се напуштени, веќе никаде жива душа. 30А ти, запустена, што ќе направиш? Ако се облечеш и во црвено сукно, ако се украсиш со златен накит и ако очите ги оцветиш, напразно се разубавуваш! Твоите љубовници те презираат тебе: ја бараат твојата глава. 31Да, слушам плач како во болна, врескање како кај онаа што раѓа за првпат. Чуј, тоа Сионската ќерка липа и ја протега раката: ‘Тешко ми! Душата ми замрува под ударите на убијците!’

Селектирано:

ЕРЕМИЈА 4: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност