ЕРЕМИЈА 33
33
3. Пророштво за Царство на Месија и за вечен Завет со Бога
1Додека Еремија уште беше затворен во темничкиот двор, и по вторпат му дојде Господовото слово: 2„Вака зборува Господ, Кој ја создаде земјата, ја вообличи и ја зацврсти - Името Му е Господ! 3‘Повикај Ме, и ќе ти одговорам и ќе ти откријам големи и недостижни тајни за кои што не знаеш ништо.’
4Зашто вака зборува Господ, Израелевиот Бог, за куќите на овој град и за дворците на јудејските цареви, разурнати заради насипи и меч, 5и за оние што зафаќаат борба со Халдејците за да ги наполнат своите куќи со телата на луѓето, што ги истепав во Својата расрденост и јарост, и го одвратив Своето лице од овој град заради нивните лошотии.
6Еве, Јас ќе ја исцелам нивната рана, Јас ќе ги оздравам и исцелам и ќе им пружам изобилство на вистинскиот мир. 7Ќе ја изменам судбината на Јудината Земја и на Ерусалим и ќе ги подигнам да бидат како некогаш. 8Ќе ги очистам од секој грев со кој согрешија против Мене, и ќе им ги простам сите вини што Ми ги скривија, одметнувајќи се од Мене. 9И Ерусалим ќе Ми биде радост, за фалба и за чест пред сите народи на светот: кога ќе чујат за сето добро што ќе им го поделам, ќе се восхитуваат и ќе ѝ се чудат на сета онаа среќа во мирот, што ќе им ја дадам.’
10Господ зборува вака: ‘На ова место за кое што вие велите: „Тоа е пустина без човек и без животинче“ - во јудејските градови и по запустените ерусалимски улици пак ќе се разнесуваат 11извици на радост, извици на младоженецот и невестата, воскликнувањата на оние кои што, во Господовиот Дом, ќе принесуваат жртви благодарници пеејќи: „Славете Го Господа над Воинствата, Зашто Господ е благ, Зашто вечна е Неговата милост!“ Зашто Јас ќе ја обновам земјата, За да биде како некогаш‘ - Говори Господ.
12Господ над Воинствата зборува вака: ‘На ова место што е сега пусто, без човек и без животинче, и во сите градови пак ќе има пасишта за пастирите, што ги одморуваат своите стада. 13Во градовите на Горјето, и во градовите на Шефел, и во градовите на Негев, во Венијаминовиот Крај, во околината на Ерусалим и во Јудините градови пак ќе поминуваат овците под раката на пастирите кои што ќе ги бројат - говори Господ.
14Еве, доаѓаат денови - говори Господ - кога ќе го исполнам доброто ветување што им го дадов на Израелевиот дом и на Јудиниот дом: 15Во оние денови и во она време ќе му подигнам на Давида праведен Подник. Тој ќе владее со земјата по правосудство и по правда. 16Во оние денови Јудеја ќе биде спасена, Ерусалим ќе живее спокојно. А градот ќе се вика: „Господ, наша Правда.“ 17Зашто Господ зборува вака: „Никогаш на Давида не ќе му снема потомок, кој ќе седи на престолот на Израелевиот дом. 18И никогаш на левитите и на свештениците не ќе им снемаат потомци, кои ќе служат пред Мене и ќе принесуваат паленици, приносници со кадење и ќе жртвуваат во сите денови.’“
19И Господовото слово му дојде на Еремија: 20„Господ зборува вака: ‘Ако можете да го укинете Мојот Завет со денот и Мојот Завет со ноќта, така што ќе нема веќе ни ден ни ноќ во право време, 21ќе може да се укине и Мојот Завет со Мојот слуга Давид, та веќе не ќе има син, кој би царувал на неговиот престол, и со левитите и со свештениците, кои Ми служат. 22Како што не може да се изброи небесната војска ни да се измери морскиот песок, така ќе го размножам потомството на Својот слуга Давид, и на левитите и на свештениците кои Ми служат.’“
23И Господовото слово му дојде на Еремија: 24„Не забележа ли што зборуваат овие луѓе: ‘Господ ги отфрли двете племиња, што ги беше избрал за себе?’ И со презир го одречуваат Мојот народ како да не Ми е веќе Мој народ. 25Господ зборува вака: ‘Ако не го склучив Својот Завет со денот и со ноќта, и ако не им поставив закони на небото и земјата, 26би можел да го отфрлам потомството на Јакова и на Давида, Својот слуга, за да не земам веќе нивни потомок за владетел над Авраамовото, Исаковото и Јакововото потомство, кога ќе ја изменам нивната судбина и кога ќе им се смилувам.’“
Селектирано:
ЕРЕМИЈА 33: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.