Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ЕРЕМИЈА 31

31
б. Обнова и благослов на Ефрем и Јуда
1„Во она време - говори Господ - ќе им бидам Бог на сите израелеви племиња, и тие ќе бидат Мој народ.“
2Господ зборува вака: „Милост најде во пустината народот што му избега на мечот: Израел оди кон своја починка.“
3Господ му се јави од далечина: „Те љубам со вечна љубов, затоа ти запазив милост. 4Пак ќе те создадам, и ќе бидеш создадена Израелева девице. Пак ќе се украсуваш со тапанчиња, ќе се факаш во весел танец. 5Пак ќе садиш лозја на ридовите на Самарија: кои ќе ги посадат насадите тие и ќе ги збираат. 6Зашто доаѓа ден кога стражарите ќе викаат на Ефремовата Гора: ‘На нозе! Да се искачиме на Сион кон Господа, својот Бог!’“
7Зашто Господ зборува вака: „Воскликнувајте му од радост на Јакова, поздравете го бурно првенецот на народите! Нека се разнесува вашиот глас! Објавете, прославете и кажете: ‘Господ го спаси Својот народ, Израелевиот Остаток!’ 8Еве, Јас ги водам од Северната Земја, ги собирам од краиштата на земјата: со нив се слепите и хромите, бремените и родилките: големата заедница се враќа. 9Еве, тргнаа со солзи, сега ги враќам утешени! ќе ги водам покрај поточните води, по рамен пат на кој не ќе се сопнуваат, зашто Јас Сум му татко на Израел, Ефрем е Мој првенец.
10Чујте го, о народи, Господовото слово, објавете го ширум во далечните острови: ‘Оној што го распрсна Израел пак го собира и го чува како пастирот своето стадо!’ 11Зашто Господ го ослободи Јакова, го избави од рацете на посилниот од него. 12И тие, воскликнувајќи радосно, на Сионскиот Врв, ќе се науживаат во Господовите добра: жито, масло, младо вино, јагниња и телиња; душата ќе им биде како навадена градина, никогаш веќе не ќе гинат. 13Девојките ќе се веселат на танец, младо и старо заедно, зашто тагата ќе им ја претворам во радост, ќе ги утешам и ќе ги развеселам по жалоста. 14Со мрсно ќе им го закрепнам свештенството и Својот народ ќе го наситам со добра“ - говори Господ.
15Господ зборува вака: „Чуј! Во Рама се слуша ридање и горчлив плач: Рахела ги оплачува своите синови, и не сака да се утеши за децата зашто нив веќе ги нема.“ 16Господ зборува вака: „Прекрати да ридаш, избриши ги солзите во очите! Твоите страдања ќе бидат наградени: тие ќе се вратат од непријателската земја. 17Има надеж за твоето потомство - говори Господ - твоите синови ќе се вратат во својот крај: 18Добро го слушам Ефремовото липање: ‘Ти ме искара, и Јас се поправив како јунче уште нескротено. Обрати ме, за да се обратам, зашто Ти си, Господи, мој Бог. 19Се одвратив од Тебе, но се покајав засекогаш, и сега се удирам по слабините. Се срамам и црвенеам, зашто го носам срамот на својата младост!’
20Зар не ми е Ефрем драг син? Не е ли возљубено дете, зашто колку и да му се заканувам, секогаш со љубов си спомнувам за него; и срцето ми трепери за него од нежна сомилост - говори Господ.
21Постави патокази, подигни столбови! Спомни си за врвилиштето, за патот по кој што помина. И врати се, Израелева девице, врати се во Своите градови! 22До кога уште ќе се двоумиш, ќерко одметнице? Зашто Господ создаде нешто ново на земјата: жена ќе опкружи маж.“
23Вака зборува Господ над Воинствата, Израелевиот Бог: „Во Јудината Земја, кога ќе ја изменам нејзината судбина, во нејзините градови ќе се зборува вака: ‘Да те благослови Господ, Живеалиште на Праведноста, Света Горо!’ 24И во неа пак ќе се насели Јудеја со сите свои градови, земјоделците и оние што одат по стадата, 25зашто Јас ќе ја закрепнам исцрпената душа, изобилно ќе ја нахранам истоштената душа.“
26Како онаа: „Штом се разбудив, погледнав: сладок ли беше мојот сон!“
27„Еве доаѓаат денови - Господово слово е - кога во Израелевиот дом и во Јудиниот дом ќе посеам човечко семе и животинско семе. 28И како што некогаш бдеев за да ги откорнам, за да ги разурнам, за да ги истребам, за да ги сотрам и за да навалам несреќа врз нив, така сега ќе бдеам грижливо за да ги подигнам и за да ги посадам.
29Во оние денови веќе не ќе се зборува: ‘Татковците јадеа кисело грозје, а на синовите им отрпнуваат забите.’ 30Туку секој ќе умре заради сопствената вина. И на оној што ќе јаде кисело грозје забите ќе му отрпнуваат.
в. Нов Завет
31Еве доаѓаат денови - говори Господ - кога ќе склучам Нов Завет со Израелевиот дом и со Јудиниот дом. 32Не Завет каков што склучив со нивните татковци во денот кога ги зедов за рака за да ги изведам од Египетската Земја, Завет што тие го раскинаа иако Јас Сум нивни господар - говори Господ. 33Туку, ова е Завет што ќе го склучам со Израелевиот дом по оние денови - говори Господ. Мојот закон ќе го ставам во нивната душа и ќе го напишам во нивното срце. И ќе бидам нивен Бог, а тие Мој народ. 34И веќе не ќе го учи другарот другар ни братот брат, зборувајќи: ‘Познајте Го Господа!’ туку сите ќе Ме познаваат, и мало и големо, говори Господ - зашто ќе го простам нивното беззаконие и не ќе си спомнувам веќе за нивните гревови.“
35Господ зборува вака: „Кој дава сонцето да свети дење, а месечината и ѕвездите ноќе, Кој го подига морето за да му бучат брановите - Името Му е Господ над Воинствата: 36Ако некогаш се пореметат тие закони пред Мене - говори Господ - тогаш Израелевото потомство ќе прекрати да биде народ пред Моето лице довека!“
37Господ зборува вака: „Ако можат да се измерат небесата горе, и да се истражат основите на земјата долу, тогаш и Јас ќе го отфрлам Израелевото потомство заради сѐ што направија - говори Господ.
38Еве доаѓаат денови - говори Господ - кога Господовиот град ќе биде пак соѕидан, од Ананеиловата Стражарница до Вратата на Аголот. 39И уште натаму ќе се протегне јажето за мерење, право до ритчето Гарив, а тогаш ќе се сврти кон Гоат. 40И сета долина на трупови и пепел, и сите полиња до потокот Кедрон, до аголот на Коњската Врата на исток, ќе биде Господова светина. И веќе не ќе има разурнувања и проклетства.“

Селектирано:

ЕРЕМИЈА 31: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се