Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ЕРЕМИЈА 18

18
5. Знак на грчаров дом и на глинен сад (грнец)
а. Прв симбол: грнчар и глина
1Ова е словото што Господ му го упати на Еремија: 2„Стани и слези во грнчаровата куќа - таму ќе ти ги објавам Своите зборови.“ 3И така, слегов во грнчаровата куќа, токму работеше на грнчарското колце. 4И штом ќе се расипеше во грнчаровата рака садот што би го направил од глина, тој пак правеше од неа друг - како што ќе му се свидеше на грнчарот да направи.
5И ми дојде Господово слово: 6„Не можам ли и Јас да правам со вас како овој грнчар, Израелев дому? - зборува Господ. Еве како глината во грнчаровата рака, и вие сте во Мојата рака, Израелев дому. 7Ако Му објавам на некој народ или на некое царство дека ќе го откорнам, уништам и разурнам, 8и ако тој народ, против кого Сум зборувал, се обрати од своите нечесности, тогаш ќе се покајам за злото што му го бев наменил. 9Ако Му објавам на некој народ, или на некое царство, дека ќе го изградам и посадам, 10а тој почне да прави што е зло во Моите очи, не слушајќи го Мојот глас, ќе се покајам за доброто што им го ветив.
11Затоа сега речи им на Јудејците и на Ерусалимците: ‘Господ зборува вака: „Еве, ви подготвувам зло и смислувам замисли против вас. И така, вратете се, секој од својот лош пат и поправете ги своите патишта и своите дела.“‘“
12Но тие велат: „Напразно! Ние со поголема желба ќе ги спроведуваме своите замисли и ќе правиме секој според закоравеноста на своето зло срце.“
13Затоа, Господ зборува вака: „Распрашајте се по народите, дали некој чул нешто такво? Толкава грозота направи Израелевата девица. 14Го снемува ли од горските стрмнини ливанскиот снег? Можат ли да пресушат далечните води што течат студени? 15А Мојот народ Ме заборави Мене! Му принесуваат кадење на ништожеството, се сопнуваат на своите патишта, на древните патеки и одат по врвиците и по непроодниот пат. 16И така ја претворија земјата во запустеност, во вечно потсмевнување, за да се згрозува над неа секој минувач мавтајќи со главата. 17Ќе ги размавтам пред непријателот, како источниот ветер; плеќите, а не лицето, Јас ќе им ги покажам во денот на нивната пропаст.“
б. Заговор против Еремија
18И рекоа: „Ајде, да се заговориме против Еремија, зашто на свештеникот не може да му го снема Законот, ни на мудриот советот, ни на пророкот беседата. Ајде, да го удриме со јазикот и да внимаваме будно на секој негов збор.“
19Послушај ме, о Господи, и чуј што зборуваат моите противници. 20Та зар се враќа со зло за добро? А тие ми копаат јама! Спомни си како стоев пред Твоето лице, за да барам кај Тебе милост за нив, за да ја одвратам од нив Твојата јарост. 21Затоа предај им ги нивните деца на гладот, предај ги на мечот! Жените нека им останат неплодни и вдовици, поморот нека им ги погуби мажите, а младинците нека загинат од меч во војна. 22Нека се чуе вик од нивните куќи кога одненадеж ќе доведеш против нив грабечки полкови. Зашто тие ископаа јама, за да ме фатат, на моите нозе потајно им наместија примки. 23О Господи, Ти го знаеш сиот нивни убиствен наум против мене. Не им ги проштавај нивните беззаконија, не им ги избришувај гревовите пред Себе. Нека паднат пред Твоето лице, пресметај се со нив во денот на Својот гнев!

Селектирано:

ЕРЕМИЈА 18: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се