Лого на YouVersion
Икона за пребарување

СУДИИ 3

3
Г. Народи оставени да го искушуваат Израел
1Ова се народите што Господ ги остави, за да ги испита со нив Израелевите синови, сите оние што не ги знаеја Ханаанските војни. 2Тоа беше само во полза на поколенијата на Израелевите синови, за да ја научат вештината на војување - барем оние што не ги знаеја поранешните војни: 3останаа пет филистејски кнезови и сите Ханаанци, Сидонци и Евејци, кои живееја на гората Ливанова, од гората Вал-Ермон до влезот во Емат. 4Тие послужија за да биде проверен Израел: за да се види дали ќе ги пази заповедите на Господа, што Господ им ги даде на нивните татковци преку Мојсеја. 5Така Израелците живееја среде Ханаанците, Хетејците, Аморејците, Ферезејците, Евејците и Евусејците; 6се женеа со нивните ќерки и им ги даваа своите ќерки за нивните синови и им служеа на нивните богови.
Д. Прво Израелево отпаѓање. Прв судија - Готонил
7И Израелевите синови правеа она што не му беше по волја на Господа. Го заборавија Господа, својот Бог, за да им служат на Ваал и на астартите. 8Тогаш Господ пламна со гнев на Израел, и ги предаде во рацете на Хусан-Рисатаим, едомски цар, и му служеа на Хусан-Рисатаим осум години. 9Тогаш Израелците извикаа кон Господа, и Господ им воздигна избавител, Готонил, Кенезовиот син, помлад Халевов брат, за да ги ослободи. 10Господовиот Дух слезе на него, и тој му стана судија на Израел. И го поведе Израел во бој. Господ му го предаде во рацете Хусан-Рисатаим, едомскиот цар, и тој го победи Хусан-Рисатаима.
11Оттогаш земјата беше во мир четириесет години. И почина Готонил, Кенезовиот син.
Ѓ. Второ Израелево отпаѓање. Втор судија – Аод Израелев грев. Под моавско ропство
12Израелците почнаа пак да прават она што е зло во Господовите очи. Затоа Господ му даде на Еглон, моавскиот цар, сила над Израел, зашто правеа што е зло пред Господа. 13Еглон се обедини со Амоновите и со Амаликовите синови, тргна против Израел, го порази и го освои Палминиот Град. 14Израелевите синови му служеа на моавскиот цар Еглон осумнаесет години.
2. Аод го убива Еглона
15Тогаш Израелците извикаа кон Господа, и Господ им подигна избавител - Аод, син на Гира од Венијаминовото племе, човек кој беше левичар. И го испратија Израелците да му однесе данок на Еглона, моавскиот цар. 16А Аод си направи меч со две острила, долг еден лакот, и го опаша под облеката покрај десното бедро, 17И го однесе данокот на Еглона, моавскиот цар. Еглон беше многу дебел. 18Откако го предаде данокот, Аод си отиде со луѓето, кои го беа донесле данокот. 19Но кога дојде до извајаниот кип во близина на Галгал, се врати и рече: „Цару, имам да ти кажам една тајна!“ Царот му одговори: „Тивко!“ И сите што беа покрај него излегоа. 20Аод влезе. Царот седеше во ладната горница; беше сам. Аод му рече: „Цару, имам за тебе слово од Бога!“ Тој веднаш стана од престолот. 21Тогаш Аод го истрга со левата рака мечот од десното бедро и му ја прободе утробата. 22Целата рака влезе со сечилото, и салото се склопи над острилото, зашто Аод не можеше да го извлече сечилото од утробата. Оттаму излезе нечистота. 23Аод си отиде низ тремот; зад себе ја затвори вратата на горната соба и ја заклучи.
3. Откривање на убиство
24Кога тој си отиде, слугите се вратија за да погледаат. Бидејќи вратата на горната соба беше заклучена, рекоа: „Без сомнение отиде настрана, во клетот до ладната соба.“ 25Го чекаа долго време, со двоумење, зашто тој не ја отвори вратата на горницата. Најпосле зедоа клуч и отворија: нивниот господар лежеше на земјата, мртов.
4. Погубување на Моавци
26Додека тие чекаа, Аод избега, ги замина веќе вајаните кипови и се засолна во Сеирот. 27Штом дојде во Израелевата Земја, затруби во рог на Ефремовата Гора; и Израелевите синови слегоа со него од гората, а тој им стоеше на чело. 28И им рече: „Врвете по мене! Господ ви ги предаде во рацете Моавците, вашите непријатели.“ Тие тргнаа по него, им го затворија на Моавците патот преку бродовите на Јордан и не оставија никого да премине. 29Погубија во тоа време околу десет илјади Моавци, сѐ крупни и храбри луѓе, и ниеден не им избега. 30Во тој ден Моавците потпаднаа под Израелева рака, и земјата беше мирна осумдесет години.
Е. Трет судија - Самегар
31По него беше Самегар, синот Анатов. Тој погуби шест стотини Филистејци со воловски остен. Така и тој го избави Израел.

Селектирано:

СУДИИ 3: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се