ЈАКОВ 2
2
Предупредување против предрасуди
1Браќа мои, имајте вера во нашиот славен Господ Исус Христос, не гледајќи кој е кој! 2Зашто ако на вашето собрание дојде човек со златен прстен и со светла облека, а влезе и сиромав во бедна облека, 3па погледате во оној, во светлата облека, и му речете: „Ти седни тука убаво!“ а на сиромашниот му речете: „Ти стој таму!“ или „Седни до моето подножје.“ 4Не правите ли разлики помеѓу себе и така станавте судии со лоши помисли?“ 5Послушајте, возљубени браќа мои, не ги избра ли Бог оние, кои се сиромаси пред светот, за да бидат богати во вера и наследници на Царството, кое им го ветил на оние, кои Го љубат? 6А вие го презревте сиромавиот! Не се ли богатите тие, кои ве угнетуваат и ве влечат по судилиштата? 7Не го хулат ли тие доброто име со кое сте наречени? 8Ако пак го исполнувате царскиот закон според Писмото: „Љуби го својот ближен како самиот себе!“- добро правите. 9Но ако гледате на лице, правите грев, и законот ве осудува како престапници. 10Зашто кој го пази целиот закон, а се сопне само во едно, станува виновен за сѐ. 11Зашто Оној Кој рекол: „Не прави прељуба!“ рекол и: „Не убивај!“ Ако не направиш прељуба, а убиеш, стануваш престапник на законот. 12Така зборувајте и така постапувајте како луѓе, кои ќе бидат судени по законот на слободата. 13Зашто судот нема милост кон оној, кој не покажувал милост. Милоста слави победа над судот.
Вера и дела
14Каква е ползата, браќа мои, ако некој рече дека има вера, а нема дела? Може ли верата да го спаси? 15Ако некој брат или сестра се голи и без секојдневната храна, 16па некој од вас им рече: „Одете си во мир, стоплете се и наситете се!“ а не им даде она, што им е потребно за телото, каква е ползата? 17Така и верата: ако нема дела, мртва е сама по себе. 18Но ако некој рече: ти имаш вера, а јас имам дела. Покажи ми ја својата вера без дела, а јас ќе ти ја покажам верата од моите дела. 19Ти веруваш дека има само еден Бог. Добро правиш; и бесовите веруваат и треперат. 20Сакаш ли пак да сознаеш, суетни човеку, дека верата без дела е мртва? 21Нашиот татко Авраам не беше ли оправдан од делата, кога го принесе на жртвеникот својот син Исак? 22Гледаш дека верата соработуваше со неговите дела, и дека верата преку делата стигна до совршенството. 23И така се исполни Писмото, кое вели: „Авраам Му поверува на Бога, и тоа му се засмета за правда, и се нарече Божји пријател.“ 24Гледате дека човекот се оправдува преку дела, а не само преку вера. 25Исто така и блудницата Раав не се оправда ли преку дела, кога ги прими согледувачите и кога ги испрати по друг пат? 26Имено, како што е телото без дух мртво, така и верата без дела е мртва.
Селектирано:
ЈАКОВ 2: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.