Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ИСАИЈА 58

58
3. Осуда за неискрена побожност
а. За вистински пост
1„Викај од сето грло, не воздржувај се! Издигни го својот глас како рог. Објави му ги на Мојот народ неговите злостори, на Јакововиот дом неговите гревови. 2Ден по ден, тие Ме бараат и сакаат да ги знаат Моите патишта, како народ кој ја извршува правдата и не го заборава правото на својот Бог. Од Мене бараат праведни судови и копнеат за да им се приближи Бог: 3‘Зошто постиме ако Ти не гледаш, зошто се смируваме ако Ти не знаеш?’ Ете, во денот кога постите наоѓате работа и на работа ги терате своите работници. 4Ете, вие постите за да се препирате и за да се карате и за да ги биете бедните со тупаницата. Не постете веќе како денес, и ќе ви се чуе гласот во висината! 5Зар Мене Ми е по волја таков пост во денот кога човекот се измачува? Да се наведнува главата кон земјата како трска, да се постила под себе вреќиште и пепел, сакаш ли тоа да го наречеш пост и ден угоден на Господа?
6Ова е пост што Ми е по волјата: да ги кинеш неправедните окови, да ги разврзеш врските на јаремот, да ги пуштиш на слобода угнетуваните, да ги скршиш сите окови; 7Да го поделиш својот леб со гладните, да ги воведеш под својот покрив бескуќниците, да го облечеш оној што ќе го видиш гол, и да не се криеш од оној, кој е од твојата крв.
б. Награда и благослов на праведен
8Тогаш ќе светне како зората твојата светлина и твоето здравје ќе процвета бргу. Твојата правда ќе оди пред тебе, а Господовата слава ќе ти биде заштитница. 9Ако викнеш, Господ ќе ти одговори, кога ќе извикаш, ќе рече: ‘Еве Ме!’ Ако ги отстраниш од својата средина јаремот, испружениот прст и безбожната беседа, 10ако му дадеш леб на гладниот, ако го наситиш угнетуваниот, твојата светлина ќе засвети во темнината, и твојата темнина ќе стане како пладне. 11Господ ќе те води непрекратно, ќе те сити во сушни краишта. Тој ќе ги закрепнува твоите коски, и ќе бидеш како напоена градина, како кладенец, чија вода никогаш не пресушува. 12И ти ќе градиш врз старите урнатини, ќе ги подигнеш основите на идните поколенија. Ќе те викаат поправач на урнатините и обновител на патиштата до населбите.
в. За вистинско пазење на сабота
13Ако ја воздржиш ногата за да не ја изгазиш саботата, и да не вршиш работи во светиот ден; наречеш ли ја саботата милина и чесен денот посветен на Господа; почитуваш ли го откажувајќи се од пат, од занимање со работа и од празни зборувања - 14тогаш ќе ја најдеш својата радост во Господа, и Јас ќе те изведам по земните височини, ќе ти дадам да уживаш во наследството на твојот татко Јаков, зашто Господовата уста зборуваше.“

Селектирано:

ИСАИЈА 58: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност