Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ИСАИЈА 58:6-12

ИСАИЈА 58:6-12 MKB

Ова е пост што Ми е по волјата: да ги кинеш неправедните окови, да ги разврзеш врските на јаремот, да ги пуштиш на слобода угнетуваните, да ги скршиш сите окови; Да го поделиш својот леб со гладните, да ги воведеш под својот покрив бескуќниците, да го облечеш оној што ќе го видиш гол, и да не се криеш од оној, кој е од твојата крв. Тогаш ќе светне како зората твојата светлина и твоето здравје ќе процвета бргу. Твојата правда ќе оди пред тебе, а Господовата слава ќе ти биде заштитница. Ако викнеш, Господ ќе ти одговори, кога ќе извикаш, ќе рече: ‘Еве Ме!’ Ако ги отстраниш од својата средина јаремот, испружениот прст и безбожната беседа, ако му дадеш леб на гладниот, ако го наситиш угнетуваниот, твојата светлина ќе засвети во темнината, и твојата темнина ќе стане како пладне. Господ ќе те води непрекратно, ќе те сити во сушни краишта. Тој ќе ги закрепнува твоите коски, и ќе бидеш како напоена градина, како кладенец, чија вода никогаш не пресушува. И ти ќе градиш врз старите урнатини, ќе ги подигнеш основите на идните поколенија. Ќе те викаат поправач на урнатините и обновител на патиштата до населбите.