Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ИСАИЈА 45

45
18. Пророштво за Кир
1„Господ зборува вака за Кир, за Својот помазаник: ‘Го примив за десница, за да ги покорам пред него народите и да им го распашам бедрото на царевите, за да ги отворам вратите пред него, па ниедна врата да не му биде затворена. 2Јас ќе одам пред Тебе за да ги израмнам високите места, за да ги разбијам бронзените врати, за да ги скршам железните лостови. 3Ти давам тајни сокровишта и скриени богатства, за да сознаеш дека Јас Сум Господ, Кој те повикувам по име, Израелевиот Бог. 4Заради Својот слуга Јаков и Израел, Својот избраник, Јас те повикав по име, те именував иако не Ме знаеше. 5Јас Сум Господ и нема друг; нема Бог освен Мене. Иако не Ме познаваш, те вооружав: 6нека се знае од исток до запад дека сѐ вон Мене е ништавило.
19. Суверена Божја сѐмоќност
Јас Сум Господ и нема друг; 7Јас ја творам светлината и ја создавам темнината. Јас ја создавам среќата и ја доведувам бедата, Јас, Господ, го правам сѐ тоа.’ 8Росете, небеса, одозгора, и облаци, дождете со праведност. Нека се раствори земјата за да процвета спасението, за да изникне избавувањето! Јас, Господ, создавам сѐ. 9Тешко му на оној кој се расправа со својот Творец, а е сад меѓу глинени садови? Дали му вели глината на грнчарот: ‘Што правиш?’ или неговото дело: ‘Нема раце!’ 10Тешко му на оној кој ќе му рече на таткото: ‘Зошто раѓаш?’ Или на жената: ‘Што си дала на свет?’“ 11Вака зборува Господ, Израелевиот Светец, неговиот Творец: „Зар е ваше да Ме прашувате за Моите деца, и да Ми заповедате за делото на Моите раце? 12Јас ја направив земјата и го создадов човекот на неа; со Своите раце ги оптегнав небесата и им заповедувам на сите нивни воинства. 13Јас го издигнав за да победи и му ги израмнив сите патишта. Тој ќе го обнови Мојот град и ќе ги врати Моите заробеници без откуп и надомест.“ Така вели Господ над Војските.
20. Идното обраќање на незнабожечките народи
14Господ зборува вака: „Трудот на Египет и трговијата на Етиопија, и Савците, луѓе со висок раст, ќе пребегнат при тебе и ќе бидат твои; ќе идат по тебе оковани, ќе ти се клањаат тебе и ќе ти се молат: ‘Бог е единствено кај тебе, нема друг.’“ 15Навистина Ти си скриен Бог, Израелев Бог, Спасител. 16Ќе се засрамат и ќе се збунат сите заедно, ќе си отидат засрамени, оние кои прават кипови. 17А Господ ќе го спаси Израел со вечно спасение. Нема да се засрамите и не ќе се смутите довека.
18Да, вака зборува Господ, Творецот на небесата - Тој е Бог - Кој ја вообличи и ја создаде земјата, Кој ја зацврсти и не ја создаде пуста, туку ја вообличи за живеење: „Јас Сум Господ и нема друг. 19Не говорев во тајност, во катчето на мрачната земја. Не му реков на Јакововото потомство: ‘Барајте Ме напразно.’ Јас, Господ, зборувам правда ја откривам вистината.
21. Повик кон незнабожечки народи за обраќање
20Соберете се и дојдете, пристапите заедно, сите преживеани од народот! Вистински неуки се оние што носат кип изработен од дрво и кои молат бог што не може да ги спаси. 21Објавете, изнесете ги своите докази, советувајте се заедно: Кој го навести тоа од старини и Кој прорече оттогаш? Не Јас ли, Господ? Нема друг Бог освен Мене; праведен Бог и Спасител нема освен Мене. 22Обратете се кон Мене за да се спасите, сите краишта на земјата, зашто Јас Сум Бог и нема друг! 23Се колнам Сам во Себе, од Мојата уста излегува вистина, нема да се врати напразно, дека пред Мене ќе се поклони секое колено, со Мене ќе се заколнува секој јазик, 24говорејќи: ‘Единствено во Господа се победата и силата! Кон Него ќе дојдат, засрамени, сите кои беснееја против Него. 25Преку Господа ќе победи и ќе се прослави сето Израелево потомство!’“

Селектирано:

ИСАИЈА 45: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност