Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ИСАИЈА 30

30
В. Против сојуз со Египет
1. Грешна надеж во Египет
1Тешко им на одметничките синови! Господ говори: „Тие спроведуваат основи што не се Мои, склучуваат сојузи што не се по Мојот Дух и натрупуваат грев на грев. 2Се запатија во Египет, не прашувајќи ја Мојата уста, за да прибегнат при фараоновото засолниште и за да се заштитат во сенката на Египет. 3Фараоновото засолниште ќе ви биде за срам, и за срамота заштитата во сенката на Египет. 4Ене ги неговите кнезови веќе во Соан, пратениците стигнаа во Ханес: 5сите тие ќе се разочараат во неполезниот народ, не ќе им биде на помош ниту во полза, туку за срам и срамота.“
2. Помошта на Египет суетна и неполезна
6Пророштво за негевските животни: Низ земјата на неволја и беда, на лавицата и лавот што рика, на лутицата и на крилестиот змев, тие го носат богатството на плеќите на ослињата, и сокровиштата на грбот на камилата, им го носат на неполезниот народ. 7Зашто е суетна и ништожна помошта на Египет затоа и го наречувам: Рахав - самофалец, кој само седи.
3. Бунтовниот Јуда ќе биде скршен
8Сега напиши на даска и запиши во книжен свиток, за да им остане сведоштво на идните времиња. 9Ова е непокорен народ, лажливи синови, синови кои не сакаат да го слушаат Господовиот Закон. 10На гледачите тие им велат: „Откажете се од гледањето!“ а на пророците: „Не пророкувајте ја вистината! Претскажувајте што ни е пријатно, пророкувајте ни предвидувања! 11Свртите од патот, отклонете се од патеката, отстранете ни го од пред очи Израелевиот Светец!“ 12Затоа вака вели Израелевиот Светец: „Зашто го отфрлате ова слово, а се надевате на нечесност и измама, и се потпирате врз нив, тој грев ќе ви биде како распуканица, надуена високо на ѕидот, што се заканува со паѓање: 14да се урне како што се крши глинениот сад, па меѓу неговите парчиња не ќе се најде ни парченце за да земеш жар од огништето или да зафатиш вода од кладенецот.“ 15Зашто вака зборува Господ Господ, Израелевиот Светец:
„Во враќање и почивање е вашето спасение, во смирена надеж е вашата сила,“ но вие не сакавте. 16Рековте: „Не! Ќе избегаме на коњите!“ - и затоа, ќе бегате! „Ќе јаваме на брзи коњи!“ - и затоа, вашите непријатели ќе бидат побрзи! 17Ќе избегате илјада од вас кога еден ќе ви се закани, ако ви се заканат петмина ќе се нафрлите во бегање додека не остане од вас како разголено дрво на врвот на гората или како знаме на брег.
4. Божји ветувања на народот, кој се кае
18Но Господ чека час за да ви се смилува, и по таа причина да ви искаже милост, зашто Господ е праведен Бог - блазе им на сите кои Го чекаат Него.
19Да, сионски народе, кој живееш во Ерусалим, не плачи веќе! Штом го чуе твојот пискот, веднаш ќе ти се смили; штом ќе те чуе, ќе те послуша. 20Господ ќе ве храни со лебот на тешкотијата, ќе ве пои со вода на неволјата, но веќе нема да се крие твојот Учител - очите ќе ти Го гледаат твојот Учител. 21И твоите уши ќе чујат слово како зборува зад тебе: „Тоа е патот, одете по него“, било да тргнувате надесно или налево. 22Ќе ги сметаш за нечисти своите сребрени ликови; ќе ги отфрлиш како нечистота и ќе им речеш: „Надвор!“
23А Тој ќе му даде дожд на твоето семе што ќе го посееш во земјата, и лебот што ќе го роди земјата ќе биде во изобилство и хранлив. Во оној ден, твојот добиток ќе пасе по широки пасишта. 24Воловите и ослиците што ја обработуваат земјата ќе јадат посолена крма, веана со лопата и веалка. 25И на секоја гора и на секој возвишен брег ќе има потоци и рекички - во денот на силниот колеж кога ќе се уриваат стражарниците. 26Тогаш светлината на месечината ќе биде како сончевата светлина, а сончевата светлина ќе стане седумпати посилна, како светлината на седум денови - во денот кога Господ ќе го излечи скршеното, кога ќе ги излечи раните од Своите удари.
5. Израелевите непријатели ќе бидат поразени
27Ете, Името на Господа доаѓа оддалеку, Неговиот гнев гори, димот е неиздржлив. усните Му се полни со јарост, јазикот Му е оган што голта. 28Здивот Му е како збуен поток што достига до грлото. Тој доаѓа да ги просее народите во погубувачкото решето, да стави узди за заблудување во челустите на народите.
29Тогаш песната ќе ви биде како во празничните ноќи, кога срцата се веселат како во оној кој покрај звуците на кавалот се искачува со чест на Господовата Гора, кон Израелевата Стена. 30Господ ќе загрми со величествен глас, и ќе ја покаже Својата рака што удира во јаросен гнев, среде гибелен оган, од буроносен пороен дожд и од крупен град. 31Од Господовиот глас ќе се исплаши Асирецот, шибнат со рачка. 32И секогаш кога ќе го удри казнената прачка, со која Господ ќе го нашиба, нека се разгласат тапаните и гуслињата - Тој војува со нив во сиот ек на бојот! 33Одамна е приготвен Тофет, за царот приготвен; - куп дрва висок, широк, многу оган, многу дрва. Здивот на Господовиот гнев, како сулфурен поток, ќе го изгори.

Селектирано:

ИСАИЈА 30: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се