ИСАИЈА 2
2
Б. Сегашен суд и идна слава
1. Ветување за славата на Божјото Царство на земјата
1Видение на Амосовиот син Исаија, за Јудеја и за Ерусалим: 2Ќе се случи на крајот на деновите: Гората на Господовиот Дом ќе биде поставена над сите гори, возвишена над сите брегови. Кон неа ќе одат сите народи, 3ќе се втурнат многу племиња и ќе речат: „Ајде, да се искачиме на Господовата Гора, да отидеме во Домот на Јакововиот Бог. Тој ќе нѐ научи на Своите патишта, ќе одиме по Неговите патеки.“ Зашто Законот ќе дојде од Сион, Господовото слово од Ерусалим. 4Тој ќе им биде судија на народите, ќе им суди на многу племиња, кои ќе ги прековат мечевите во плугови, а копјата во српови. Нема повеќе народ да дига меч против народ, ниту ќе се учи веќе на војување.
2. Јудина гордост и Божја казна
5Јаковов доме, дојдете, да одиме во Господовата светлина! 6Да, Ти го отфрли Својот народ, Јакововиот дом, зашто е полн со вражалци од исток и гатачи како Филистејците, се побратимуваат со туѓинци. 7Земјата му е полна со сребро и злато, и нема крај на неговото богатство; земјата им е полна со коњи, нема број на неговите коли. 8Земјата му е преполна со идоли, и тие се поклонуваат пред делото на своите раце, пред она што го направија нивните прсти. 9Смртникот ќе се наведне, човекот ќе се снизи; не проштавај им. 10Влези меѓу пештерите, скриј се во правот, пред Господовиот ужас, пред славата на Неговото Величество кога ќе стане да ја растресе земјата. 11Гордиот поглед ќе биде скршен, и човечкото високоумие ќе биде понижено. Господ ќе се возвиши, Единствено Тој - во оној ден. 12Да, тоа ќе биде ден на Господа над Војските, против сите горделиви и издигнати, против сите што се возвишуваат, за да ги собори; 13против сите либански кедри и против сите васански дабови; 14против сите вишнати гори и против сите издигнати брегови; 15против секоја висока тврдина, и против сите цврсти ѕидови; 16против сите тарсиски бродови, и против сите раскошни бродови. 17Човечката гордост ќе падне и човечката висина ќе се понижи. Господ ќе се возвиши, единствено Тој - во оној ден, 18и идолите на нечистите божества ќе ги снема без трага. 19Ќе влезат во дупките меѓу пештерите и во земните дупки, пред Господовиот ужас, пред сјајот на Неговото Величество, кога ќе стане да ја растресе земјата. 20Во оној ден: човекот ќе им ги фрли на кртиците и лилјаците, своите сребрени идоли и своите златни идоли на нечистите божества што си ги направил за себеси, за да им се поклонува; 21кога ќе избега во пештерските шупливости и во распуканиците на карпите пред Господовиот страв, пред болскотот на Неговото Величество кога ќе стане да ја растресе земјата. 22Прекратете да се надевате на човекот чиј здив е во неговите носалки: бидејќи што значи тој?
Селектирано:
ИСАИЈА 2: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.