Лого на YouVersion
Икона за пребарување

БИТИЕ 9

9
Одобрување да се јаде месо
1Тогаш Бог ги благослови Ное и неговите синови и им рече: „Плодете се и множете се и наполнете ја земјата. 2Нека се плашат и нека треперат од вас сите животни на земјата, сите птици во воздухот, 3сѐ што се движи и живее нека ви биде за храна; ви дадов сѐ како што ви ја дадов зелената трева. 4Само не јадете го месото со неговиот живот, односно со неговата крв. 5А за вашата крв, за вашиот живот, ќе барам сметка: ќе ја барам од секое животно; и од човекот за неговиот брат; ќе барам сметка за човечкиот живот. 6Кој пролее човечка крв, Човек ќе ја пролее неговата крв! Зашто Бог го создаде човекот Според Својот образ. 7А вие, плодете се и множете се, наполнете ја земјата и подложете ја под себе!“
Завет со Ное: божилак
8Уште Бог им рече на Ное и на неговите синови, со него: 9„Еве, Јас го склучувам Својот Завет со вас и со вашето потомство, после вас, 10и со сите живи суштества што се со вас: со птиците, со добитокот, со ѕверовите, - со сѐ што излезе, со вас од бродот - со сите живи суштества на земјата. 11Го поставувам Својот Завет со вас, така што никогаш повеќе потопните води нема да ги уништат живите суштества, ниту пак некогаш потопот ќе ја опусти земјата. 12И Бог рече: „А ова е знакот на Заветот, Што го склучувам меѓу Себе и вас И со сите живи суштества што се со вас, За идните поколенија: 13Го сместувам Мојот божилак во облакот, За да биде залог за Заветот, Меѓу Мене и земјата. 14Кога ќе дотерам облаци над земјата, А божилакот се појави во облакот, 15Ќе си спомнам за Својот Завет, За Заветот меѓу Мене и вас И секое живо суштество: И потоп повеќе нема да има, За да го истреби секое суштество. 16Кога божилакот ќе се појави во облакот, Јас ќе го видам И ќе си спомнам за вечниот Завет Меѓу Бога и секоја жива душа, И секое тело на земјата.“ 17И Бог му рече на Ное: „Тоа нека е знак на Заветот, што го склучив меѓу Себе и сите живи суштества на земјата.“ 18Ноевите синови, што излегоа од бродот, беа: Сим, Хам и Јафет. А Хам е прататко на Ханаанците. 19Тројцава беа Ноеви синови и од нив се насели целиот свет.
20А Ное почна да ја обработува земјата и посади лозје. 21Се напи вино и се испијани, па се разголи во својот шатор. 22Хам, прататкото на Ханаанците, го виде разголениот татко и им го кажа тоа на своите двајца браќа надвор. 23А Сим и Јафет зедоа наметка, па ја префрлија преку своите раменици и одејќи назадечки ја покрија со неа, татковата голота. Лицата им беа свртени на другата страна, така што не го видоа татка си гол. 24Кога Ное се отрезни од виното и дозна што му направи најмладиот син, 25рече: „Проклет да е Ханаан, и да им биде слуга на своите браќа!“ 26Тогаш продолжи: „Благословен да е Господ, Симовиот Бог, а Ханаан ќе му биде слуга! 27Бог нека го рашири Јафета, аа да живее во Симовите шатори, Ханаан нека му е слуга!“ 28А по потопот Ное поживеа триста и педесет години. 29Ное живееше вкупно девет стотини и педесет години; и почина.

Селектирано:

БИТИЕ 9: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се