Јосифа го доведоа во Египет. Таму, од Исмаилците кои го доведоа тука, го купи Египетецот Петефриј, фараонов придворник и заповедник на неговата телесна стража. Господ беше со Јосифа, затоа имаше успех во сѐ: Египетецот го зеде при себе, во куќата. Неговиот господар виде дека е Господ со него и дека му дава успех во сѐ што неговата рака презема; тој го засака и го зеде дворјанец, и го постави за управител на својот дом и му го довери сиот свој имот. А откако го постави над домот свој и над сѐ што имаше, Господ го благослови домот на Египетецот заради Јосифа: Господовиот благослов беше на сѐ што имаше - во куќата и во полето.
И така сѐ свое ѝ отстапи на Јосифовата грижа, па повеќе не се грижеше за ништо, освен за лебот што го јадеше. А Јосиф беше со складна става и убав. По некое време господаровата жена се загледа во него и му рече: „Легни со мене!“ Тој ѝ се спротиви ѝ рече на жената на својот господар: „Гледај! Откако сум јас тука, мојот господар не се грижи за ништо во куќата; сѐ што има ми го довери мене. Тој нема во куќава поголема власт отколку јас, и ништо не ми скратува освен тебе, зашто си негова жена. И како би можел да направам толку големо зло и да згрешам против Бога!“ Иако таа секојдневно му зборуваше така на Јосифа, тој не се согласи да легне со неа и да биде со неа. Еден ден Јосиф влезе во куќата по работа. Бидејќи никој од слугите не беше во куќата, таа го фати за наметката и рече: „Легни со мене!“ Но тој ја остави својата наметка во нејзината рака, се истрга и избега надвор. Откако виде дека ја остави наметката во нејзината рака и дека избега надвор, ги повика своите слуги и им рече: „Гледајте! Требаше да ни доведе еден Евреин, за да се подигрува со нас. Тој дојде при мене, за да легне со мене, но јас извикав со сиот глас. А штом чу како викам, ја остави својата наметка покрај мене и избега надвор.“ Ја задржа неговата наметка кај себе, додека господарот дојде дома. И нему му ја раскажа истата приказна: „Оној, слугата Евреинот, кого ни го доведе, дојде при мене, за да се подигрува со мене! Но штом чу како викам, ја остави својата наметка покрај мене и избега надвор.“
Кога неговиот господар го чу раскажувањето на својата жена, која рече: „Ете, така постапи твојот слуга со мене“, се разгневи. Господарот го грабна Јосифа и го фрли во темницата - таму каде што беа затворени царските затвореници. И остана во темницата. Но Господ беше со него, му покажа благодат на Јосифа, и тој најде милост во очите на управителот на темницата. Така управителот на темницата ги предаде во Јосифови раце сите затвореници, кои се наоѓаа во темницата; и таму не се правеше ништо без него. Бидејќи Господ беше со него, управителот не надгледуваше ништо што му беше доверено на Јосифа: Господ беше со него, и што да преземеше, Господ му даваше успех.