БИТИЕ 30
30
1Откако Рахила виде дека не му раѓа деца на Јакова, ѝ завиде на својата сестра и му рече на Јакова; „Дај ми деца! Инаку ќе умрам!“ 2Јаков се налути на Рахила и рече: „Зар сум Бог, Кој ја лиши твојата утроба од плод?“ 3А таа одговори: „Еве ја мојата слугинка Вала: влези при неа, па нека роди на моите колена, па така и јас ќе добијам деца преку неа.“ 4И така, му ја даде за жена својата слугинка Вала, и Јаков ѝ пристапи. 5Вала зачна и му роди на Јакова син. 6Тогаш Рахила рече: „Господ ми пресуди право. Го послуша мојот глас и ми даде син.“ Затоа му го даде името Дан. 7Рахилината слугинка Вала зачна пак и му роди на Јакова втор син. 8Тогаш Рахила рече: „Жестоко се борев со сестрата, ама победив.“ Затоа го нарече Нефталим.
9А откако Лија виде дека прекрати да раѓа, ја зеде својата слугинка Зелфа, па му ја даде на Јакова за жена. 10И Кога Лиината слугинка Зелфа му роди син на Јакова, 11Лија воскликна: „Доаѓа среќа!“ Затоа го нарече со името Гад. 12Лиината слугинка Зелфа му роди на Јакова и втор син, 13и Лија воскликна пак: „Блазе ми! Жените ќе ме викаат блажена!“ Затоа го нарече со името Асир.
14Еден ден, во времето на пченичната жетва, Рувим најде мандрагори во полето, па ѝ ги донесе на мајка си Лија. И Рахила ѝ рече на Лија: „Дај ми од мандрагорите на сина си!“ 15А Лија одговори: „Зар не ти е доста што ми го одзеде мажот, па уште сакаш да ги земеш од мене и мандрагорите на мојот син?“ Рахила одговори: „Па добро, Јаков нека лежи со тебе ноќеска, во замена за мандрагорите на твојот син.“ 16Кога Јаков стигна од поле, приквечер, Лија му излезе во пресрет и му рече: „Ти треба да дојдеш при мене, зашто те зедов под наем за мандрагорите на мојот син.“ Таа ноќ тој лежеше со неа. 17Бог ја послуша Лија; таа зачна па му го роди на Јакова петтиот син. 18Тогаш Лија рече: „Бог ми врати со награда, затоа му ја отстапив својата слугинка на мажа си.“ Затоа на синот му даде име Исахар. 19Лија зачна пак и му го роди на Јакова шестиот син. 20Тогаш Лија рече: „Бог ме дарува со скапоцен дар; сега мојот маж ќе ми даде дарови: па му родив шест синови.“ Затоа го нарече Завулон. 21Потоа роди ќерка и ѝ го даде името Дина. 22А Господ се сети за Рахила: Бог ја послуша и ја отвори нејзината утроба. 23Таа зачна и роди син, па рече: „Бог го отстрани мојот срам!“ 24Му го даде името Јосиф, велејќи: „Господ нека ми придаде и друг син!“
25Откако Рахила го роди Јосифа, Јаков му рече на Лавана: „Пушти ме да си одам во мојот роден крај! 26Дај ми ги моите жени, за кои ти служев, и моите деца, за да можам да си одам: па добро знаеш како ти служев.“ 27А Лаван одговори: „Не си оди, ако си ми пријател. Знам дека Господ ме благословуваше заради тебе.“ 28И уште рече: „Одреди си плата, каква сакаш од мене, и ќе ти ја дадам.“ 29Тој му одговори: „Ти добро знаеш што значеше мојата служба за тебе и како му беше на твојот добиток при мене. 30Тоа малку што го имаше пред моето доаѓање, се зголеми мошне многу, зашто каде и да поминував, Господ те благословуваше на моите чекори. А сега е време да поработам и за својот дом.“ 31Тој го праша: „Колку да ти платам?“ Јаков одговори: „Не ми плаќај ништо! Пак ќе го пасам и ќе го чувам твоето стадо, ако ми го сториш ова: 32Остави ме да поминам денес низ твоето стадо и да ја одделам од него секоја капчеста и шарена овца и секое црникаво од јагнињата и секоја капчеста и шарена од козите! Тоа нека ми биде плата! 33А во иднина кога со своите очи ќе ја проверуваш мојата плата, мојата чесност ќе биде сведок за мене: ако се најде меѓу моите кози една што не ќе биде шарена или капчеста, или меѓу јагнињата што не ќе биде црникаво, нека се смета за крадено!“ 34Лаван рече: „Добро, нека биде како што кажа.“ 35Но во тој ден, Лаван ги оддели сите шарени и дамкасти јарци, и сите жолтоцрвеникави и шарени кози - секоја што имаше бело на себе и секое црникаво од јагнињата па им ги предаде на своите синови. 36И оттаму, каде Јаков го пасеше остатокот на Лавановото стадо, се оддалечи на околу три дни одење.
37А Јаков зеде млади зелени прачки од топола, леска и јавор; вреза во нив белини, меѓу оставена кора, така што се гледаше белото на прачките. 38Така нашараните прачки ги стави во коритата, во поилата од кои пиеше добитокот. А бидејќи добитокот се спаруваше кога доаѓаше при водата, 39јарците се расплодуваа покрај прачките, па затоа козите окозуваа дамкасти, капчести и шарени јариња. 40Така Јаков ги одделуваше и овците и им ги вртеше главите кон шарените или кон сосем црните, што беа во Лавановото стадо. 41Освен тоа, кога и да се спаруваше добро порастениот добиток, Јаков ги ставаше прачките во коритата, токму пред очите на животните, така што се оплодуваа пред прачките. 42Но не ги ставаше пред послабите. Така послабите му паѓаа на Лавана, а добро развиените на Јакова. 43Така човекот се збогати сосем многу; придоби многу добиток, и слуги и слугинки, и камили и ослиња.
Селектирано:
БИТИЕ 30: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.