ЕЗЕКИЕЛ 7
7
Г. Пророштво за крај кој што доаѓа
1. Беда во Израелева земја
1Пак ми дојде Господовото слово и ми рече: 2“Ти, човечки сине, речи: ‘Вака ѝ зборува Господ на Израелевата Земја: „Крајот се приближува, свршетокот дојде, на сите четири страни на светот! 3Сега ти е и тебе крајот! Мојот гнев ќе го излеам врз тебе, ќе ти судам според твоите патишта, и врз тебе ќе ги оборам сите твои гнасности! 4И Моите очи не ќе те пожалат, нема да ти се смилувам, туку ќе те наградам според твоите патишта, твоите гнасности ќе останат во тебе. И ќе знаете дека Јас Сум Господ.“
5Господ зборува вака: „Еве, една несреќа доаѓа! 6Крајот доаѓа, ти доаѓа крајот, еве доаѓа! 7Редот дојде врз тебе, жителу на земјата! Твоето време доаѓа, денот наближува стравотија е, а не радост во горите. 8Ете, наскоро ќе го излеам гневот врз тебе! И Својата јарост ќе ја излеам врз тебе! Ќе ти судам според твоите патишта и ќе ги оборам врз тебе сите твои гнасности. 9И Моите очи не ќе те пожалат, нема да ти се смилувам, туку ќе ти платам според твоите патишта, и твоите гнасности ќе останат во тебе! И ќе сознаете дека Јас Сум Господ, Кој удира.
10Еве, еве денот доаѓа, те очекува, прачката веќе цвета и гордоста распапува, 11а насилството се подига како жезло на безбожноста! И никој не ќе остане од нив, никој од нивното мноштво. Ништо од нивниот шум, нема вредност во нив. 12Времето доаѓа, денот наближува! Кој купува нека не се радува, а кој продава, нека не тагува, зашто гневот се излева врз сето негово богатство. 13Зашто кој ќе продаде нема да добие повеќе бидејќи продал, и никој нема да го зајакне животот со беззаконие!
2. Уште поголеми беди и запустување насекаде
14Трубите трубат и сѐ е приготвено, но никој не тргнува во борба, зашто Мојот гнев се излева врз сето нивно мноштво. 15Надвор - меч а внатре - помор и глад! И кој е во полето, ќе загине од меч, а кој е во градот, гладот и поморот ќе го уништат. 16Кои ќе избегаат ќе се засолнат во горите како долински гулаби, а Јас ќе ги истребам сите, секого заради неговото беззаконие, 17и сите раце ќе ослабеат и сите колена ќе се затресат како вода. 18Ќе се облечат во вреќишта, трепет ќе ги опфати, срамот ќе ги покрие сите лица, сите глави ќе останат без коса! 19Своето сребро ќе го исфрлат по улиците, а златото ќе им биде како ѓубре, во денот на Господовиот гнев не ќе ги избават ни среброто ни златото, не ќе можат да им ги ситат душите ниту да им ги наполнат желудниците, зашто се сопнаа врз тоа за грев. 20Се возгордеа заради својот прекрасен накит; направија кипови од него - грозности и гнасности свои: затоа им го претворив во нечистотија. 21Ќе го дадам во рацете на туѓинците за да го запленат, за да го разграбаат и за да го обесветат. 22Ќе го одвратам од нив Моето лице: и Мојата светина нека се обесветува само нека влезат во неа провалниците и нека ја обесчестат! 23Подготвувај вериги, зашто земјата е полна со крв и злостори што заслужуваат смрт, и градот е преполн со насилства!
3. Онечистување на светини
24Затоа ќе ги доведам најлошите народи, за да ги наследат нивните домови. Ќе ја скршам гордоста на насилникот, и ќе бидат обесветени нивните светилишта. 25Ќе доаѓаат неволја по неволја, една лоша вест по друга! И ќе побараат видение од пророкот: не ќе има веќе Закон во свештеникот ни совет во старешината! 27Царот ќе жалее а кнезот ќе го опфати ужас, и рацете на народот ќе се растреперат, зашто ќе ги наградам според нивните патишта и ќе им судам според нивните судови. И ќе знаат дека Јас Сум Господ.“‘“
Селектирано:
ЕЗЕКИЕЛ 7: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.