Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ЕЗЕКИЕЛ 39

39
5 Погребение на разбиени множества на Гога
1А ти човечки сине, пророкувај против Гога и речи: ‘Господ Бог зборува вака: „Еве Ме против тебе, Гоже, голем кнезу на Рош, Месех и Тувал! 2Ќе те намамам и ќе те поведам, ќе те подигнам од крајниот север и ќе те доведам на Израелевите гори. 3Ќе ти го избијам лакот од левата рака и ќе ги истурам стрелите од твојата десница. 4На Израелевите гори ќе паднеш ти и сите твои чети и народите кои ќе бидат со тебе: те дадов за храна на грабливите птици на сѐ крилесто, и на ѕверовите. 5Ќе паднеш на отворено поле, зашто Јас реков така - говори Господ Бог. Ќе испратам оган на Магога и на жителите на островите, кои живеат безгрижно, и ќе знаат дека Јас Сум Господ.
7Моето свето име ќе го објавам среде Мојот Израелев народ, и не ќе оставам да се обесветува веќе Моето свето име! И сите народи ќе познаат дека Јас Сум Господ, Израелевиот Светец. 8Еве доаѓа и ќе се збидне - зборува Господ Бог! Тоа е денот за кој што зборував!
9Ќе излезат жителите на Израелевите градови, ќе запалат оган и ќе ги изгорат оружјето, штитовите, лаковите и стрелите, копјата и сулиците - со нив ќе палат оган седум години. 10Не ќе носат дрва од полето ниту ќе сечат по горите, туку ќе го палат огнот со оружје. И ќе ги запленат оние што нив ги пленеа, ќе ги ограбат оние што нив ги ограбуваа“ - говори Господ Бог.
11Во оној ден ќе му дадам на Гога за гроб прочуено место во Израел: долината Абарим, источно од Морето, што им го затворува патот на минувачите; таму ќе ги закопаат Гога и сето негово мноштво. И долината ќе се нарече Хамон-Гога (Гогови множества). 12И домот Израелев ќе ги закопува седум месеци за да ја очистат земјата. 13И сиот народ ќе ги закопува, ќе им биде славен денот во кој ќе се прославам, говори Господ Бог. 14Ќе изберат луѓе да поминуваат непрекратно низ земјата, со помош на минувачите ќе ги закопуваат останатите на земјата, за да ја очистат; а после седум месеци ќе направат проверка. 15И кога некој, минувајќи низ земјата, ќе види човечки коски, ќе подигне покрај нив надгробник додека гробарите не ги закопаат во долината Хамон-Гога. 16Хамона е име и на градот. И така, ќе ја очистат земјата.“‘
6. Господов жртвен празник
17А ти, човечки сине, Господ Бог зборува вака: ‘Речи им на птиците, на сѐ што е крилесто и на сите ѕверови: „Соберете се и дојдете! Соберете се отсекаде на Мојата жртва, што ја колам за вас, на големата гозба по Израелевите гори, за да се најадете месо и за да се напиете крв. 18Најадете се месо од јунаци и напијте се крв од земните кнезови, од овни, од јагниња, од јарци, од јунци, од згоен васански добиток! 19Најадете се мрсно до наситување и напијте се до опијанување од крвта на Моите жртви што ви ги заклав за вас. 20Наситете се на мојот стол со коњи и коњаници, со јунаци и секакви војници! - зборува Господ Бог.
21Таќа ќе се прославам меѓу народите, и сите народи ќе ги видат судот што ќе го извршам и раката што ќе ја дигнам против нив. 22Ќе знае Израелевиот дом дека Јас Сум Господ, нивниот Бог - од тој ден засекогаш. 23И ќе знаат народите дека Израелевиот дом беше одведен во ропство заради своите престапи: Ме изневери па го скрив Моето лице од нив и ги предадов во рацете на нивните непријатели, за да загинат од меч. 24Постапив со нив според нивната нечистота и според нивните престапи, и го скрив Моето лице од нив.“‘
7. Конечно собирање на Божји народ од раселување
25Затоа Господ Бог зборува вака: ‘Сега ќе го вратам Јакововото робје и ќе го помилувам сиот Израелев дом - ревнив на Моето свето име, 26ќе им го простам: срамот и сите неверства со кое што Ме изневерија додека уште живееја спокојно во земјата и немаше никој за да ги заплашува. 27А кога ќе ги доведам од народите и ќе ги соберам од непријателските земји, и кога врз нив пред очите на многу народи, ќе ја покажам Мојата светост, 28ќе знаат дека Јас Сум Господ, нивниот Бог, Кој ги одведе во ропство меѓу народите и Кој пак ќе ги собере во нивната земја, не оставајќи онаму ниту еден од нив. 29И никогаш веќе не ќе го кријам лицето од нив, зашто Мојот Дух го излеав врз Израелевиот дом’- зборува Господ Бог.“

Селектирано:

ЕЗЕКИЕЛ 39: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се