ЕЗЕКИЕЛ 3
3
1И ми рече: „Човечки сине, проголтај го тоа што е пред тебе! Изеди го тој свиток, та оди и проповедувај му на Израелевиот дом!“ 2Ја отворив устата, а тој ми даде да го проголтам свитокот 3и рече: „Човечки сине, нахрани го желудникот и насити ја утробата со свитокот што ти го давам!“ И го изедов, и во устата ми беше сладок како мед.
в. Да се зборуваат словата Господови
4Ми рече: „Човечки сине, оди кај Израелевиот дом и пренеси му ја мојата порака. 5Не те праќам кај народ со непознат јазик и со неразбирлив говор, туку те праќам кај Израелевиот дом. 6Не те праќам кај многу народи со непознат јазик и со неразбирлив говор, што ти не би можел да го разбереш. А кога би те и испратил кај нив, тие би те послушале. 7А Израелевиот дом не ќе те послуша, зашто ни Мене не Ме слуша, зашто Израелевиот дом е со тврда глава и со закоравено срце. 8Ете, затоа ќе го закоравам твоето лице како што е и нивното, и твојата глава ќе ја направам тврдоглава како што е и нивната. 9И не бој се од нив и не плаши се, зашто тие се одметнички род!“ 10Ми рече: „Човечки сине, сите зборови што ќе ти ги речам земи ги на срце и послушај ги со своите уши. 11И оди кај заробениците, кај синовите на својот народ, и речи им: ‘Вака зборува Господ Бог,’ послушале или не послушале!“
г. Посета на Вавилон
12Тогаш Духот ме подигна, и јас чув зад себе силен глас. Господовата слава се подигна од своето место. 13Го чув летањето на крилјата на оние суштества - удираа едно на друго и силното чкртање на колцата што се движеа со нив, и звук на силен гром. 14Тогаш Духот ме подигна и ме понесе. И јас одев огорчен во мојот дух, а Господовата рака ме притисна цврсто. 15Така стигнав во Тел Авив, кај робовите што живееја при реката Хевара - таму каде што се беа населиле - та останав меѓу нив седум дена како замајан.
д. Езекиел - стражар на Израелевиот дом
16По седум дена пак ми дојдоа Господовите зборови: 17“Човечки сине, те поставувам за чувар на Израелевиот дом. И ти ќе слушаш зборови од Мојата уста и ќе ги опоменуваш во Мое име. 18Кога ќе му речам на безбожникот: ‘Ќе умреш‘, а ти не го опоменеш и не го одвратиш од неговиот лош пат за да му го спасиш животот, тој ќе умре за своето беззаконие, ама јас ќе барам од тебе сметка за неговата крв. 19А кога ќе го опоменеш безбожникот, а тој не се одврати од беззаконието и од својот лош пат, тој ќе умре во своите беззаконија, а ти ќе го спасиш својот живот. 20Исто така, ако праведник се одврати од својата праведност и почне да прави неправда, ќе му поставам стапица, и ќе умре зашто ти не го опомена заради неговиот грев; ќе умре, и неговите праведни дела веќе не ќе се спомнуваат, ама од тебе ќе ја барам сметката за неговата крв. 21Ако ти го опоменеш праведникот да не греши, и тој навистина прекрати да греши, ќе живее, зашто ја прифати опомената, а ти ќе го спасиш својот живот.“
ѓ. Повелба да се затвори во куќата
22Таму пак ме зафати Господовата рака, и Тој ми рече: „Стани и слези во долината, за да зборувам таму со тебе!“ 23Тогаш станав и слегов во долината, и ете: Господовата слава стоеше таму, слична на Славата што ја видов при реката Хевара, та паднав ничкум. 24Господовиот Дух влезе во мене, ме исправи на нозе и рече: „Оди и затвори се во својот дом! 25Врз тебе, еве, човечки сине, ќе ставам јажиња и ќе те врзам, и веќе не ќе излегуваш. 26И јазикот ќе ти го залепам за непцето, та ќе онемиш и веќе не ќе ги кориш, зашто се одметнички род. 27А кога Јас ќе ти проговорам, ќе ти ја отворам устата, и ти ќе им речеш: ‘Вака зборува Господ Бог!’ И кој сака да слуша, нека слуша, а кој не сака, нека не слуша, зашто се одметнички род.“
Селектирано:
ЕЗЕКИЕЛ 3: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.