Тогаш Бог ги изговори сите овие зборови: „Јас Сум Господ, твој Бог, Кој те изведе од Египетската Земја, од куќата на ропството. Не ќе имаш никакви други богови покрај Мене. Не ќе си правиш врезан лик, ниту некаква слика на она што е горе во небото, или долу на земјата, или во водата под земја. Не ќе им се поклонуваш ниту ќе им служиш, зашто Јас, Господ, твојот Бог, Сум ревнив Бог. Ја посетувам неправдата на татковците - на оние кои Ме мразат - на децата до третото и четвртото поколение, а покажувам милости на илјадници, кои Ме љубат и ги пазат Моите заповеди. Не ќе го изговараш напразно името на Господа, твојот Бог, зашто Господ не ќе го остави неказнет оној кој го зема напразно Неговото име. Помни го саботниот ден, за да го осветуваш. Шест дена ќе работиш и ќе ги вршиш сите свои работи. А седмиот ден е сабота Господова, на твојот Бог. Тогаш никаква работа не ќе работиш: ни ти, ниту твојот син, ниту твојата ќерка, ни твојот слуга, ниту твојата слугинка, ниту твојот добиток, ниту странецот што е внатре во твоите порти. Зашто во шест денови Господ ги направи небото и земјата, морето и сѐ што е во нив, а на седмиот ден се одмори. Затоа Господ го благослови и го освети саботниот ден.
Почитувај ги твојот татко и твојата мајка, за да ти се продолжат дните на земјата, која ти ја дава Господ, твојот Бог.
Не ќе убиваш!
Не ќе прељубодејствуваш!
Не ќе крадеш!
Не ќе сведочиш лажно против твојот ближен!
Не ќе го посакуваш домот на твојот ближен! Не ќе ги посакуваш: жената на твојот ближен, ни неговиот слуга, ниту неговата слугинка, ни неговиот вол, ниту неговото осле, ни што и да е што му припаѓа на твојот ближен!“