Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ЕСТИРА 8

8
5. Возвишување на Мардохеј
1Во истиот ден царот Ахасвер ѝ ја предаде на Естира куќатана Амана, гонителот на Евреите, а Мардохеј стапи пред царевото лице, зашто Естира му објасни на царот што ѝ е тој. 2Царот го извади печатниот прстен, што веќе му го имаше одземено на Амана и му го даде на Мардохеја, а Естира го постави Мардохеја над Амановата куќа.
6. Естирина просба и царски указ
3Тогаш Естира пак му прозборува на царот му се фрли пред нозете; се расплака и го замоли најтопло да го осуети злото на Агагеецот Аман и опакиот наум што го имаше засновано против Евреите. 4Царот го испружи кон Естира златниот жезол. Естира се подигна, застана пред царот 5и рече: „Ако му е волја на царот, ако најдов милост пред неговото лице, ако му е право на царот, та ако сум мила во неговите очи: нека отповика писмено сѐ што напиша Аман, синот Амедатин, Агагеец, со опака намера да се погубат Евреите кои се наоѓаат во сите покраини на царството. 6Та како би можела јас да ја гледам несреќата, што би го погодила мојот народ? Како би можела да ја гледам гибелта на својот род?“ 7Царот ѝ одговори на царицата Естира и на Евреинот Мардохеј: „Ете ѝ ја подарив на Естира Амановата куќа, а него го предадов да биде обесен, зашто ја беше подигнал својата рака против Евреите, 8а вие во царево име напишете за Евреите што ќе ви е угодно и запечатете го со царевиот прстен. Зашто е неотповиклив прогласот што е напишан во царево име, та запечатен со царевиот печат.“
9Тогаш, во дваесет и третиот ден на третиот месец, односно на месецот сиван, беа повикани царевите писари, и според сѐ што имаше наредено Мардохеј, им се напиша на Евреите, на намесниците на управителите и на кнезовите на покраините од Индија до Етиопија, а беа сто дваесет и седум покраини, на секоја покраина со нејзиното писмо, на секој народ на неговиот јазик, па и на Евреите со нивното писмо и на нивниот јазик. 10Тој ги напиша писмата во името на царот Ахасвер и ги запечати со царевиот печат па ги распрати со брзоодците, кои јаваа на коњи и на мазги од царската коњаница. 11Царот им дозволи на Јудејците, по сите градови, дека можат да се состануваат да го бранат својот живот та да ја погубат, да ја истребат и да ја сотрат секоја народна или покраинска војска која би ги нападнала, не поштедувајќи ги ни децата ни жените, а им беше слободно да им ги ограбат нивните имоти; 12сѐ во истиот ден во сите покраини на Ахасверовото царство: во тринаесеттиот ден на дванаесеттиот месец, односно на месецот адар.
13Преписот на писмото, што имаше да стане закон во секоја покраина, беше објавен меѓу сите народи, за да бидат во тој ден Евреите подготвени да им се одмаздат на своите непријатели. 14Брзоодците, коњаници на царевите нескопени коњи, тргнаа веднаш и летнаа по царевата наредба. Наредбата беше објавена и во тврдината Шуша.
7. Јудејска победа
15Мардохеј излезе од кај царот облечен во царска облека од црвено сукно и од лен, со голем златен венец и со наметка од одлична ткаенина и од отворено црвено сукно. Градот Шуша воскликнуваше и се веселеше. 16Тоа беше за Евреите ден на светлина, на веселба, на воскликнувања и на прослава. 17Во секоја покраина, во секој град и место, до каде допре царевиот указ и закон, меѓу Евреите завладеја веселба, радост, гозба и празник и мнозина од народите на земјата станаа Евреи, зашто ги опфати страв од Евреите.

Селектирано:

ЕСТИРА 8: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се