Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ВТОРОЗАКОНИЕ 6

6
Целта на Законот
1„Ова се заповедите, законите и одредбите за кои Господ, вашиот Бог, ми заповеда да ве поучам во нив, за да ги вршите во земјата во која што одите да ја земете во сопственост 2за да се боиш, во текот на целиот свој живот, од Господа, од својот Бог, ти, твојот син и синот на твојот син, вршејќи ги сите Негови закони и сите Негови заповеди што ти ги повелам, па да имаш долг живот. 3Слушај, Израелу, пази ги и врши ги, за да ти биде добро и за да се размножиш во земјата во која течат мед и млеко, како што ти вети Господ, Бог на твоите татковци.“
Закон за љубов
4„Чуј, Израелу! Господ е наш Бог, Господ е Еден! 5Затоа љуби Го Господа, својот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа и со сета своја сила! 6Овие зборови што денес ти ги заповедам, нека ти се врежат во срцето. 7Напомнувај им ги на своите синови. Зборувај им за нив кога седиш дома во својата куќа и кога одиш патем; кога легнуваш и кога стануваш. 8Врзи ги на својата рака за знак, и нека ти бидат како запис меѓу очите! 9Напиши ги на довратниците на својата куќа и на своите врати! 10А кога Господ, твојот Бог, ќе те доведе во земјата за која им се заколна на твоите татковци, на Авраама, на Исака и на Јакова, дека ќе ти ја даде тебе: - со големи и убави градови, што не ги ѕидаше; 11со куќи полни со секакво благо, што не си ги полнил; со ископани кладенци, што не си ги копал; со лозја и со маслинови градини, што не си ги садел - и кога јадеш и ќе се наситиш: 12внимавај да не Го заборавиш Господа, Кој те изведе од Египетската Земја, од куќата на ропството. 13Бој се од Господа, од твојот Бог; искажувај Му Нему почитување; заколнувај се во Неговото име. 14Не одете по други богови, од боговите на другите народи што се околу вас. 15Зашто Господ, твојот Бог, што стои во твојата средина, е ревнив Бог; гневот на Господа, на твојот Бог, би пламнал против тебе и би те истребил од земјата.
16Не искушувајте Го Господа, својот Бог, како што Го искушавте кај Маса. 17Вршете ги точно заповедите на Господа, на својот Бог, Неговите упатства и Неговите закони, кои ги издаде. 18Врши што е право и добро во очите на Господа, за да ти биде добро и за да влезеш во Добра Земја, за која Господ им се заколна на твоите татковци 19дека ќе ги истера од неа сите твои непријатели пред тебе; така вети Господ.“
Објаснување на Законот на деца
20„А кога утре ќе те праша твојот син: ‘Што се тие упатства, закони и одредби што ви ги заповеда вам, Господ, нашиот Бог? 21Кажи му на сина си: ‘Бевме фараонови робови во Египет, ама Господ нѐ изведе од Египет со силна рака. 22Пред наши очи Господ направи големи и страшни знаци и чудеса против Египет, против фараонот и против целиот негов дом, 23а и нас нѐ изведе оттаму за да нѐ доведе и за да ни ја даде земјата, која со заклетва им ја вети на нашите татковци. 24И Господ ни нареди да ги исполнуваме сите овие наредби со стравопочитување кон Господа, кон својот Бог, за да бидеме секогаш среќни и за да живееме, како што е тоа денес. 25И така, нашата праведност ќе биде: да ги пазиме и да ги вршиме сите овие заповеди пред Господа, нашиот Бог, како што ни нареди.’“

Селектирано:

ВТОРОЗАКОНИЕ 6: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се