Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ВТОРОЗАКОНИЕ 19

19
Градови за засолнување за случајни човекоубијци
1„Кога Господ, твојот Бог, ги истреби народите чија земја ти ја дава тебе, па кога ги истераш и се населиш во нивните градови и домови, 2во земјата што Господ, твојот Бог, ти ја дава во наследство, оддели три града. 3Направи пат натаму, а тогаш подрачјето на земјата, која Господ, твојот Бог, ти ја дава во наследство, подели го на три, така да може секој убиец да пребега таму. 4Ова е случај во кој убиецот може да пребега таму и да го спаси својот живот: кога некој го убие својот ближен неволно, а да не го мразел пред тоа; 5пример: кога ќе отиде со својот ближен во гората да сече дрва, па замавне со секирата во раката за да го кутне дрвото, железото летнува од дршката и го погаѓа неговиот другар, па тој загинува: таквиот убиец нека пребега во еден од тие градови, и ќе го спаси животот. 6Инаку крвниот одмаздник, гонејќи го во својот бес убиецот кога патот би бил предолг - би можел да го стигне гонетиот и да го погуби, иако тој не заслужил смрт, бидејќи не го мразеше отпорано убиениот. 7Затоа ти наредувам оддвои три града! 8А кога Господ, твојот Бог, го прошири твоето подрачје, како што им се заколна на твоите татковци, и ти ја даде целата земја која им ја вети на твоите татковци, 9и ако ги пазиш и вршиш сите овие заповеди што ти ги заповедав денес, и Го љубиш Господа, својот Бог, и одиш по Неговите патишта за сето време - тогаш кон овие градови додај уште три града: 10така не ќе се пролева невина крв во твојата земја која ти ја дава Господ во наследство, и не ќе се извалкаш со крв.“
Казна за човекоубиец
11„Но ако некој го мрази својот ближен и го дебне, скокне на него и го убие, а потоа избега во еден од тие градови, 12тогаш старешините на оној град нека го изведат убиецот и нека го предадат во рацете на крвниот одмаздник за да го погуби. 13Твоето око нека не го сожалува! Така, во Израел, ќе го искорениш пролевањето на невина крв, и ќе бидеш среќен.“
14„Не го преместувај соседовиот меѓник, со кој старите го разграничија твојот недвижен имот, што ќе го наследиш во земјата која ќе ти ја даде Господ, твојот Бог, во наследство.“
Закон за сведоци
15„Нека не станува еден единствен сведок против човек, ниту за каква вина и ниту за каков злостор. Каков и да е прекршокот, пресудата нека почива врз изјавата на двајца или тројца сведоци. 16Ако некој лажен сведок стане против некого обвинувајќи го за буна, 17тогаш двата кои се спорат нека стапат пред Господа, пред свештеникот и пред судиите кои ќе ја вршат службата во тоа време. 18Судиите нека спроведат основна истрага. Ако се покаже дека сведокот е лажен и дека сведочел лажно против брата си, 19направете му онака како што тој му намислил на својот брат. Откорнете го злото од својата средина! 20Другите, кога ќе чујат за тоа, ќе се исплашат, па веќе не ќе прават такво зло во твојата средина. 21Нека не ти се сожалува окото! Живот за живот; око за око; заб за заб; рака за рака; нога за нога.“

Селектирано:

ВТОРОЗАКОНИЕ 19: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се