Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ВТОРОЗАКОНИЕ 17

17
1„Не жртвувај Му на Господа, својот Бог, ни вол ни овен што би имал на себе недостаток или некакво зло, зашто тоа е гадно пред Господа, твојот Бог. 2Ако во твојата средина - во било кој твој град, што ти го дава Господ, твојот Бог - се најде човек или жена да направи тоа што е зло во очите на Господа, твојот Бог, и да го престапи Неговиот Завет: 3па отиде да им служи на други богови и им се поклони ним, на сонцето, на месечината, или на што и да е од небеското воинство, а што сум го забранил јас, 4и ти се јави тебе за тоа и ти го чу тоа, тогаш испитај внимателно; и ако биде вистина, и навистина била направена таа грозотија во Израел, 5тогаш тој човек, или таа жена, кои направија такво зло, изведи ги пред градската врата па каменувај ги за да загинат. 6Осудените на смрт нека бидат погубени на изјава на двајца или тројца сведоци. На збор на еден сведок не смеат да бидат погубени. 7Најнапред сведоците нека кренат рака на него за да го погубат, а потоа нека ја дигне целиот народ. Така ќе го откорнеш злото од својата средина.“
8„Ако ти биде нешто претешко да го пресудиш: убиство, судир за правата, некаква повреда или караница во твојот град, тогаш стани и тргни кон местото што ќе го избере Господ, твојот Бог. 9Обрни им се на свештениците, на левитите и на судиите кои ќе бидат за тоа време. Прашај ги нив, тие ќе ти пресудат. 10И направи онака како што ќе ти речат во местото што Господ го избра, и настојувај да направиш сѐ, што тие ќе те научат тебе. 11Постапи според напатствието што ќе ти го дадат и според пресудата која ќе ја донесат. Не отстапувај ни десно ни лево од пресудата што ќе ти ја кажат. 12Ако некој би се спротивил дрско и не би ги послушал ни свештеникот, кој стои таму за да Му служи на Господа, твојот Бог, ни судијата, тој човек нека биде погубен. Така ќе го откорнеш злото од Израел, 13а сиот народ, кога ќе научи, ќе се бои и веќе нема да се противи дрско.“
Избор на цар
14„Кога ќе стигнеш во земјата, која ти ја дава Господ, твојот Бог, имено; кога ќе ја земеш во сопственост и кога ќе се населиш во неа, па тогаш ќе речеш: ‘Сакам да поставам цар над себе, како што го имаат сите други народи околу мене’ - 15тогаш ќе си го поставиш за цар оној, кого ќе го избере Господ, твојот Бог. Постави некого од своите браќа за цар над себеси, а не смееш да поставуваш над себеси туѓинец, кој не ти е брат. 16Само нека не држи многу коњи, и нека не го праќа народот во Египет, за да го зголеми бројот на коњите. Зашто Господ ви рече: ‘По овој пат никогаш повеќе не се враќајте!’ 17И нека нема многу жени, за да не му тргне срцето по суета; и нека не натрупува за себе купови сребро ни злато!
18А кога ќе седне на царскиот престол, нека го препише за себе на свиток овој Закон од свештениците левити. 19Нека го држи покрај себе; нека го чита во секое време на својот живот, за да научи да се бои од Господа, својот Бог, за да ги пази сите зборови на овој Закон и да ги врши овие одредби; 20за да не се издигне со срцето над своите браќа и за да не сврти настрана од оваа заповед ни десно ни лево, за да би царувал долго, тој и неговите синови, во Израел.“

Селектирано:

ВТОРОЗАКОНИЕ 17: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се