Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ВТОРОЗАКОНИЕ 15

15
Закони за робови и бедни
За годините на проштавање
1„На крајот на седмата година проштавај ги долговите. 2Вака нека биде прошката: секој нека му го прости своето побарување на должникот; нека не го бара долгот од својот ближен ни од својот брат, кога еднаш ќе биде прогласено Господовото проштавање на долговите. 3Можеш да бараш од туѓинецот, ама она што ќе се најде твое кај брата ти, треба да го оставиш, 4за да нема сиромав кај тебе. Па Господ ќе те благословува изобилно во земјата, која Господ, твојот Бог, ти ја дава во наследство за да ја имаш, 5само ако го слушаш добро гласот на Господа, својот Бог, пазејќи ги и вршејќи ги сите овие заповеди што ти ги давам денес. 6Господ, твојот Бог, ќе те благословува, како што ти вети, па ќе можеш да им даваш заеми на многу народи, а самиот не ќе треба да ги земаш; и ќе владееш над многу народи, додека тие нема да господарат над тебе.
7Ако се најде кај тебе некаков сиромав, некој од твоите браќа, во кој и да е град во земјата што Господ, твојот Бог, ќе ти ја даде, не биди со тврдо срце ниту ги затворај своите раце спрема својот беден брат, 8но отвори ги ширно своите раце и дај му спремно тоа што му недостига. 9Чувај се да не ти се зароди во срцето опака мисла па да речеш: ‘Седмата година, година на проштавање на долговите, веќе наближува,’ и да не погледаш со лошо око на својот сиромашен брат и да не му дадеш ништо. Тој би Го повикал Господа против тебе, и гревот ќе биде на тебе. 10Давај му со задоволство, а не срцето да ти биде нерасположено кога му даваш, зашто заради тоа ќе те благословува Господ, твојот Бог, во секоја твоја работа и во секој потфат на твоите раце. 11Бидејќи бедните никогаш не ќе ги снема од земјата, ти заповедам: отвори ја ширум својата рака за својот брат, за својот беден и за оној што има потреба во твојата земја.“
Ослободување на робови
12„Ако ти се продаде тебе твојот брат - Евреин или Еврејка - нека ти служи шест години, а на седмата година пушти го слободен од кај себе. 13Кога ќе го пуштиш слободен од при себеси, не испраќај го со празни раце. 14Дарувај го со нешто од својот добиток, од своето гумно и од својата каца; со што веќе Господ, твојот Бог, те благословил, дај му и нему од тоа. 15Спомнувај си како беше роб во Египетската Земја, и како Господ, твојот Бог, те откупи. Затоа ти го заповедам ова денес. 16Но ако тој ти рече: ‘Не сакам да си одам од кај тебе,’ зашто ве љуби тебе и твојот дом, и зашто кај тебе му беше добро - 17тогаш земи шило и продупчи му го увото при вратата, и нека ти биде роб засекогаш! Така исто направи и со својата слугинка. 18Кога ќе го отпушташ слободен од кај тебе, нека не ти биде тешко, зашто заслужил двојна наемничка плата за шест години што ти ги служеше. Затоа Господ, твојот Бог, ќе те благослови во сѐ што ќе работиш.“
19„Сите машки првородени, што ќе ги даде твојот крупен и ситен добиток, посвети Му ги на Господа, својот Бог! Затоа волот првенец не го впрегнувај ниту стрижи го првенецот на својот ситен добиток. 20Јади го ти и твојот дом секоја година во присуство на Господа, твојот Бог, во местото што ќе го избере Господ. 21Ама ако имаат некаков недостаток, ако бидат хроми или слепи, или ако имаат некаков грд недостаток, немој да Му ги жртвуваш на Господа, твојот Бог! 22Изеди ги во својата куќа. И нечистиот и чистиот можат да ги јадат, како срната и еленот. 23Единствено не смееш да ја јадеш нивната крв! Излеј ја на земјата како вода.“

Селектирано:

ВТОРОЗАКОНИЕ 15: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се