Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ВТОРОЗАКОНИЕ 13

13
Втора заповед. Лажните пророци да бидат погубувани
1„Ако во твојата средина се појави некаков пророк или човек со гледање во соништа, па ти изнесе некаков знак или чудо; 2и тој знак или чудо, за кое ти зборувал, се исполни, и тогаш тој ти рече: ‘Да тргнеме сега по други богови, кои досега не ги познаваше, и ним да им искажуваме почитување,’ 3не слушај ги зборовите на тој пророк ни соништата на тој сонувач: па тоа ве искушува Господ, вашиот Бог; сака да дознае дали навистина Го љубите Господа, својот Бог, со сето свое срце и со сета своја душа. 4Одете само по Господа, својот Бог; бојте се од Него; вршете ги Неговите заповеди; слушајте го Неговиот глас, служете Му; прилепете се кон Него. 5А оној пророк или соновидец нека биде погубен, зашто поттикнуваше на отпаѓање од Господа, од вашиот Бог, Кој ве изведе од Египетската Земја и ве откупи од куќата на ропството. Оној сакаше да те заведе од патот по кој Господ, твојот Бог, ти нареди да одиш. Така треба да го откорнеш злото од својата средина.“
6„Кога твојот брат, синот на мајка ти, или твојот сопствен син, твојата ќерка, жената во твојата прегратка, или твојот пријател кој ти е како и животот, би те заведувал потајно, велејќи: ‘Ајде да им служиме на други богови,’ кои не ги познаваш ни ти ниту ги познаваа твоите татковци, 7на боговите на оние народи што ќе бидат околу вас, било близу до тебе, било далеку од тебе, од едниот до другиот крај на земјата, 8немој да се согласиш ниту го слушај! Твоето око нека не го сожалува; не штеди го и не сокривај го, 9но уби го! Твојата рака нека се дигне прва за да го умртвиш, а потоа раката на целиот народ. 10Затрупај го со камења додека не умре, зашто се обидуваше да те одврати од Господа, твојот Бог, Кој те изведе од Египетската Земја, од домот на ропството. 11Кога ќе го чуе тоа, целиот Израел ќе се наполни со страв, па веќе не ќе прави такво зло во твојата средина.“
Уништување на идолопоклонички градови
12„Ако во твојот град, што Господ, твојот Бог, ќе ти го даде да се населиш во него, чуеш како зборуваат: 13‘Се појавија лоши луѓе во твојата средина и ги заведоа жителите на својот град, кажувајќи: „Ајде да им служиме на други богови!“ - што вие инаку не ги познавате’ - 14тогаш добро истражи, распрашај се и темелно извиди. Ако биде вистина, и навистина била направена таа грозотија во твојата средина, 15тогаш исечи ги со остар меч жителите на тој град, предај ги на проклетство него и сите што се во него и неговиот добиток. 16Потоа собери го сиот плен среде плоштадот па изгори го градот со сиот плен како паленица за Господа, својот Бог. Нека остане засекогаш урнатина, и веќе никогаш нека не се соѕидува. 17Од она што беше предадено на проклетство нека ништо не се прилепи за твојата рака, за да се откаже Господ од жестокоста на Својот гнев; за да ти искаже милосрдие, да ти се смилува и да те размножи, како што им се заколна на твоите татковци, 18ако ти го слушаш гласот на Господа, својот Бог, пазејќи ги сите Негови заповеди, што ти ги наредувам денес, и вршејќи што е право во очите на Господа, твојот Бог.“

Селектирано:

ВТОРОЗАКОНИЕ 13: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се