Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ДАНИЕЛ 5:17-30

ДАНИЕЛ 5:17-30 MKB

Даниел го прифати зборот и му одговори на царот: „Твоите дарови нека ти останат, и своите поклони дај им ги на други! А јас ќе го прочитам ова писмо на царот и ќе му го кажам неговото значење. О цару, Сѐвишниот Бог му даде царство, величина, чест и слава на Навуходоносор, твојот татко. Заради величината што му ја даде трепереа од страв пред него народите, племињата и јазиците: тој убиваше според својата волја, го оставаше во живот кого што сакаше, го возвишуваше кого што сакаше, го понизуваше кого што сакаше. Но кога срцето му се издигна и духот се ожесточи до дрскост, тогаш беше оборен од својот царски престол и славата му беше одземена. Беше протеран од човечкото општество и неговото срце стана слично на животинското: престојуваше со диви ослици; јадеше трева како вол; небесната роса го миеше неговото тело, додека не созна дека Сѐвишниот Бог има власт над човечкото царство и дека го става на чело оној кого што Тој сака. Но ти, Валтазаре, сине негов, не го понижи своето срце иако го знаеше сѐ ова: ти се издигна против Небесниот Господ, нареди да ти ги донесат посатките од Неговиот Храм и пиевте вино од нив, ти, твоите големци, твоите жени и твоите соложници, фалејќи ги боговите од злато и сребро, од бронза и железо, од дрво и камен кои не гледаат, не слушаат, ниту разбираат, а не Му даде слава на Бога Кој во Својата рака ги држи твојот здив и сите твои патишта. И затоа Тој ја испрати оваа рака, која го напиша ова писмо. А еве што е напишано: Мене, Мене, Текел, Уфарсин. А тие зборови значат: Мене: Господ го измери твоето царство и му ставил крај: Текел: беше мерен врз мерилка и најден си прелесен; Уфарсин: твоето царство е разделено и им е предадено на Мидијанците и на Персијанците.“ Тогаш Валтазар нареди да го облечат Даниела во црвено сукно, да му обесат златна веришка околу вратот, и да го прогласат за трет во царството. Во таа иста ноќ халдејскиот цар беше убиен. А Мидијанецот Дариј го презеде царството веќе стар шеесет и две години.