Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ДАНИЕЛ 2:10-30

ДАНИЕЛ 2:10-30 MKB

Халдејците одговорија пред царот: „Нема човек во светот кој би можел да му открие нешто такво на царот. И затоа ниеден цар, ма колку да е голем и силен, не бара такво нешто од волшебниците, гаталците или ѕвездарите. Тоа што го бараш, цару, тешко е, и нема никој што би можел да му го открие тоа на царот освен боговите, кои не живеат меѓу смртниците.“ Тогаш царот се разгневи многу и се налути та нареди да ги погубат сите вавилонски мудреци. Откако беше објавена наредбата за да бидат убиени мудреците ги побараа Даниела и неговите другари за да ги погубат. Но Даниел му се обрати со мудри и умни зборови на Ариох, заповедникот на царските телохранители, кој одеше да ги погуби вавилонските мудреци. Тој му рече на Ариох, царскиот заповедник: „Зошто царот издаде толку строга наредба?“ Ариох му раскажа на Даниела, а Даниел отиде кај царот и го замоли да му даде време та ќе му го протолкува сонот. И Даниел влезе во својата куќа та им кажа сѐ на Ананиј, Мисаил и Азариј, на своите другари, за да молат милост од Небесниот Бог заради таа тајна, за да не загинат Даниел и неговите другари со другите вавилонски мудреци. И му се јави тајната на Даниел во ноќно видение. А Даниел го благослови Небесниот Бог. Даниел го прифати словото и рече: „Божјото име да биде благословено одвека довека, Негова е мудроста и силата. Тој ги менува добата и времињата, ги руши и ги поставува царевите, им дава мудрост на мудрите, а знаење на проницливите. Тој ги открива длабочините и тајните, знае што е во темнините и светлината живее во Него. Тебе Те славам и фалам, о Боже на моите татковци, зашто ми даде мудрост и сила! Еве, ми го откри она за што Те молевме, ни го откри тоа што го бара царот.“ Даниел отиде кај Ариох, кому царот му нареди да ги погуби вавилонските мудреци. Влезе и му рече: „Не убивај ги вавилонските мудреци! Одведи ме кај царот па ќе му го протолкувам сонот.“ Тогаш Ариох неодложно го приведе Даниела кај царот и му рече: „Најдов човек од заробените синови на Јудеја, кој може да му го открие на царот значењето на сонот.“ Царот му рече на Даниела (кој се викаше Валтазар): „Дали си способен да ми кажеш што сонував и што значи сонот?“ Даниел одговори пред царот: „Тајната што царот ја истражува не можеа да му ја откријат на царот мудреците, волшебниците, гатачите и проколнувачите; ама има на небото Бог Кој ги открива тајните, и Тој му го соопшти на царот Навуходоносор она што ќе биде во последните денови. Еве го твојот сон и она што ти се привидело во постелата: Тебе цару, во твојата постела, ти дојдоа мисли за тоа што ќе се случи подоцна, а Откривателот на тајните ти соопшти она што ќе биде. Иако немам мудрост повеќе отколку другите смртници, таа тајна ми е откриена само затоа за да му го соопштам на царот нејзиното значење и за да ги запознаеш мислите на своето срце.