ДАНИЕЛ 11
11
3. Толкување на Даниелови виденија
а. Од Персиско царство до Александрова смрт (323 пред Христа)
1И така во првата година на Дариј мидјанецот му станав поткрепа и закрила.
2А сега ќе ти ја откријам вистината. Еве: уште три цара ќе станат во Персија: четвртиот ќе биде побогат од другите, па кога ќе се засили заради своето богатство, сите ќе ги подигне против Грчкото царство. 3Ќе стане јуначки цар, ќе владее со голема власт и ќе прави што ќе му биде волја. 4А штом ќе се дигне, неговото царство ќе се распадне и ќе биде поделено на четири небесни ветра, ама не меѓу неговите потомци; и не ќе биде веќе толку силно како во времето на неговото владеење, зашто неговото царство ќе биде разурнато и предадено на други, а не ним.
б. Војна меѓу Птоломејци и Селевкиди
5Царот на југ ќе стане силен; еден од неговите заповедници ќе биде посилен од него и ќе завладее со поголема сила отколку што е неговата. 6Неколку години подоцна тие ќе се здружат, а ќерката на царот на Југ ќе дојде кај царот на Север за да склучат договор. Ама таа со тоа нема да ја запази силата на својата мишка, и нејзиното потомство нема да се додржи: ќе бидат предадени таа и нејзината придружба, и нејзиното дете и нејзиниот помогнувач во тие времиња.
7Но еден подник од нејзиниот корен ќе се подигне на нејзиното место, ќе навали врз војската, ќе навлезе во тврдината на царот на Север, ќе дејствува против нив и ќе ги победи. 8Па и нивните богови, нивните кипови и нивните скапоцени посатки, сребрени и златни, ќе ги однесе како плен во Египет. Неколку години ќе биде појак од царот на Север, 9кој тогаш ќе навлезе во царството на Југ од каде ќе се врати во својата земја.
10Ама тогаш неговите синови ќе се вооружат, ќе соберат силна војска, ќе навалат одлучно и ќе поминат како поплава, потоа пак ќе се заметне војна сѐ до неговата тврдина. 11Тогаш царот на Југ ќе се разгневи и ќе завојува против царот на Север; ќе дигне силна војска и ќе ја надвладее неговата војска. 12Мноштво ќе биде уништено, а тој ќе се возгордее заради тоа; ќе погуби десетици илјади, но нема да се додржи: 13царот на Север пак ќе крене војска поголема отколку порано, и по неколку години ќе навали со голема, добро опремена војска и со богатство.
14Во тоа време мнозина ќе се дигнат против царот на Југ; ќе станат и насилниците од твојот народ за да се исполни привидот но ќе пропаднат. 15Царот на Север ќе дојде: ќе подигне насипи за да заземе еден утврден град. Мишките на југ не ќе одолеат, па ни избраните чети не ќе имаат сила да дадат отпор. 16Оној ќе навали против него и ќе направи со него како што ќе му се посака - никој не ќе му даде отпор: ќе се запре во Прекрасната Земја, и таа ќе настрада од неговите раце. 17Откако цврсто одлучи да го добие по секоја цена сето негово царство, ќе склучи со него договор давајќи му една ќерка за жена за да го упропасти, ама нема да успее, тоа нема да се збидне. 18Потоа ќе се заврти кон островите и многу ќе освои, ама еден заповедник ќе го докрајчи тој срам, ќе му врати срам за срамот. 19Бргу ќе се заврти кон тврдините на својата земја, ама ќе се сопне, ќе падне, и веќе не ќе се подигне.
20На неговото место ќе дојде еден кој ќе испрати даночник по најславното во царството, ама за малку време ќе загине без гнев и без војна.
в. Видение мал рог - Антиох Епифан и гонење на Јудејци
21На негово место ќе се воздигне ништожник, кому не му припаѓа царска чест. Но тој ќе дојде одненадеж и со сплетки ќе го завладее царството. 22Пред него ќе бидат преплавени и скршени напаѓачките сили и самиот водач на Сојузот. 23И покрај спогодбата со него, ќе нападнат предавнички и ќе го совладаат со малку луѓе. 24Одненадеж ќе навлезе во богати покраини и ќе постапува како што не постапуваа неговите татковци ни татковците на неговите татковци, растурајќи го меѓу своите пленот, грабежот и богатството, ќе смислува завери против тврдите градови, но само за некое време. 25Ќе ја раздвижи, со голема војска, својата сила и храброст против царот на Југ. Царот на Југ ќе тргне во војна со голема и силна војска, ама не ќе издржи, зашто против него ќе биде направена завера. 26И тие кои јадеја покрај неговиот стол ќе го погубат: неговата војска ќе биде уништена и мнозина ќе паднат исечени. 27Обата цара ќе смислуваат зло; седејќи покрај ист стол ќе си зборуваат лаги еден на друг: но не ќе успеат, зашто крајот е одложен до одредено време. 28Тој ќе се врати во својата земја со големо благо; со срцето против Светиот Завет, ќе го направи своето и ќе се врати во својата земја.
29Во одредено време пак ќе тргне против Југ, но сега нема да биде како првиот пат. 30Китимските бродови ќе нападнат на него, и тој ќе се исплаши. Ќе се врати, ќе се разгневи против Светиот Завет и пак ќе се спогоди со оние кои го напуштија Светиот Завет. 31Неговите чети ќе дојдат и ќе го обесветат Светилиштето на Тврдината, ќе ја укинат секојдневната жртва и ќе ја постават грозноста на запустувањето. 32Со своите сплетки ќе ги наведат на отпаднување оние кои згрешија против Заветот, но луѓето кои Го љубат Бога ќе се засилат и ќе дејствуваат. 33Разумните во народот ќе го поучуваат мноштвото, ама едно време ќе ги сотрува со меч, и со оган, со заточение и со грабеж. 34Додека ги затираат, само неколкумина ќе им помагаат, а мнозина ќе им се придружат измамливо. 35Некои од разумните ќе настрадаат за да се испитаат, за да се очистат и за да обелат до времето на свршетокот, зашто уште не дојде одреденото време.
г. За царева нечесност
36Царот ќе постапува како што ќе сака, вознесувајќи се и воздигнувајќи се себеси над сите богови: против Бога над боговите ќе зборува хули, и ќе успева додека не се исцрпи гневот - зашто она што е одредено, тоа ќе се исполни. 37Не ќе се грижи за боговите на своите татковци, ни за љубовта на жените, ниту за кој и да е друг бог: ќе се издига самиот себе над сите. 38Место нив ќе го почитува богот на тврдините, богот кого не го познаваа неговите татковци, ќе го почитува со злато и сребро, со бесцени камења и со други скапоцености. 39Ќе навали на тврдините на градовите со помош на туѓ бог: оние кои ќе го признаат него ќе ги опсипе со почести и ќе им даде власт над мноштвото и ќе им дели земја за награда.
д. Време на свршеток
40Во времето на свршетокот царот од Југ ќе завојува со него; царот од Север ќе нападне против него како виор со своите коњи, со своите коњаници и со многу свои бродови. Ќе навлезе во земјите и ќе помине низ нив како поплава. 41Ќе навлезе во Прекрасната Земја и мнозина ќе паднат. На неговите раце ќе им избегаат Едом и Моав и главнината на Амоновите синови. 42Ќе ги испружи своите раце по земјите: Египет нема да му избега. 43Тој ќе ги освои: златното и сребреното благо и сите скапоцености на Египет и Либијците. 44Но и Етиопците ќе го следат. Ќе го вознемируваат вестите од исток и од север та ќе тргне многу гневен за да го уништи и затре мноштвото. 45Ќе ги постави своите дворски шатори меѓу морето и Славната Света Гора. Ама и нему ќе му дојде крајот и никој не ќе му помогне.
Селектирано:
ДАНИЕЛ 11: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.