ДЕЛА 28
28
На Малта
1И кога се спасивме, дознавме дека островот се вика Малта. 2А домородците ни укажаа необично човекољубие; запалија оган и нѐ примија сите, заради дождот што паѓаше и заради студот. 3А кога Павле собра многу гранки и ги стави на огнот, излезе змија, натерана од горештината, и му се фати за раката. 4Домородците, кога видоа дека животното му виси на раката, си велеа еден на друг: „Овој човек секако е убиец: кој се спасил од морето, но и правдата не го остава да живее.“ 5Но тој ја истресе змијата во огнот и не му стана ништо лошо. 6А тие чекаа дека ќе отече или одненадеж да падне мртов. Откако чекаа долго, видоа дека не му се случи никакво зло, го сменија своето мнение и рекоа дека е бог.
7А околу тоа место се наоѓаше имотот на поглаварот на островот, по име Поплиј, кој нѐ прими и нѐ нагости љубезно три дена. 8И се случи Поплиевиот татко да лежи болен од треска и болки во желудникот. Павле влезе при него, се помоли, ги положи рацете на него и се исцели. 9По тој настан и други болни од островото доаѓаа и се исцелуваа. 10Тие ни искажаа и многу почести, а при заминувањето нѐ снабдија со сѐ што ни беше потребно.
Од Малта до Рим
11По три месеци отпловивме со еден александриски брод, што беше презимувал на островот и ги имаше Диоскурите како знак. 12И кога стигнавме во Сиракуза и останавме таму три дни, 13а оттаму пловејќи заобиколивме и стигнавме во Ригија; и кога по еден ден дувна јужниот ветер, дојдовме на идниот ден во Потиоли, 14каде најдовме браќа, кои нѐ замолија да останеме при нив седум дена. И така тргнавме за Рим; 15откако браќата, чуја за нас, ни излегоа во пресрет до Апиевата Ширина и до Трите Крчми. Кога Павле ги виде Му благодари на Бога и се охрабри. 16Штом влеговме во Рим, на Павла му беше дозволено да живее одделно, заедно со војникот, кој го чуваше.
Павлова проповед во Рим
17А по три дни, Павле ги повика јудејските првенци и кога се собраа, им рече: „Мажи браќа, иако не направив ништо против својот народ ни против татковските обичаи, мене сепак во Ерусалим ме предадоа окован во рацете на Римјаните, 18кои кога ме испитаа, сакаа да ме пуштат, зашто во мене немаше никаква вина, што би заслужувала смрт. 19Но бидејќи Јудејците му се спротивија на тоа, бев принуден да се повикам на ќесарот но не дека имав нешто за да го обвинам својот народ. 20Ете, затоа ве замолив да дојдете, да ве видам и да ви позборувам, зашто заради Израелевата надеж сум окован во овие вериги.“ 21А тие му рекоа: „Ние не примивме никакво писмо за тебе од Јудеја ниту ни дојде некој од браќата да нѐ извести или да рече нешто лошо за тебе. 22Но сакаме да чуеме од тебе што мислиш, зашто ни е познато дека насекаде зборуваат против оваа ерес.“ 23И така му определија еден ден и дојдоа при него мнозина од нив, во станот. И од утро до вечер, тој им излагаше за Божјото Царство со докази и ги уверуваше за Исуса и од Мојсеевиот Закон и од Пророците. 24И едни поверуваа во тоа што зборуваше, а другите не веруваа. 25Бидејќи беа несложни меѓу себе, почнаа да се разотидуваат, откако Павле им рече уште еден збор: „Добро им кажа Светиот Дух на вашите татковци, преку пророкот Исаија, 26велејќи: ‘Оди при овој народ и кажи му: ќе слушате и не ќе разбирате; ќе гледате и нема да видите; 27зашто закораве срцето на овој народ и со ушите тешко слушаат; а своите очи ги затворија, за да не гледаат со очите и да не слушаат со ушите; и да не разбираат со срцето; и да не се обратат и да не ги исцелам.’ 28Затоа, да знаете дека ова Божјо спасение им е испратено на народите, и тие ќе го чујат!“ 29Кога го рече тоа, Јудејците си отидоа, препирајќи се многу меѓу себе.
30А тој остана цели две години во својот стан, под наем, и ги примаше сите, кои му доаѓаа; 31и проповедајќи го Божјото Царство и учејќи за Господа Исуса Христа наполно слободно и без пречка.
Селектирано:
ДЕЛА 28: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.