ДЕЛА 26
26
1Тогаш Агрипа му рече на Павла: „Ти се дозволува да зборуваш за себе.“ И така Павле ја пружи раката и почна да зборува во своја одбрана: 2“Царе Агрипа, се чувствувам среќен, што можам да се бранам денес пред тебе, од сѐ што ме обвинуваат Јудејците; 3толку повеќе што ти ги познаваш добро јудејските обичаи и нивните препирки. Затоа те молам да ме ислушаш со трпение. 4Каков беше мојот живот од младини, што го поминав најпрвин меѓу својот народ во Ерусалим, тоа го знаат сите Јудејци, 5зашто ме познаваат од почетокот (ако сакаат да посведочат), дека живеев како фарисеј, според најстрогата следба на нашата религија. 6И сега стојам пред судот заради надежта во ветувањето, што Бог им го даде на нашите татковци, 7а за кое нашите дванаесет племиња се надеваат дека ќе го постигнат, служејќи постојано ноќе и дење. Заради таа надеж, царе, Јудејците ме обвинуваат. 8Зошто при вас се смета за неверојатно, дека Бог воскреснува мртви? 9И јас мислев дека треба да вршам многу нешта против името на Исуса Назареецот; 10што и го правев во Ерусалим; откако добив овластување од првосвештениците затворив мнозина од светите во темница, а кога ги убиваа давав глас за тоа. 11И многупати ги мачев во сите синагоги и ги принудував да хулат; и прекумерно разјарен против нив, ги гонев и по туѓите градови. 12Кога за тоа патував во Дамаск со власт и налог од првосвештениците, 13на сред бел ден, на патот, царе, видов светлина од небото, посилна од сончевиот блесок, која нѐ осветли мене и оние, кои патуваа со мене; 14и кога сите паднавме на земја, чув глас, кој ми зборуваше на еврејски јазик: ‘Савле, Савле, зошто Ме гониш? Тешко ти е да се риташ против остенот!’ 15А јас реков: ‘Кој си Ти Господине?’ Господ рече: ‘Јас сум Исус, Кого Ти го гониш. 16Но стани и застани на своите нозе; зашто затоа ти се јавив, за да те назначам за служител и за сведок како за ова што го виде, така и за она во кое ќе ти се Објавам; 17избавувајќи те од луѓево и од народите, при кои те праќам сега, 18за да им ги отвориш очите, и да се обрнат од темнината кон светлината; од сатанската власт кон Бога, и преку верата во Мене да примат опростување на гревовите и наследство меѓу осветените.’
19Затоа, царе Агрипа, не му бев непокорен на небесното видение; 20туку им објавив прво во Дамаск, потоа во Ерусалим и по целата Јудејска Земја, а и на народите, дека треба се покајат и да се обрнат кон Бога, вршејќи дела достојни за покајание. 21Затоа Јудејците ме фатија во Храмот и се обидоа да ме убијат. 22Но со помошта што ја добив од Бога стојам до денешниот ден и им сведочам на малото и на големото, не зборувајќи ништо друго освен она што Пророците и Мојсеј рекоа дека ќе се збидне: 23дека Христос ќе пострада и дека - како прв воскреснат од мртвите - ќе им навести светлина и на народот и на народите.“
24А кога го изнесе тоа во своја одбрана, Фест му рече со силен глас: „Безумствуваш Павле! Твоите многубројни писма те довеле до лудило!“ 25А Павле рече: „Не сум луд, честит Фесте, туку зборувам вистина и со здрав разум, 26зашто и царот, кому му зборувам слободно, знае за тоа. Имено, не верувам дека му е непознато нешто од ова, зашто ова не се збидна во некој агол. 27Им веруваш ли, царе Агрипа, на пророците? Знам дека им веруваш!“ 28А Агрипа му рече на Павла: „Со малку ли, сакаш да ме убедиш да станам христијанин!“ 29А Павле рече: „Би Го молел Бога, со малку или со многу, не само ти, туку и сите, кои ме слушаат денес, да станете такви каков што сум јас, освен овие окови.“ 30Тогаш стана царот и управителот, Верникија и сите, кои седеа со нив, 31и се повлекоа, и зборуваа меѓу себе, велејќи: „Овој човек не направил ништо, што заслужува смрт или окови.“ 32А Агрипа му рече на Феста: „Овој човек, можеше да биде ослободен, ако не се повикал на ќесарот.“
Селектирано:
ДЕЛА 26: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.