Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ДЕЛА 20

20
Во Македонија и Грција
1Кога стивна вревата, Павле ги повика учениците, ги посоветува; се прости со нив и тргна да отиде во Македонија. 2Откако ги помина оние краишта и ги ободри со многу зборови, дојде во Грција. 3Таму остана три месеци. Бидејќи Јудејците направија заговор против него, кога сакаше да отплови за Сирија, реши да се врати преку Македонија. 4И го придружуваа до Азија: Сосипатер Пиров од Берија, солунците Аристарх и Секунд, Гај од Дервија и Тимотеј, Тихик и Трофим од Азија. 5Тие отидоа напред и нѐ чекаа во Троада. 6А ние отпловивме од Филипи, после деновите на бесквасните лебови, и за пет дни дојдовме при нив во Троада, каде поминавме седум дена. 7А кога во првиот ден на седмицата се состанавме да раскршуваме леб, Павле разговараше со нив, зашто сакаше да замине утреден. Го продолжи словото до полноќ, 8а во горната соба, каде се бевме собрале, имаше многу светилки. 9А едно момче, по име Евтих, кое седеше на прозорецот, го фати длабок сон и тоа, додека Павле зборуваше подолго, совладано од сонот падна од третиот кат долу и го дигнаа мртво. 10Но Павле слезе, му се фрли, го прегрна и рече: „Не возбудувајте се, зашто неговата душа е во него!“ 11Потоа отиде горе, раскрши леб и јаде, и им зборуваше долго, сѐ до зората, и тогаш отпатува. 12А момчето го доведоа живо и се утешија многу.
13Ние тргнавме порано со бродот и отпловивме во Асос, откаде требаше да го земеме Павла, зашто така беше порачал, сакајќи да оди пеш. 14А кога се состана со нас во Асос, го зедовме и дојдовме во Митилин. 15И оттаму отпловивме и утреден дојдовме спроти Хиос; на другиот ден стигнавме во Самос, откако престојавме во Трогилија, на идниот ден дојдовме во Милит. 16Павле реши да помине покрај Ефес, за да не се задржи подолго време во Азија; зашто му се брзаше, ако е можно да биде за денот на Педесетница во Ерусалим.
Проштавање со ефеските старешини
17Од Милит Павле прати во Ефес да ги повикаат старешините на црквата. 18А кога дојдоа при него, им рече: „Вие знаете како го поминав со вас целото време, од првиот ден кога стапив во Азија, 19служејќи Му на Господа со сета понизност, со солзи и со искушенија, што ме најдоа од јудејските заговори; 20како не пропуштив да ви кажам сѐ што е полезно и да ве поучам и јавно и по домовите; 21сведочејќи им на Јудејците и на Грците покајание пред Бога и вера во нашиот Господ Исус.
22А сега, еве, врзан во Духот, одам во Ерусалим не знаејќи што ќе ми се случи во него. 23Освен што Светиот Дух ми сведочи, во секој град, велејќи дека ме чекаат окови и маки. 24Но мене ни најмалку не ми е за душата; само да го завршам радосно својот пат и службата, која ја примив од Господа Исуса: да го посведочам потполно Евангелието на Божјата благодат. 25И еве, сега знам дека сите вие, меѓу кои поминав проповедајќи го Царството Божјо, не ќе го видите веќе моето лице. 26Затоа ви сведочам во овој ден дека сум чист од крвта на сите вас; 27зашто не пропуштив да ви ја соопштам целокупната Божја намера. 28Внимавајте на себе и на целото стадо, во кое Светиот Дух ве постави за надгледувачи, за да ја пасете Божјата Црква, која Тој ја придоби со Својата крв. 29Јас знам дека по моето заминување, ќе навлезат меѓу вас свирепи волци, кои нема да го штедат стадото; 30а и од вас самите ќе станат мажи, кои ќе зборуваат изопачено, за да ги одвлечат учениците по себе. 31Затоа, бдејте и помнете дека три години - ноќе и дење - не прекратив да го советувам со солзи секој еден од вас!
32И сега ве препорачувам на Бога и на Словото на Неговата благодат, кое е во состојба да изградува и да даде наследство меѓу сите осветени. 33Сребро или злато или облека не посакав од никого. 34Самите знаете дека овие раце им послужија на моите потреби и на оние, кои беа со мене. 35Во сѐ ви покажав дека така треба да се трудите и да им помагате на немоќните, и да си спомнувате на зборовите на Господа Исуса, како Самиот што рече: ‘Поблажено е да се дава, отколку да се прима.’“ 36Кога го рече тоа, клекна на колена и се помоли со сите нив. 37Тогаш сите заплакаа гласно, и паднаа во прегратка на Павла и го целиваа; 38нажалени најмногу од зборот што го рече дека веќе нема да го видат неговото лице. И го испратија до бродот.

Селектирано:

ДЕЛА 20: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност