2 САМОИЛ 21
21
ПОСЛЕДНИ ГОДИНИ НА ДАВИДОВОТО ЦАРУВАЊЕ
21:1-24:25
А. Глад
1. Вина на Сауловата крвожедност
1Во Давидовите дни еднаш владеше глад три години едно по друго. Давид Му се обрати на Господа, а Господ му одговори: „Врз Саула и неговиот дом лежи крвна вина, зашто ги погуби Гаваонците.“ 2Тогаш царот ги повика Гаваонците да ги праша. Тие Гаваонци не им припаѓаа на Израелците, туку беа остаток од Аморејците, на кои што Израелците им се заколнаа со заклетва, ама Саул бараше да ги уништи во својата ревност за Израелците и за Јудејците. 3И Така Давид ги праша Гаваонците: „Што да сторам за вас и со што да ви дадам задоволство, за да го благословите Господовото наследство?“ 4Гаваонците одговорија: „Не бараме ние ни сребро ни злато од Саул и од неговиот дом, ниту ни е да биде погубен некој човек во Израел.“ На тоа Давид им рече: „Што ќе речете, ќе направам за вас.“ 5А тие му одговорија на царот: „Човекот кој нѐ сотруваше и кој смислуваше да нѐ уништи, за да не нѐ биде никаде во сето израелско подрачје, 6нека ни бидат предадени седум луѓе од неговите потомци, за да ги обесиме пред Господа во Саулова Гаваја на Господовата Гора.“ Царот одговори: „Ќе ви ги дадам.“
2. Бесење на семејства на Саулови потомци
7Царот го поштеди Мефивостеј, синот на Сауловиот син Јонатан, заради заклетвата пред Господа, што ги поврза, Давида и Јонатана, синот Саулов. 8Така царот ги зеде двата сина на Ресфа, ќерката на Ајин, која му ги роди на Саула, Армониј и Мефивостеј, и сите пет синови на Михала, Сауловата ќерка, која му ги роди на Адрил, синот Варзелаев, од Меола. 9Нив им ги даде на Гаваонците, а тие ги обесија на гората пред Господа. Така загинаа сите седум заедно, погубени во првите денови на жетвата, во почетокот на јачменовата жетва.
3. Погребение на Саул, на Јонатан и на обесените
10Ресфа, ќерката на Ајин, зеде вреќа и ја спростре за себе врз камен, од почетокот на јачменовата жетва сѐ додека не падна дожд од небото врз мртвите тела, и така не ги остави небеските птици да се спуштаат на нив дење ни полските ѕверови ноќе. 11Кога на Давида му соопштија што направила ќерката на Ајин Ресфа, Сауловата соложница, 12Давид отиде и ги зеде Сауловите коски и коските на неговиот син Јонатан од жителите на Галадскиот Јавис, кои ги беа однеле скришно од плоштадот во Вет Сан, каде што ги обесија Филистејците во оној ден кога Филистејците го поразија Саула на Гелвуја. 13Давид ги пренесе оттаму Сауловите коски и коските на неговиот син Јонатан па ги здружи со коските на погубените. 14И ги закопаа Сауловите коски и коските на неговиот син Јонатан со коските на погубените во Венијаминовата Земја, во Сила, во гробот на Сауловиот татко Кис. Откако исполнија сѐ што царот заповеда, Бог се смилува на земјата.
Б. Победи над Филистејци
15Еднаш пак почна војна меѓу Филистејците и Израелците. Давид отиде во бој со своите луѓе, та се бореа со Филистејците така што Давид се замори. 16Јасви Венов, еден од Рефаимовите потомци, чие копје беше тешко три стотини бронзени сикли и кој имаше на појасот нов меч, се фалеше дека ќе го убие Давида. 17Но на Давида му прискокна на помош Серуиниот син Ависај, тој го удри Филистеецот та го уби. Тогаш Давидовите луѓе се заколнаа, велејќи му на Давида: „Не ќе одиш веќе со нас во бој, за да не го угасиш Израелевиот светилник!“
18Потоа пак избувна војна со Филистејците во Гова; тогаш Хусанецот Сивехај го погуби Сафа, еден од Рефаимовите синови. 19Покрај тоа настана војна со Филистејците во Гова; тогаш Јаре-Орегимовиот син Елханан од Витлеем го погуби Гетеецот Голијат, кој имаше копјиште колку ткаачко вратило. 20Потоа избувна пак војна во Гат, каде што беше некој човек со висок раст: тој имаше на секоја рака и нога по шест прсти, и така дваесет и четири; и тој беше потомок на Рефаим. 21Кога почна да го хули Израел, го уби Јонатан, син на Давидовиот брат Сама. 22Тие четворица беа потомци на истиот Рефаим од Гат, а загинаа од Давидовата рака и од рацете на неговите слуги.
Селектирано:
2 САМОИЛ 21: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.