Лого на YouVersion
Икона за пребарување

2 САМОИЛ 18

18
2. Борба во Ефремова Гора
1Потоа Давид го изброи народот што беше со него и постави над нив илјадници и стотници. 2Потоа ја подели војската на три дела: едната третина му ја предаде на Јоава, втората третина на Ависај, а третата третина на Гетеецот Итај. Тогаш Давид му рече на народот: „И јас ќе дојдам со вас во војна.“ 3Но народот се спротиви: „Ти не смееш да одиш. Зашто ние и ако побегнеме, никој не ќе обрнува внимание на тоа, или ако загинеме и половина, не ќе се обрнува внимание на тоа; ама ти самиот вредиш колку десет илјади од нас. Освен тоа, подобро е да бидеш подготвен да ни помогнеш од градот.“ 4А царот им одговори: „Ќе направам сѐ што ви се чини добро.“ И царот застана покрај вратата, додека војската излегуваше по стотини и илјади. 5А на Јоава, на Ависаја и на Итаја им даде заповед: „Чувајте ми го младиот човек Авесалом!“ И сиот народ чу дека царот им заповеда така на своите војводи за Авесалома. 6Така војската излезе подготвена за бој пред Израел, и се зафати битка во Ефремовата Гора. 7Давидовите луѓе ја поразија израелската војска; и голем пораз беше во оној ден: дваесет илјади мртви. 8Бојот се рашири низ сиот оној крај, и повеќе луѓе голтна во тој ден гората отколку мечот.
3. Авесаломова смрт
9Авесалом им падна во рацете на Давидовите луѓе. Авесалом јаваше на мазга, а мазгата помина под гранките на голем даб, така што Авесаломовата глава се закачи за гранките, и тој остана висејќи меѓу небото и земјата, додека мазгата од под него замина натаму. 10Некој човек го виде тоа и му јави на Јоава, говорејќи: „Токму го видов Авесалома како виси на еден даб.“ 11А Јоав му одговори на човекот кој му го јави тоа: „Кога си го видел, зошто не го срамни на место со земјата? Тогаш мојата должност ќе беше да ти дадам десет сребрени шекели и еден појас!“ 12Ама човекот му одговори на Јоава: „И кога би ми изброил на дланката илјада сребрени сикли, не би кренал рака на царскиот син! Со свои уши чувме кога царот ви заповеда тебе, на Ависај и на Итај, велејќи: ‘Чувајте ми го младиот човек Авесалом!’ 13Да нападнев подмолно на него излагајќи го на опасност својот живот - зашто на царот ништо не му останува скриено - тогаш и ти би се држал настрана.“ 14А Јоав одговори: „Не ќе губам јас тука време со тебе!“ И зеде три стрели во раката и ги забоде во срцето на Авесалома, кој беше уште жив висејќи на дабот. 15Потоа пристапија десет момчиња, Јоавови штитоносци, и го дотолчкаа Авесалома и го усмртија.
16Тогаш Јоав заповеда да затрубат во рог, и војската прекрати да го гони Израел, зашто Јоав ја запре војската. 17Потоа го зедоа Авесалома, го фрлија во длабока јама сред гората и навалија врз неа голем куп камења. Израелците пак избегаа секој во својот шатор. 18Авесалом уште додека беше жив си постави споменик во Царевата Долина, зашто мислеше: „Немам син кој би го запазил споменот за моето име.“ И го нарече тој споменик според своето име, та уште и денес се вика „Авесаломов Споменик.“
4. Ахимас го известува Давида
19Ахимас, Садоковиот син, му рече на Јоава: „Одам да му ја соопштам на царот веселата вест дека Господ му додели правда, откако го избави од рацете на неговите непријатели.“ 20Ама Јоав му рече: „Денес не можеш да бидеш гласник, туку тоа ќе бидеш во некој друг ден; денес не можеш да однесеш добра вест, зашто загина царевиот син.“ 21Потоа Јоав му нареди на Етиопецот: „Оди и соопшти му на царот што виде!“ Етиопецот му се поклони на Јоава и отрча. 22А Садоковиот син Ахимас пак го замоли Јоава: „Што и да се случи, дозволи ми да отрчам и јас по Етиопецот.“ А Јоав праша: „Зошто би трчал, сине мој, кога таа вест нема да ти донесе награда?“ 23А тој повтори: „Што и да се случи, ќе трчам!“ А Јоав му одговори: „Трчај!“ И Ахимас отрча низ рамницата и го престигна Етиопецот.
24Давид токму седеше меѓу две градски врати, а стражарот беше качен на покривот на вратата. Подигнувајќи ги очите, стражарот согледа човек како што трча сам. 25Стражарот извика и му соопшти на царот, а царот рече: „Ако е сам, носи вест во устата.“ Човекот доаѓаше сѐ поблизу. 26Тогаш стражарот здогледа друг човек како трча. И извика стражарот кој беше над вратата: „Еве уште еден човек, кој трча сам!“ А царот одговори: „Тој е гласник.“ 27Стражарот продолжи: „Го препознавам трчањето на првиот човек: трча како Садоковиот син Ахимас.“ А царот одговори: „Тој е добар човек, доаѓа со добра вест.“
28Ахимас се доближи до царот и го поздрави: „Здраво!“ Се фрли со лицето на земјата пред царот и продолжи: „Благословен да е Господ, твојот Бог, Кој ги напушти луѓето што дигнаа раце против мојот господар и цар!“ 29А царот праша: „Дали е живо момчето Авесалом?“ А Ахимас одговори: „Видов голема врева кога царевиот слуга Јоав го испраќаше твојот слуга, ама не знам што беше.“ 30Царот му рече: „Отстапи и застани таму!“ Тој отстапи и застана.
31Тогаш стигна Етиопецот и проговори: „Нека мојот господар цар ја прими добрата вест. Господ денес ти даде правда откако те избави од рацете на сите оние кои што се дигнаа против тебе.“ 32А царот го праша Етиопецот: „Дали е живо момчето Авесалом?“ А Етиопецот одговори: „Нека непријателите на мојот господар и цар и сите кои се подигнаа против тебе со лоша намера - поминат како тоа момче!“ 33Царот се возбуди, се искачи во горницата над вратата и заплака; липајќи зборуваше вака: „Сине Авесаломе, сине мој! Сине мој Авесаломе! Ох, да умрев јас место тебе! Авесаломе, сине мој, сине мој!“

Селектирано:

2 САМОИЛ 18: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се