Лого на YouVersion
Икона за пребарување

2 ЦАРЕВИ 6

6
6. Натамошно служење на Елисеј
а. Вадење на секира потоната во вода
1Пророчките синови му рекоа на Елисеј: „Ете, тесно ни е местото кај тебе. 2Туку да отидеме до Јордан, па таму секој да земеме по греда и да си направиме таму живеалиште.“ Тој одговори: „Одете!“ 3Еден од нив му рече: „Благоволи да дојдеш со своите слуги.“ Тој одговори: „Ќе дојдам.“ 4И тргна со нив. Кога дојдоа до Јордан, почнаа да сечат дрва. 5А додека еден од нив ја делкаше гредата, секирата му падна во водата, и тој викна: „Ах, господару! И уште беше позајмена!“ 6А Божјиот човек праша: „Каде падна?“ Оној му го покажа местото. Тогаш тој пресече дел од дрво, го фрли на она место и направи секирата да исплива. 7И рече: „Извади ја!“ И човекот ја протегна раката та ја зеде.
8Арамејскиот цар беше во војна со Израел, се посоветува со своите придворници и рече: „Подигнете логор на тоа место.“ 9Но Елисеј му порача на израелскиот цар: „Чувај се од она место, зашто Арамејците се влогорија таму.“ 10И израелскиот цар ги предупреди луѓето за местото за кое му рече Божјиот човек. Тој ги предупредуваше, а царот се пазеше; а тоа стана повеќе пати.
б. Елисеј му открива на Јорам тајни на Арамејци
11Срцето на арамејскиот цар се вознемири заради тоа, па тој ги повика своите придворници та ги праша: „Не сакате ли да ми речете кој од нашите му поткажува на царот на Израел?“ 12Еден од придворниците одговори: „Не, господару цару; Елисеј, Израелевиот пророк, му ги открива на израелскиот цар зборовите што ги кажуваш во својата спална.“ 13Тој рече: „Отидете и видете каде е, та веќе ќе испратам да го фатат.“ И му јавија: „Ене го во Дотан.“
14Тогаш царот испрати таму коњи, коли и силни чети. Тие стигнаа ноќе и го опколија градот.
15Наутро, откако стана Божјиот човек, излезе, а ете околу градот стои војска со коњи и коли! Неговиот момок му рече: „Ах, господару мој, што ќе правиме?“ 16А тој одговори: „Не бој се, зашто ги има повеќе со нас, отколку со нив.“ 17И Елисеј се помоли вака: „Господи, отвори му ги очите да види!“ И Господ му ги отвори очите на момокот, и тој виде: гората околу Елисеј сета покриена со огнени коњи и со коли!“ 18Кога Арамејците слегоа спрема него, Елисеј Му се помоли на Господа вака: „Порази ги со слепило овие луѓе!“ И на Елисеев збор ги удри со слепило. 19Елисеј им рече: „Ова не е патот и ова не е градот. Тргнете по мене, јас ќе ве одведам кај човекот што го барате.“ Но ги одведе во Самарија.
г. Елисеј одведува заслепени Арамејци во Самарија
20Кога влегуваа во Самарија, Елисеј рече: „Господи, отвори им ги на овие очите за да прогледаат.“ Господ им ги отвори очите, и тие видоа дека се среде Самарија! 21Кога ги виде царот на Израел, му рече на Елисеј: „Дали треба да бидат погубени, татко мој?“ 22А тој одговори: „Немој да ги убиваш. Зар ќе ги убиеш оние што не ги зароби со својот лак и меч? Дај им леб и вода, за да јадат и да пијат, и нека се вратат при својот господар.“ 23Царот им даде голема гозба. Откако јадеа и пиеја, ги пушти. И се вратија при својот господар. И така арамејските грабачи веќе не навлегуваа на израелска почва.
д. Елисеј и опсада на Самарија
24После тоа арамејскиот цар Вен-Адад, ја собра сета своја војска и се искачи и ја опколи Самарија. 25И стана голем глад во Самарија, а опсадата потраја толку што ослева глава чинеше осумдесет шекели сребро, а четвртинка кав од гулабовата нечистота пет шекели сребро. 26Кога царот поминуваше по ѕидот, некоја жена му викна: „Помогни, господару цару!“ 27Тој одговори: „Господ нека ти помогне! Како ќе ти помогнам јас? Со нешто од гумното или од кацата?“ 28Уште ѝ рече царот: „Што ти е?“ Таа одговори: „Оваа жена ми рече: ‘Дај го својот син за да го изедеме денес, а утре ќе го изедеме мојот!’ 29Го сваривме мојот син и го изедовме. А утреден ѝ реков: ‘Дај го твојот син за да го изедеме.’ Но таа го скри својот син.“ 30Кога царот ги чу зборовите на таа жена, ги раскина облеките врз себе. И кога одеше по ѕидот, народот виде дека има вреќиште на телото. 31И тогаш царот рече: „Господ нека ми го направи ова зло и нека ми додаде друго ако главата на Елисеј, синот Сафатов, остане врз неговите раменици денес!“
32Елисеј седеше во својата куќа, и старешините седеа со него. Царот испрати пред себе гласник, но Елисеј им рече на старешините, пред да стигне гласникот до него: „Гледате ли дека оној крвнички син нареди да ми ја земат главата? Внимавајте: кога гласникот ќе стигне, затворете ја вратата и одбијте го од вратата. Не слуша ли се тропот на чекорите на неговиот господар по него?“ 33Додека уште им зборуваше, гласникот стапи пред него и му рече: „Ете, оваа неволја е од Господа! Што да чекам уште од Господа?“

Селектирано:

2 ЦАРЕВИ 6: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се